Уапсен „Командант Бреза“ по 22 години бегство
По речиси две децении бегство, македонските безбедносни служби го лоцираа и уапсија Хамди Бајрамовски, познат по прекарот „Командант Бреза“, по кого беше распишана меѓународна потерница од 2003 година.
Бајрамовски се бараше по наредба на Основниот суд Скопје 2 за кривични дела сторени по член 237 од Кривичниот законик, како и за други тешки кривични дела.
„На 02.06.2025 на подрачјето на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка го лишија од слобода Х.Б.(43) од Скопје. Тој бил баран по потерници за издржување казна затвор од пет години за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик и затворска казна од шест години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215, како и за повеќе истраги за повеќе сторени кривични дела со мерка притвор по член 396, член 123 став 1 и став 3, член 396, член 158 и член 237 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Лицето е предадено во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на казната.
Бајрамовски е поранешен член на сега веќе распуштената терористичка организација УЧК.