Тепиќ и Алексиќ бараат од РТС да ги вклучи во Дневник 2: Граѓаните имаат право да знаат за епската кражба во Србија

t

По синоќешното гостување на српскиот претседател Александар Вучиќ на РТС кој говореше за изборните резултати, денеска Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ, носителите на листата „Србија против насилството“, кои започнаа штрајк со глад во зградата на Републичката изборна комисија (РИК), побараа исто така од РТС да ги вклучи во Дневник 2 за граѓаните да бидат информирани за изборните кражби, јави дописникот на МИА од Белград.

-Две третини од граѓаните на Србија немаат поим што се случи на изборите во неделата, каква епска кражба е направена, дека не се согласуваме со тоа и дека Александар Вучуќ го менува народот. Овој феномен не беше само во Белград, беше низ цела Србија, но најдрастичен беше во Белград, рече Мариника Тепиќ на прес-конференција пред зградата на РИК.

Таа посочи дека листата „Србија против насилството“ не прифаќа злоупотреби и кражби, поради што побара изборите да се поништат.

-Јас и Мирослав Алексиќ штрајкувавме со глад до поништување на изборите… Бараме, инсистираме РТС да не вклучи во централниот Дневник 2 за да ги кажеме нашите ставови како најголема опозициска партија. Ако Вучиќ можеше да влезе во РТС и да разговара половина час и да се исмева со нашиот штрајк со глад и нашите резултати, побаравме РТС да не вклучи во вечерашниот Дневник за граѓаните да можат макар дел да слушнат, кажа Тепиќ и додаде дека дел од изборната кражба е извршена со држење на граѓаните во медиумска темнина.

Мирослав Алексиќ изјави дека има доволно докази дека во неделата е сменета изборната волја на граѓаните.

Тој рече дека не е потребна истрага, бидејќи самите учесници објавувале на социјалните мрежи. Тој ги покажа објавите на политичарите од Република Српска, кои гласаа и на парламентарните и на локалните избори во Белград.

-И тие луѓе кои беа донесени во Арена во Белград и другите собирни центри се регистрирани и од наши луѓе, имаме видео снимки, имаме нивни изјави, сето тоа го доставивме до РИК и ГИК и очекуваме поништување на изборите, бидејќи грубо е прекршена изборната волја. Тоа не се однесува на изборните резултати, резултатот што го освоивме е таков, каков што е, но во услови во кои не може да се каже дека е можно да се одржат слободни избори, рече Алексиќ.

Тој повтори дека изборите мора да се поништат и да се распишат нови.

Тепиќ и Алексиќ изјавија дека ќе поднесат по еден приговор до Градската изборна комисија на Белград во кој ќе бидат сублимирани сите докази што ги имаат за изборни нерегуларности, а ќе поднесат и приговори до РИК за нерегуларности на парламентарните избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Зеленски: Поддршката од Русија за Иран ја…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека одбраната…

Украинската армија доби нов командант

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи…

Експлозија во резиденцијата на норвешкиот амбасадор во…

Експлозија се случила вечерва во резиденцијата на…

ПДПР со демант и објаснување на денешниот…

Реакција и демант По повод видеото што…

Макрадули: Секогаш кога ДПМНЕ е на власт…

*Објава на Фејсбук на Јани Макрадули: -…