Објавено на:

Столтенберг дециден: Нема да дозволиме Русија да нѐ уценува

t

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика земјите-членки да дадат уште поголема воена помош за Украина. Во емисијата Конфликтна зона на ДВ оценува и дека опасноста од употреба на нуклеарно оружје е мала.

Јенс Столтенберг зборуваше на Форумот за надворешна политика на фондацијата Кербер во Берлин. Ова се драматични времиња за Европа, за НАТО, за Германија. Војната во Украина ескалира со руските воздушни напади врз украинските градови и зголемените нуклеарни закани од Москва.

Но Столтенберг е сигурен дека „Путин нема да успее“ да ја скрши волјата на украинскиот народ за борба. Со западна воена помош, пресретнати се многу руски ракети и беспилотни летала, рече Столтенберг и ги пофали системите за противвоздушна одбрана што ги испорача Германија.

Благодарение на поддршката од странство, рускиот марш кон Киев беше запрен, Русија не ја постигна очекуваната воздушна супериорност над Украина, а Украина успеа да врати некои области на исток и на југ, рече шефот на НАТО и ги предупреди и сојузниците дека треба да истраат. Земјите-членки треба да „даваат помош колку што е потребно и онолку долго колку што е потребно“.

Воениот придонес на Германија често беше критикуван како недоволен. Пред сѐ, украинската влада сака германски борбени тенкови Леопард 2, кои германската влада досега одбиваше да ги испорача.

Столтенберг го избегна прашањето дали Германија сега треба да испорача тенкови Леопард 2, но осврнувајќи се на НАТО како целина, истакна:

„Сите ние сега треба да направиме повеќе“. И не само да се снабдува повеќе, туку и да го „стимулираме производството за да ги надополниме нашите залихи“.

Според Столтенберг, не треба да се занемарат ни сопствените капацитети за одбрана.

Рускиот претседател Путин порача дека украинските територии неодамна анектирани од Кремљ сега се „под руска нуклеарна заштита“.

Но „ризикот од употреба на нуклеарно оружје против Украина е мал“, рече шефот на НАТО, а „НАТО е подготвено за сите можни ситуации“.

„Во нуклеарната војна нема победник“, рече тој.

Столтенберг им порача на Путин, Украина и сојузниците во НАТО:

„Нема да дозволиме Русија да нѐ заплашува или уценува“. Со заканите Путин сака само да ја прекине поддршката за Украина, рече тој и дополни: „Ако го направиме тоа, претседателот Путин ќе победи во Украина. А ако победи, тоа ќе испрати многу опасна порака до сите авторитарни лидери дека, ако користат груба сила и го прекршуваат меѓународното право, ќе ги постигнат своите цели.“

Ако е нападната земја на НАТО, во Москва не би требало да има сомнеж: „Се разбира, тоа ќе го активира членот 5, клаузулата за колективна одбрана“. Поради ова, и трупите на истокот на НАТО се засилени и ставени во готовност. „Ова не го правиме за да предизвикаме конфликт, туку за да спречиме конфликт.“

Столтенберг, исто така, ја спомена и „сè поагресивната Кина“. Осврнувајќи се на можна кинеска инвазија на Тајван, генералниот секретар на НАТО рече:

„Никогаш не е прифатливо една земја да се обидува да узурпира територија на друга земја“. Кина треба „барем да ја осуди“ војната против Украина.

Дали Путин треба да исчезне за да се најде решение за оваа војна? Столтенберг избегна да одговори на ова прашање. НАТО ќе одговори на руските дејствија без разлика кој е таму на власт. Но тој даде индиректен одговор:

„Путин ја почна војната“.

И не смееме да заборавиме:

„Ако Путиновата Русија престане да се бори, ќе има мир. Ако Украина престане да се бори, таа ќе престане да постои како независна држава“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Њујорк Тајмс“: Иран бара од Русија напредни…

Иранската влада побарала од Русија напредни радари…

Кулеба ќе ги убедува африканските држави да…

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, ќе…

Зеленски: Русија минатата недела употребила над 600…

„Руската борбена авијација, со сите средства, мора…

Сијарто: Прекинот на транзит на нафта од…

Министерот за надворешни работи и надворешни економски…

Русија ќе обезбеди поддршка за Северна Кореја…

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му порача…