Течат роковите за формирање на Владата

t

Минатиот четвртокот мандатарот Христијан Мицкоски го доби мандатот за формирање на влада, а ноќта меѓу петокот и саботата на пленарна седница во Собранието поминаа измените на Законот за реорганизација на државната управа, течат роковите за формирање на новата влада.

Мицкоски на врачувањето на мандатот најави дека набргу ќе биде составена новата влада и според неговите очекувања таа ќе биде формирана пред законскиот рок.

Главна цел на владата, како што посочи, ќе биде да се занимава со реформите, најавувајќи придвижување на работите во економијата, силен инвестициски циклус, подобрување на состојбите во здравството, образованието, земјоделството.

– Убеден сум дека во иднина ќе ја смениме реалноста, ќе ја трансформираме Македонија во успешна европска приказна, држава која што ќе биде татковина на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност или не припадност, место кое што ќе биде мотив и инспирација за оние кои што го напуштиле да се вратат назад, рече Мицкоски во четвртокот.

ВМРО-ДПМНЕ за формирање на владата водеше разговори со коалицијата Вреди и ЗНАМ. Поделбата на ресорите е позната, а имиња се уште не се соопштуваат официјално.

Новата влада ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега.

Со измените на Законот за државна управа што доцна вечерта во петокот поминаа на собраниска седница, ќе се направи реорганизација на министерствата.

Измените предвидуваат кон Министерството за економија да се приклучи сегментот труд, а делот енергетика, рударство и минерални суровини да бидат под надлежност на новото Министерство за енергетика.

Сегашното Министерство за труд и социјална политика прераснува во Министерство за социјална политика, демографија и млади, а ингеренциите за туризмот ќе бидат под новото Министерство за култура кое ќе гласи Министерство за култура и туризам.

Ќе се формира министерство за дигитална трансформација кое ќе го наследи досегашното министерство за информатичка технологија и администрација, како и Министерство за спорт.

Измените на Законот за организација на работата на државната управа беа донесени со двотретинско мнозинство и за нив гласаа ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, како и пратеници од Европскиот фронт.

ДУИ гласаше за измените затоа што претходно, како што информираше ВМРО-ДПМНЕ, бил постигнат договор во догледно време да се формира ад-хок комисија која ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова го потпиша указот за ова законско решение.

Сиљановска-Давкова на Фејсбук појасни дека се работи за закон кој се носи со двотретинско мнозинство којшто претседателот, согласно членот 75, став (4) е должен да го потпише, односно на кој нема право да стави вето.

– Законот е реформски и со него прво ќе се анулира паралелизмот на надлежностите на многу министерства, со што ќе се обезбеди функционалност и одговорност, второ ќе се (дис)лоцираат надлежностите во соодветните министерства, со што ќе се рационализира и ефектуира нивната работа (Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Министерство за економија и труд, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за култура и туризам, трето ќе се институционализираат нашите стратешки приоритети преку формирање соодветни министерства (Министерство за европски прашања, Министерство за дигитална трансформација) и четврто, ќе се подигне нивото на општествената грижа за физичкото и менталното здравје на нацијата (Министерство за спорт), стои во објавата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Реприза: Бугарија повторно не може да состави…

Поминаа две недели од последните прелиминарни парламентарни…

Лога: „Тврдокорните“ сега се во Влада, нема…

„Тврдокорните“ сега се во Влада, нема да…

Собранието денеска ја избира дваесеттата Влада од…

 Собранието денеска во 11 часот треба да…

Агелер: Воодушевена сум што Мицкоски ќе користи…

Откако мандатарот Христијан Мицкоски изјави дека заклетвата…