Тажна приказна: Една третина од македонското земјоделско земјиште тоне во плевел, тракторите неефикасни, нивите се мали и расцепкани
Македонскиот земјоделец се качува на трактор, па малку ора, па го гаси моторот и го вози тракторот до другата нива, каде ја продолжува постапката. Вака карикирано изгледа еден просечен ден во работната сезона, за оние фармери кои имаат повеќе мали ниви, кои се оддалечени од 500 до 2.000 метри, па дури и се наоѓаат во различни катастарски општини!
Згора на тоа, површините се најчесто со неправилна форма, што ја комплицира обработката на земјиштето и ја ограничува употребата на модерна механизација и производствени технологии. Во Македонија, просечната големина на парцелите во приватна сопственост е 0,32 хектара, а на парцелите во државна сопственост 0,56 хектари. Просечната големина на фармите е 1,8 – 1,9 хектари за разлика од просекот на ЕУ кој изнесува 16,6 хектари. Малите земјоделски имоти се расцепкани на пет или повеќе парцели. И ако кај нас се уште се работи исклучиво на окрупнување на парцелите и што се смета за релативно нов процес, за европските земји, консолидацијата, која има 100-годишна традиција, се фокусира на пошумување, менување текови на реки и заштита на археолошки подрачја.
Консолидацијата, според ФАО, подразбира не само окрупнување на земјиштето, туку и зголемување на стопанствата, а се прави онаму каде што ќе се утврди дека треба и дека е возможно, не во секое село. Притоа, особено се води сметка да бидат испочитувани и запазени сите законски обврски.
-Кога почнувавме со консолидацијата, ни велеа: „Никогаш нема да успеете да ги натерате Македонците да се договорат за нешто“. Тоа беше едниот аспект, а вториот се однесуваше на немањето доверба во државата. „Не ви веруваме“, отворено кажуваа земјоделците. По долг период, ситуацијата на терен е драстично променета. Откако ги увидоа практичните аспекти на консолидацијата и се уверија дека никој не сака да ги оштети, земјоделците го сменија мислењето – посочуваат експертите од ФАО.
Првиот десетгодишен стратешки период е зад нас, а резултатите се – консолидирани околу 3.000 хектари од проценетите 40 до 50.000 хектари, кои добија приоритет. Во моментот се подготвува и новата стратегија за консолидација, до 2030 година.
Експертите од ФАО, го третираат овој процес многу внимателно, се прават длабински анализи и многу се разговара со сопствениците на парцелите.
-Никој не сака и нема да ги оштети земјосопствениците, а дел од нив тоа веќе многу добро го знаат. Останатите, преку практичната консолидација се уверија во тоа. И увидоа дека сите ниви имаат инфраструктура – патишта, канали за одводнување и наводнување, дека земјиштето доби на квалитет (меѓу другото, се прават и педолошки, почвени анализи), цената му се зголемува – формата му е подобра, поголемо е, погодно за поголемо производство и модернизација, што автоматски значи и дека се продава поскапо. Сега веќе не прашуваат „зошто немаме пат до нивата или одводнување“, туку „зошто нема по неколку хидранти“, што е одлично и голем прогрес – објаснуваат од ФАО.
Порано, воопшто не постоеше законска рамка за модерна консолидација.
– Дефинитивно се менува менталитетот на земјоделците кои порано беа „принудувани“ на колективизација, комасација, арондација. Затоа и со задршка влегуваат во разговори за земјишните реформи што е сосема разбирливо. При консолидацијата не е најважно само земјиштето да биде окрупнето, туку тоа треба да биде продуктивно, со модернизирано, конкурентно производство. Ова посебно се однесува на нашето претстојно членство во ЕУ каде ќе се соочиме со сериозна компетитивност – оценуваат од МЗШВ и од ФАО.
Инаку, просечната стапка на напуштеност на земјиштето во Македонија е 32 отсто, со голема варијација меѓу регионите. Тоа значи дека една третина од нивите не се користат и тонат во плевел. Иселувањето е причина што најмногу такви површини има во крајниот исток и крајниот запад од државата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Две куќи, стан, градежно земјиште и златен…
Министерот за здравство, Арбен Таравари, има две…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
Исплатени 298 милиони денари дополнителни субвенции за…
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…