Турска анализа: Не се гледа крај за спорот помеѓу Македонија и Бугарија
Кога во јуни 2018 година Македонија и Грција го потпишаа Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името) со кој Република Македонија го смени своето уставно име во Република Северна Македонија, со цел решавање на повеќедеценискиот спор за името, кај политичките лидери во земјата, кај домашната политичка јавност, но и кај меѓународната јавност преовладуваше мислењето дека последната бариера за интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ е отстранета и дека наскоро земјата ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ).
Но тие очекувања не се исполнија целосно. Во март 2020 година Македонија официјално стана 30. земја членка на НАТО, но во поглед на интеграциите кон ЕУ не напредуваше.
Во ноември 2019 година Бугарија стави вето на започнувањето на пристапните преговори на Македонија, односно не ја одобри преговарачката рамка за земјата. Тогашната бугарска министерка за надворешни работи ваквата одлука ја образложи со зборовите: „За држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ.“
Речиси три години по таквата состојба, со промената на власта во Бугарија дојде до нова динамика во македонско-бугарските односи. Во Република Македонија спорот со Бугарија е во фокусот на политичарите, експертите, медиумите, но и кај граѓаните.
Обидите за зближување на владите на бугарскиот премиер Кирил Петков и премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, ја зголемија надежта во оваа насока во двете земји.
Авионските летови меѓу Софија и Скопје се најавени да започнат на 11 февруари, а летот меѓу двата града ќе трае околу половина час. Овој лет се смета како симболична иницијатива за ревитализирање на односите на двете страни на границата.
„Македонската јавност, генерално, смета дека Бугарите сакаат да присвојат сѐ што е македонско по атрибут, суштественост и етнонационален мит и бит на македонската културна матрица и историографија. И поради тие причини, ние гледаме на спорот како обид за институционализирана кражба на нашата историја и идентитет, пред очите на ЕУ, односно ние да прифатиме дека „Бугарите се во право“ за да ни дозволат да ги продолжиме нашите европристапни преговори“, вели во пишана изјава за Агенција Анадолија (АА) политикологот Благојче Атанасоски.
Тој додава дека „тоа е наследство од комунистичката историографија, која преку официјалниот образовен систем стана дел од македонското менталитетско милје“.
„Оттука се појави спорот, односно, поради тие причини, од кои Бугарите носат огромни национални комплекси и фрустрации, го (зло)употребија инструментот вето, кој им стоеше на располагање, како полноправна земја членка на Европската Унија. Политичките лидери потајно може го сметаат истото, но тие од власта, особено, употребуваат мека реторика, имајќи на ум само едно: деблокада на нашите блокирани европерспективи, бидејќи во суштина и политичката иднина на владејачката гарнитура, во голема мера, ако не и целосно, зависи од овој (не)успех, во оваа тековна 2022 година“, смета тој.
Според него, суштината на проблемот во македонско-бугарските односи е „целосно различна и сосема спротивставена диоптрија во однос на историските настани, ликови и дела“.
Во поглед на тоа дали е можно да дојде до скорашно решение во македонско-бугарските односи со оглед на промената на власта во Бугарија, политикологот Атанасоски е оптимист.
„Решение годинава мора да има, јас сум поборник тоа да се случи веќе во првата половина на годината, за да може во јуни, кон крајот на француското претседавање, да ги почнеме долгоочекуваните и толку посакувани преговори со Европската Унија. Бидејќи, секоја друга опција на одолговлекување на решението, негово дополнително проблематизирање, ќе биде катастрофа за иднината на македонските граѓани, во целост и за Македонија и Бугарија како држави, но и за поширокиот регион на Западниот Балкан, бидејќи, да се потсетиме, Албанија, нашиот западен сосед, е колатерална штета од бугарската блокада на нашите евроинтеграции, ни крива, ни должна“, вели Атанасоски.
Исто така, тој гледа можност во интензивирање на контактите од страна на новите премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, но вели дека и на тоа гледа со доза на „реалистична претпазливост“.
Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави со што полесно ќе се дојде до решавање на потешките прашања е нешто што премиерите Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница кон крајот на јануари оваа година.
За првиот авионски лет од Софија кон Скопје најавен за 11 февруари, чии први патници ќе бидат министрите за транспорт и врски на Македонија и Бугарија, политикологот Атанасоски вели дека допрва треба да се види дали ќе биде економски исплатливо со оглед дека се работи за мала релација, но истакнува дека овој лет има симболика.
За да има приближување на политичките, општествените, но и на нормалните релации помеѓу граѓаните, според Атанасоски, треба да се работи на автопатско решение на патниот правец кон Бугарија. Потсетува дека изградбата на железницата кон Бугарија ќе оди во насока на подобрување и зголемување на надворешно-трговската и стопанската соработка со Бугарија.
„Авионскиот лет, и сѐ друго што ќе оди во насока на подобрување и затоплување на меѓусебните односи, особено во периодот на целосно урнисаните и уништени релации во последните две години е за поздравување, бидејќи ние де факто, одново ги градиме претходно запалените мостови од претходната владејачка клика во Бугарија, предводена во прв ред од поранешниот министер за одбрана и лидер на ултранационалистичката ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов“, истакнува политикологот Атанасоски.
Меѓу другото, европратеникот и известувач за Македонија, Иљхан Ќучук, истакна дека односите меѓу Бугарија и Македонија се доведени до најниско ниво, но дека со тоа што на власт дојдоа нови влади во двете земји, забележано е значајно ревитализирање во оваа насока.
Според него, новите влади во краток рок може да обезбедат стабилност во односите.
„Страните не можат долго време да бегаат од прашањата кои претставуваат проблем. На пример, дури и историските прашања да ги оставаат во рацете на мешовитата историска комисија, прашањата во врска со човековите права и правата на Бугарите во Македонија се прашања кои не може да се игнорираат. Европа треба да најде решение за ова прашање. Треба да се вклучи во преговарачката рамка. ЕУ треба да обезбеди гаранција за ова прашање. Навистина Европа треба да биде решението. Треба да ги вклучи Бугарите, Црногорците и Хрватите. И тие во Уставот на земјата треба да имаат место како конститутивни елементи на државата“, рече Ќучук.
Тој нагласи дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е суштината на решавањето на билатералните прашања.
„Бугарскиот претседател сака тоа веднаш да се случи, бара Македонија сега да го менува Уставот. Но таква промена нема да биде можна во близок период. Не постои општествен консензус и нема доволно мнозинство во македонскиот Парламент. Услов за таква уставна измена е двотретинско мнозинство на пратениците“, додаде тој.
Ќучук рече дека Македонија сега е во потрага по преговори со Софија, а не со оние надвор од Софија.
„Со цел да има напредок во билатералните односи, напорите на две лица или две влади се недоволни. Напредокот има потреба за општествена енергија. Тоа може да се обезбеди преку мрежите кои ќе бидат создадени од страна на медиумите, претставниците на секторската политика, универзитетите и училиштата. Не може да се добие здраво решение преку имање доверба само во политичката конјуктура. Што ќе се случи утре ако во една земја се менува Владата, што ќе се случи ако волјата на новата власт биде недоволна? Кога ќе се создаде заемна општествена доверба во двете земји, тогаш политичарите не може да ја менуваат рутата“, истакна Ќучук.
Тој се осврна и на авионскиот лет меѓу Софија и Скопје, за кој рече: „Јас патувам со автомобил. Моето патување трае 3 часа. По обновувањето на дел од Коридор 8, тоа време ќе се намали на 2 часа и 40 минути. Според мене, нема да има потреба за авион.“
Од друга страна, проф. д-р Христо Матанов, професор во Одделот за балкански студии на Факултетот зa историја при Универзитетот во Софија, во изјава за АА истакна дека условот на Бугарија за членство на Македонија во ЕУ, кој го нарече формалност, го прекршува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година.
Тој истакна дека со овој договор предвидено е обележување на заеднички празници и годишнини, отстранување на навредливите изрази од учебниците и преземање некои други чекори.
„Тие од Македонија мислат дека овој договор го прекршува нивниот национален идентитет. Но Бугарија никогаш не актуализира таква тема. Тоа што Бугарија не го одобрува е користењето на говорот на омраза против Бугарија во Македонија и начинот на пишување на книгите по историја“, рече Матанов.
Според него, во случај да се дозволи Македонија да продолжи со преговорите за членство во ЕУ, тогаш во ЕУ ќе се носат и проблемите како говорот на омраза и непријателството кон Бугарија, и дека во таков случај веќе е невозможно да се интервенира врз проблемот.
Матанов нагласи дека САД и ЕУ вршат притисок и врз Бугарија и врз Македонија за подобрување на билатералните односи.
„Има многу поголем притисок врз Бугарија за да направи чекор назад. Сигурно дека за САД и за големите европски земји не се важни проблемите меѓу нас; што пишува во одредени учебници, кои се историските спорови меѓу нас и Македонија. Но за нас тоа е многу важно. Историјата не е толку важна за Американците. Тие гледаат на сегашноста и иднината. Од нас очекуваат ист пристап. Но сигурно дека ние не можеме да направиме таков чекор“, истакна тој.
Тој рече дека бугарскиот премиер Петков во билатералните средби смета дека темите како што се историските прашања треба да се остават во заден план, и дека има намера во преден план да се доведат темите како економија, инфраструктура и други прашања.
Матанов нагласи дека прикривањето на проблемите нема да ги отстрани тие проблеми.
Што се однесува до можноста Бугарија да го отстрани ветото за членство на Македонија во ЕУ за време на француското претседавање, Матанов рече: „Не би ѝ советувал на новата власт во Бугарија тоа да го прифати, оти тоа ќе биде нејзин политички крај.“
Пишуваат Адмир Фазлагиќ и ихван Радојков за Агенција Анадолија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Траги-комедија во Бугарија: Огромен крокодил живее меѓу…
Двометарски нилски крокодил живее во јама на…
Земјотрес во Бугарија
Слаб земјотрес со јачина од 2,3 степени…
Се крчкаат нови предвремени избори во Бугарија
Бугарската партија „Има таков народ“ (ИТН) утре…
Македонија ја прегази Бугарија за финале на…
Македонската кошарка има нови јунаци! Јуниорската репрезентација на Македонија на…
МНР: Очекуваме Бугарија да ги преземе сите…
Република Северна Македонија е силно посветена на…