Украинските бегалци во Македонија имаат нејаснотии околу нивните права: Ги засега здравствената заштита и вработувањето
Не сите украински бегалци кои допатуваа во Македонија се запознаени кои права можат да ги искористат. Тие најмногу се засегнати за егзистенцијалните прашања, иако се свесни дека Македонија како сиромашна земја не може многу да им понуди.
Граѓаните кои избегале од Украина и се сместиле кај свои роднини во Македонија имаат нејаснотии околу тоа кои се нивните права, како можат да ги остварат, дали можат да се лекуваат бесплатно во земјава или пак да се вработат. Објаснуваат дека во некои европски земји, како што е примерот со Германија, бегалците без многу бирократија, можат да добијат бенефиции.
„Од февруари кај мене е мајка ми која допатува од Украина. Поминаа месеци, таа имаше потреба од посета на лекар, и моравме приватно да платиме, што секако не е мал трошок затоа што живеам со една плата. На едно место лекарката се солидаризираше и не сакаше да земе пари за прегледот, затоа што се работеше за бегалец, но тоа не значи дека и на други места во иднина ќе биде така. Би сакала да се отвори ова прашање во јавноста за да знаеме како да ги оствариме правата. И за другите кои се дојдени кај роднини, не знам дали воопшто имаат можност да работат ако не го знаат македонскиот јазик. Има луѓе со здравствени проблеми, дијабетес, знам лице инвалид кое е дојдено од Украина и има потреба од медицинска нега“, вели Украинка која живее во Македонија.
Во период од 24 февруари кога почна руската инвазија на Украина, до 24 јули вкупно 12.159 лица од Украина оствариле влез на територијата на Република Македонија, а 10.174 лица оствариле излез од територијата на Република Македонија, соопштуваат од Владата. Од нив 2.256 се под 16 години, а 157 лица се над 70 годишна возраст.
Од почетокот на војната во Украина, Во Македонија нема регистрирано лица со статус на бегалци од оваа држава. Во согласност со Законот за меѓународна и привремена заштита едно лице може да поднесе барање за азил, а органот одлучува дали лицето исполнува услови за Статус на бегалец или Статус на супсидијарна заштита. Oд почетокот на војната до завчера поднесено е само едно барање на четири лица за признавање право на азил, и тоа на мајка со три малолетни деца, но набрзо од нивна страна барањето е повлечено, со што се откажале од постапката за признавање право на азил, наведуваат од Владата.
„Во период од 24.02.2022 до 24.07.2022 година на 323 лица им е доделен привремен престој поради хуманитарни причини. Пристапот до одредени права на странците во Република Северна Македонија е тесно поврзан со соодветниот статус кој го имаат во државата и начинот на кој го регулирале својот престој. Според она што го пропишува законот во однос на правата, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено, лицата со статус на бегалец имаат исти права и должности со државјаните на Република Северна Македонија, со следниве исклучоци: немаат избирачко право, не можат да вршат дејност, да засноваат работен однос и да основаат здруженија или политички партии, во случај кога со закон како услов е предвидено лицето да има државјанство на Република Северна Македонија. Лицата со статус на бегалец можат да стекнат право на сопственост на движен и недвижен имот, да засноваат работен однос или да вршат дејност, под услови утврдени со закон со кој се регулира ова право за странците во Република Северна Македонија. Лицата под супсидијарна заштита имаат исти права и должности со странците со дозволен привремен престој на територијата на Република Северна Македонија, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено. По донесување на позитивно решение по однос на поднесено барање за азил, лицата може да добијат статус на бегалец или лице под супсидијарна заштита, но такви барања нема. Лицата со ваков статус имаат пристап до права од социјална заштита еднакво како и македонските граѓани, воедно овие лица имаат право на месечен надоместок за закупнина на стан и надоместок за режиски трошоци кој зависи од бројот на членови во семејството“, додаваат од Владата.
Граѓаните од Украина и Северна Македонија според договорот можат да патуваат без визи и да престојуваат до 90 дена, а украинските граѓани кои се затекнале во Република Северна Македонија пред почетокот на војната и не можат да се вратат во нивната земја, на нивно барање, од страна на подрачните служби за странци и реадмисија се одобрува привремен престој по хуманитарни основи, во согласност со Законот за странци.
Украинци кои нашле засолниште во Македонија, има во Скопје, Куманово, Охрид, Битола и други градови.
Извор: Фактор
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…
Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…
Аташето за култура и образовани на САД…