Трифун Костовски: Солидарност

t

Зборот солидарност во основа значи взаемен однос меѓу поединци, групи, во минатото племиња и држави. Често, солидарноста добива конотација на воспоставување сојуз или градење заедница кои може да бидат за добробит на општеството, меѓутоа и да претставуваат општествено зло – но, во вториот случај, тоа би значело девалвирање на значењето на поимот солидарност, и попрво би се нарекло здружување врз база на интерес.
Анализирајќи ја разноликоста на сите Европски народи и држави, доаѓам до сопствени заклучоци за причините зошто некои држави се денес многу напредни, а некои држави се заробени и тоа заробени во минатото.
Цивилизациските вредности на Европскиот континент, почнуваат токму од Балканот, каде се развива античката историја, со несомнен придонес на античката филозофија. Предуслови за ваков цивилизациски подем се најпрво климатските услови и човечкиот фактор. Додека цивилизацијата цветала во овие наши предели, со илјадници години покасно на Европскиот континент се појавуват народи кои се цивилизациски многу заостанати, меѓутоа во овој кус период успеале толку силно да еволуираат што претставуваат пример во светот за современо општество и современи граѓани.
Кога говорам на оваа тема, најповеќе во мојата потсвест ми влегува историјата на Скандинавските земји. Огромен простор, кој не е густо населен, каде што цивилизацијата стигнала најкасно на целиот Европски континент. Впрочем викинзите се производ на Скандинавските земји кои се појавуваат во 8 век во новата ера и прават пустош низ Северно-европските земји до 13 век. Популација која исклучиво го користела инстинктот за опстојување преку грабеж и убиства.
Каков парадокс, земјите кој што дале придонес на светската цивилизација, денес на Европскиот континент се едни од најсиромашните земји со најниска продуктивност, каде што владее омразата меѓу жителите на Балканскиот полуостров, без притоа да се извлечат поуки дека во заедништвото, во единството на различности кои почиваат на солидарност се наоѓа силата.
Скандинавските земји, Шведска, Норвешка, Данска, Финска, денеска се на врвот за тоа како треба да изгледа модерна држава, каде владее правото и меѓусебната солидарност.
Само пред 1000 години тоа беа хордите кои што пустошеа во Северна Европа и Велика Британија, именувани како викинзи.

Логично се поставува прашањето кај мене во што е генезата на ваквата солидарност меѓу Скандинавските земји и омразата која владее меѓу националностите на Балканскиот полуостров?
Луѓето кои се занимаваат со генетика ќе дадат поконкретни одговори за генетскиот код-ДНК за северните народи и народите кои што се околу Средоземното море. Но, секако не е толку до генетиката колку до капацитетите логично да се развиваат некои културни кодови. Само замислете го следново: Скандинавските хорди во 8 и 9 век напаѓаат пљачкаат и убиваат во Велика  Британија и Северно-европските земји, додека калифатот на Кордоба, Шпанија ја развива медицината до степен кој што го решава проблемот со катарактата-очното слепило кај човекот. Дали ја чувствувате цивилизациската неусогласеност меѓу викинзите и првиот медицински универзитет во светот во Кордоба? По мене, станува збор за цивилизациски разлики мерени со светлосни години.
Што е предноста за Северно-европските народи и народите што живееле во опкружувањето на Средоземното море. Климата и денес на Скандинавскиот полуостров е специфична и по мене во текот на годината луѓето кои живееле во овој регион имале максимум 3-4 месеци во текот на годината да обезбедат храна, дом и облека  за останатите 8 месеци во кои беснееле остри зими. Скандинавските народи морале да се сплотат и да работат солидарно на обезбедување храна, читајте лов и риболов во големи групи и изградба на домови за секој член на тоа племе.
Од друга страна замислете го Средоземјето, каде што во текот на годината имате 9 месеци идеална клима со богатство од дивеч, риба, зарзават и овошје и каде што поединецот не морал по секоја цена да се групира за да опстане. Народски кажано на секое семејство му биле доволни 2 декара земја, опкружена со домашни животни не во голем број, за да може да ја преживее годината.
По мене тука се појавува основното разидување во менталитетот и културниот код меѓу Скандинавските народи и народите околу Средоземното море. Не паметам во историјата дека меѓу Скандинавските земји Норвешка, Шведска, Данска Финска, имале меѓусебни освојувачки борби и омраза. Впрочем, фактот што Норвешка и Шведска имаат заедничка авио-компанија именувана САС говори многу за тоа како треба да ги решаваме нашите секојдневни потреби и проблеми и како да ја градиме иднината.
Балканот денеска претставува најголем проблем за модерната и силна Европска Унија. На простор во големина слична на Пиринејскиот полуостров, имаме 12 независни држави со присутност на сите Европски религии – христијанство во сите форми (православно, католичко, протестантско) и ислам. Омразата меѓу државите и народите царува. По мене омразата царува во недостиг на вистински луѓе со искрена и чесна визија, кои ќе дадат нов тек за развојот на Балканот.
Римската мудрост која вели „раздели па владеј“ е типична за целиот Балкан, Блискиот исток и Северно-Афричките земји. Сложеноста во меѓусебните односи на државите во овој регион, јас ја толкувам како Гордиев јазол на 21 век.
Решението на Гордиевиот јазол не го гледам во мечот на Александар Македонски, туку во мудроста на луѓето кои денеска живееме на тие простори.
По филозофското забележување на Херaклит „ПАНТА РЕИ“, што во превод значи сѐ тече, а со тоа, Хераклит упатил дека доколку сѐ тече, тогаш и сѐ се менува, денес светот го водат некогашните племиња, а од 18/19 век веќе нации, кои биле далеку понецивилизирани во однос на народите кои дале цивилизациски придонес за денешницата. Значи, низ вековите, настанала суштествена промена во динамиките на разумност и знаењата за здружување.
Почитувани читатели, со вас денеска споделив дилема или едно размислување, трагајќи по суштината зошто ние народите и националностите на Балканот не можеме да се одвоиме од минатото и да тргнеме заеднички во една подобра и солидарна иднина. Заглавеноста во минатото е нашиот логор, од кој нѐ можеме да ја досегнеме визијата за иднината.
Ние, старите Скопјани ја паметиме солидарноста која целата светска заедница ја покажа после катастрофалниот земјотрес на Скопје во 1963 година. Дали извлековме поуки што значи да се биде солидарен? Гледајќи ги денешните собитија, особено на Балканот, меѓу Балканските држави, јас сум вознемирен, бидејќи сѐ уште владеат некои мрачни сили кои го влечат цивилизацискиот развој наназад.
Уште во прво одделение ме учеа дека една прачка можеш многу лесно да ја скршиш, ама десет прачки врзани во сноп не се кршат лесно.
Завршувам со констатацијата извлечена од оваа народна мудрост – Балканските држави мора да се сплотат и солидарно да ја градат иднината на своите сограѓани во системот на сноп, без разлика на нивната верска и национална припадност.
Скандинавските земји треба да ни бидат пример и да учиме од нив. Богато општество се гради со знаење, труд и солидарност. Парадоксот е уште поголем што во минатото Скандинавските народи биле едни од најсиромашните во Европа, а денес се најбогатите граѓани во светот, со висока свест за заедница, емпатија, солидарност. Бидејќи, како што велат старите и мудрите – ако на другиот не му е добро, ни мене нема да ми биде добро.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Стопанската комора најави дека ќе го оспори…

Носењето на Законот за данок на солидарност…

Трифун Костовски: Солидарност

Зборот солидарност во основа значи взаемен однос…

Еурека

Насловот го позајмив од големиот Антички математичар…

Патриот

Почитувани читатели, повторно денеска ќе се вратам…