СРАМНИ ЗАМАЈУВАЊА НА УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН
Најтешка измама и манипулација е кога некој свесно ве доведува во заблуда. Токму тоа го направи и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзиното обраќање во Собранието, на 14/7/2022. Со игра на зборови, со намерно непрецизни формулации и генерални констатации, таа зборуваше на начин кој аматери не го разбираат и затоа нашите предавници дури и и’ аплаудираа. Да ја цитираме – “Нема сомнение дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа“. Тоа е нешто што никој нормален не може да го оспори. Чии е јазикот, ако не е наш? Додека Софија не наметне друго решение, коешто е на пат, немаат избор, освен да го почитуваат. Утредента, меѓутоа, портпаролката на Лајен веќе ни кажа дека нејзината шефица не правела недоветни. Рече – “Тоа е јазикот што го користат луѓето во Македонија, кој таа (Лајен) го нарекува македонски“!? Поголемо безобразие и подиректно негирање на македонскиот јазик, здравје. Замислете некој да каже дека луѓето во Франција зборуваат јазик кој се нарекува – француски!? Лајен спомна и Македонци, ама не и македонски народ, што исто така кажува се’.
Лајен директно не замајува кога ни тврди дека – “Затоа, во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ“!? Факт е дека немаа на располагање никаква друга опција, а не може да биде поинаку, бидејќи би игнорирале една суверена држава и нејзиниот Устав, каде е впишан македонскиот јазик. Сепак, тоа ништо не значи ниту некого нешто обврзува. Во преговарачката рамка пишува – “Македонија ќе треба навреме да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски пред пристапувањето…“. Тоа воопшто не значи дека македонскиот јазик е прифатен во ЕУ, без никакви фусноти! Впрочем, каква квалификација може да стави ЕУ? Таа ќе следи, а сега само не подготвуваат. Брисел само констатира нешто што е, барем засега неспорно, а не може на никаков друг начин да ја дефинира спомнатата процедура на превод. Ние друг јазик – немаме.
Како доказ дека сето тоа ништо не вреди, потврдува “Воведната изјава на ЕУ за отворањето на пристапните преговори“, во која стои: “Во однос на преводите на (acquis) правото на ЕУ на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“! Што кажува тоа? Прво, дека Брисел прифаќа и го регистрира македонскиот јазик како проблем. Второ, со оваа формулација, на Софија и се отвора голем маневарски простор за понатамошно негирање на македонскиот јазик. Трето, во Унијата се одлучува со консензус и Софија секаде ќе се повикува на својата декларација веќе прифатена во Унијата, и ќе мавта дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Четврто, за тоа имаат и наша согласност бидејќи тие изјавија дека до 1944 година немало македонски јазик и тој е дијалект на бугарскиот, а ние сме го потврдиле тоа изјавувајќи дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година. Или, со други зборови, сме се согласиле дека македонскиот јазик не постоел до 1944 година. Со нашата налудничава согласност, Софија доби максимални можности да манипулира со македонскиот јазик, којшто ќе биде предмет на тешки следни недоразбирања. ТРЕБА ПОД ИТНО ДА СЕ БАРА ОБЈАВУВАЊЕ НА ДВЕТЕ ИЗЈАВИ.
Фон дер Лајен, реди и други монструозни измислици. Рече – “Предлогот го почитува и вашиот национален идентитет. Принципот на самоидентификација е особено важен за секој од нас“. Каков апсурд: европската претседателка уверува – се почитува вашиот национален идентитет?! Зарем до таму стигнала Унијата? Да тврди дека нема да доведат во прашање нечии идентитет?! Впрочем, ако немаат намера да го газат македонскиот, зошто би го тврделе тоа? Кој си ја има мувата на капата… Да се реафирмира денес самоидентификацијата, нешто што било проблем пред 100 години е, најмалку – срамота. Ова потврдува дека во Брисел се целосно свесни за се’ што ни прават и затоа во очи не лажат.
Фон дер Лајен додаде уште една опасна лага – “билатералните прашања, како што е толкувањето на историјата, не се услов во пристапните преговори“! Во член 5, од “Преговарачката рамка“, меѓутоа, се вели дека напредокот ќе се цени според – “… посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување на видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и со Грција и Бугарија, КАКО И ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ СПОРЕД ЧЛЕН 12…“!? А, “годишните прегледи“ со Бугарија или, поточно – “записници“ (ќе) се однесуваат само на работата на историската комисија. Тоа прецизно предодредува доминација на историјата во процесот на преговори за членство на Македонија. Можеби, госпоѓа Лајен и не знае дека комисијата е формирана со единствена цел да ги избрише Македонците како народ и да ги бугаризира што, во никој случај, не ја оправдува. Се’ што таа зборуваше во Собранието, беше дијаметрално спротивно на “францускиот“ предлог, зад кој стои нејзината Комисија, а во којшто доминира бугарски национал – шовинистички вкус. Лајен греши, или свесно лаже, и дека нејзината Комисија секогаш била на наша страна. Точно е – никогаш. Освен кога 30 години, крајно непринципиелно, ја поддржуваше Атина за нашето име. И сега, кога стои зад фашизмот што воскресна во Софија.
Ако е точно сето ова што го тврди претседателката, ЗОШТО тогаш, на пример, во “ПРЕДЛОГ ЗАКЛОЧОЦИТЕ НА СОВЕТОТ“: во точка 2 – се бара “видливи резултати од договорите со Бугарија и Грција; во точка 3 – “се поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на меѓувладината комисија со Бугарија“ (кој не е одржан); во точка 4 – се бара приоритетно да се вклучат Бугарите во нашиот Устав; во точка 5 – се повикува на “Воведната изјава на ЕУ“, каде што се доведува во прашање македонскиот јазик; во точка 6 – се заклучува дека преговорите ќе започнат по промената на нашиот Устав (што е тешка и неприфатлива уцена) и само, во последната, точка 7 – се бара од Комисијата да “продолжи да го проценува степенот на подготвеност на Македонија за отворање на преговори во одредени области“. ЗОШТО СИТЕ ЗАКЛУЧОЦИ НА СОВЕТОТ се сведуваат на бугарските фантазмагории зад коишто сега, како што гледаме – стои Унијата? Каде се реформите? Каде се борбата против корупцијата, средување на судството…? ЗОШТО ЦЕЛОСНО СЕ ПОДДРЖУВААТ политичките синдроми на Софија, со кои сакаат да ги избришат Македонците како одвоен народ?
Да го спомнеме и член 35 од “Преговарачката рамка“, којшто само потврдува дека бугарските шизофрении доминираат во неа. Се вели – “Македонија преку инклузивен процес ќе усвои Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата…, меѓу другото… ЗА БОРБА ПРОТИВ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА, ОБРАЗОВАНИЕ, ВОСПОСТАВУВАЊЕ ЕФЕКТИВНИ МЕРКИ, МЕХАНИЗМИ ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ И ИДЕНТИФИКУВАЊЕ НА СООДВЕТНИ ОДГОВОРНИ ИНСТИТУЦИИ. Спроведувањето на овој патоказ и Акциски план ПОСТОЈАНО ЌЕ СЕ СЛЕДИ И РЕДОВНО ЌЕ СЕ РАЗГЛЕДУВА НА МЕЃУВЛАДИНИТЕ КОНФЕРЕНЦИИ ВО ТЕКОТ НА ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС“!? Може ли некој да се сомнева дека ова е напишано во Софија? Како, одеднаш, говорот на омраза стана европски проблем и е само наша специфика? А образованието? Ќе треба ли веднаш да отвориме бугарски гимназии и факултети, ако не и универзитети?
На крај, и таа ни повтори – “одлуката е ваша и само ваша“, за да додаде – “Станува збор за патот што вие го избравте. Како што го избравте и претходно со Охридскиот рамковен договор и договорот од Преспа…“. Може ли таа да не знае дека двата договори ни беа наметнати, едниот со НАТО агресија од Косово, а вториот со жестоко американско силување, за да не пикнат во алијансата, што беше нивни интерес? Изборот е навистина наш, ама само ако го прифатиме нивниот фашизоиден диктат смислен во Софија, и ако ги исполниме нивните уцени и ултиматум, каков што е тој за претходната промена на Уставот. Може ли некој во Брисел да ни објасни – а, зошто Македонија мора прво да го менува Уставот и во него да внесе не постоечки Бугари, а никој од таму да не се сети дека во Бугарија има стотици илјади Македонци, без никакви права? Нели нивниот суд за човекови права од Стразбур има 14 пресуди во корист на Македонците, коишто Софија бесрамно ги игнорира? Или, како ќе внесуваме Бугари во Уставот заедно со Македонци, кои Софија не ги признава дека постојат? Зошто тоа не му пречи на Брисел? Но, тоа се високи филозофии за коишто Брисел се’ уште не е зрел да ги разбере. Впрочем, зошто тие би размислувале пошироко, кога нашле утки коишто прифаќаат се’…
Пишува: Ристо Никовски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата ќе ги покачува пензиите непосредно пред…
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска…
Дали ДПМНЕ го награди Максим со 243…
Од унгарскиот кредит од 50 милиони евра,…
Николоски: ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ ОСВОИ ОД 0 ДО…
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски…
Ужас во Охрид: Автомобил влета меѓу пешаци…
Стравична сообраќајка вечерва ја потресе Охрид –…
Сите ја плаќаме цената на иранските напади,…
Бенјамин Нетанјаху кажа дека целиот израелски народ…