„Тепачка“ во Вреди за министерски места

t

Коментарите се дека апетитите на функционери од Алтернатива ја претставуваат Вреди како несериозен партнер пред Мицкоски бидејќи цел месец не можат да договорат предлози за пополнување на испразнетите места на „Илинденска“.

Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека до утре ќе ги добие предлозите од владиниот партнер Вреди за пополнување на испразнетите места во Владата откако по локалните избори Изет Меџити стана градоначалник и дека до крајот на неделава новите министри ќе се најдат во Собранието пред пратениците. Во Вреди, пак, никако да се усогласат кои кадри да седнат во кабинетот на Мицкоски, а главната збрка ја прави Алтернатива. Од друга страна, денеска во Владата се очекува да поминат и предлозите за повереници во четирите општини во кои на 11 јануари повторно ќе има избори за градоначалници.

– Мислам дека до утре ќе се финализираат сите работи и очекувам дека до крајот на неделата ќе ги доставам до Собранието. Кога ќе биде сѐ конечно, ќе ги знае јавноста – рече Мицкоски прашан за кадровските решенија за прв вицепремиер и за министер за животна средина.

Функционер од Вреди за „Слободен печат“ брифира дека Алтернатива е главниот проблем зошто сè уште нема предлози до Мицкоски за прв вицепремиер и за министер за животна средина. Според нашите информации, Алтернатива има преголеми апетити за учество во извршната власт кои не соодветствуваат со политичката моќ на терен и со веќе договорениот сооднос за учество во Владата меѓу коалициските партнери од Вреди. Алтернатива веќе го промовира пратеникот Беким Сали за функцијата прв вицепремиер, но инсистирањето на Мицкоски дека тој треба да раководи и со ресор им создава главоболка. Првичната опција во Вреди беше Сали да биде прв вицепремиер за добро владеење, на местото на Арбен Фетаи, од фракцијата на Алијанса за Албанците, кој, пак, требаше да ротира за министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани од Алтернатива. Муртезани, пак, да биде новиот заменик министер за одбрана. Тоа место остана испразнето откако од Владата замина Алијанса предводена од Арбен Таравари. За министер за животна средина Меџити од Демократското движење треба да пресече меѓу Мухамед Хоџа, поранешен портпарол на владата на Димитар Ковачевски, и Недим Рама, поранешен шеф на кабинетот на Меџити во ресорот екологија. Проблем е што Алтернатива освен што добива позиција на прв вицепремиер, не ја дава фотелјата на Муртезани. Ова им преседнало на партнерите во Вреди, односно Фетаи, кој без проблем ја прифатил ротацијата од добро владеење да оди во европски прашања, соопштил дека ако Алтернатива не прифаќа, тогаш Сали нека биде прв вицепремиер и министер за европски прашања.

Но, ни Муртезани не сака од министер да стане заменик-министер. Коментарите се дека апетитите на функционери од Алтернатива ја претставуваат Вреди како несериозен партнер пред Мицкоски бидејќи цел месец не можат да договорат предлози за пополнување на испразнетите места на „Илинденска“. Премиерот по вторпат најави дека до крајот на неделава Собранието ќе ги избере новите министри откако имињата на новите функционери требаше да се најдат на маса кај Мицкоски минатата недела.
Мицкоски денеска рече дека на владина седница треба да поминат четирите повереници за општините Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и за Центар Жупа, кои не избраа градоначалници бидејќи не беше постигнат потребниот цензус. Според информации од Вреди, кавга и несогласувања имало и за предлогот за поверениците. На повторените избори во Гостивар во јануари, за да може Вреди да му парира на Валбон Лимани кандидат од опозициската Алијанса за Албанците предводена од Таравари, паднал предлог за повереник да биде назначен министерот за здравство Азир Алиу од фракцијата на Алијанса на Фетаи. Алиу категорички го одбил како несериозен предлогот да биде повереник бидејќи пред пет месеци седнал во фотелјата за здравство и дека нема познавања за раководење со општина. Намерата била Алиу како повереник да биде и кандидат за градоначалник на Гостивар од Вреди и со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ да му го земат Гостивар на Таравари. Но ваквата комбинација пропаднала. На Вреди ѝ треба силен кандидат против Лимани бидејќи тој на изборите на 19 октомври го остави противкандидатот со разлика од четири спрема еден. Ова навестува интересна трка за градоначалник на Гостивар, бидејќи и Зијадин Села откако ја напушти НАИ предводена од ДУИ, најави дека неговата Алијанса можно е да истрча со свои кандидати за Гостивар и за Врапчиште.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Тепачка“ во Вреди за министерски места

Коментарите се дека апетитите на функционери од…

Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени…

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на…

Од утре до сабота ќе преовладува претежно…

Под влијание на циклонска активност од утре…

Мицкоски за дивоградбите во Чаир: Немам што…

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека нема…

Евростат: „Прагот на ризик од сиромаштија“ е…

Индикаторот „ризик од сиромаштија“ го покажува уделот…