Тренчевска за предложениот Буџет за 2026: Се кратат пари за лицата со попреченост, за децата, за болните

t

Иако формално буџетот изгледа зголемен, суштинската анализа покажува дека средствата за најважните програми се драстично скратени, порача пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, во своето обраќање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет коментирајќи го предложениот Буџет за 2026 година.

„Се кратат надоместоците за лицата со попреченост, за децата, за болните и изнемоштени, за примателите на гарантирана минимална помош, за детските и образовните додатоци, за старите лица и за сите ранливи категории. Намалувањето изнесува скоро 2 милијарди денари“, рече Тренчевска.

Таа додаде дека Владата кратела и средства за социјални услуги, деинституционализација, заштитни друштва и блок-дотации за градинките, што директно ќе ја влоши состојбата на терен.

„Во 2026 година нема да има ниту зголемување на правата од социјална и детска заштита, и покрај ветувањата и амандманите што Владата ги користеше за предизборни цели“, рече пратеничката на СДСМ.

Тренчевска предупреди дека проектираниот трансфер кон Фондот за пензиско осигурување достигнува повеќе од 62 милијарди денари, односно 1 милијарда евра – највисок досега.

Ова, според неа, „ја разголува несериозноста на владините политики кои го зголемија дефицитот на фондот за само 16 месеци од 32,5 на 45%“.

„Со ваквото зголемување се нарушува стабилноста на фондот и се доведуваат во неизвесност сегашните и идните пензионери“, посочи Тренчевска, додавајќи дека оптималниот сооднос за стабилен пензиски систем е 3:1, а овој сооднос ќе продолжи да паѓа со оглед на најавените затворања на компании и отпуштања на околу 1.000 работници, како и отпуштањата во текстилната индустрија„ истакна пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ