Унгарија во улога на параван на Кина во заемот од 500 милиони евра за Северна Македонија, пишува унгарски „Ви-сквер“

t

Унгарија е во улога на параван на Кина во давањето заем од 500 милиони евра за Северна Македонија, пишува во својата најнова статија Саболч Пањи, главниот истражувачки новинар и уредник на истражувачкиот портал „Ви-сквер“ (VSquare) со седиште во Будимпешта, во чиј фокус се, меѓу другото, руското и кинеското влијание.

Медиумот отвора прашања поврзани со заемот од 500 милиони евра што во јули годинава го договорија унгарскиот премиер Виктор Орбан и премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски, кои негуваат блиски релации.

Конкретно, како дилема се наметнува одлуката на официјална Будимпешта за позајмица од половина милијарда евра за С Македонија во услови кога владата на Орбан се соочува со сериозни финансиски предизвици.

Во статијата конкретно се спомнува кредитот од една милијарда евра што претходно оваа пролет официјална Будимпешта го зеде од три кинески банки – податок што не беше јавно објавен од унгарската влада – но како информација подоцна се најде на веб-страницата на унгарската владина агенција за јавен долг.

Она што ја прави приказната уште помистериозна, пишува „Ви-сквер“, е тоа што, според меѓународно поврзан бизнис-извор, Унгарија првично се надевала дека ќе обезбеди многу поголем заем за време на посетата на кинескиот претседател Си Ѓинпинг на Будимпешта, како замена за замрзнатите ЕУ-фондови на земјата.

Во овој контекст, истражувачкиот новинар Пањи пишува дека, според повеќе дипломатски извори двата заема се поврзани, што укажува на тоа дека, како што вели, Унгарија користи кинески средства за поддршка на Северна Македонија и, во суштина, дејствува како посредник на Кина.

Медиумот потсетува дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски еден ден по парламентарните избори на кои победи неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, на 9 мај, најави „финансиски пакет за соработка влада со влада во вредност од една милијарда евра“, колку што всушност изнесува кредит на Унгарија од Кина.

„Според експертски извор од С Македонија, кога Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, најавил заем од една милијарда евра за стратегиски проекти на денот кога бил избран, веднаш негирал дека ќе дојде од Русија или Кина, тврдејќи дека ќе го обезбеди европска земја. Сепак, овој извор набрзо слушнал непотврдени информации дека парите навистина ќе бидат кинески, но ќе се префрлат преку Србија или Унгарија“, пишува порталот „Ви-сквер“.

Подоцна Мицкоски објави дека првично ќе биде доволен заем од 500 милиони евра.

Во интервју за телевизија Телма од јули годинава, одговарајќи на прашањето од каде му се парите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за да ѝ позајми на Македонија, премиерот Мицкоски рече:

„Ова е исто како сега вие да земете од две шишиња во чашава, да ставате вода и да речете до половина е од левото шише, од половина нагоре е од десното шише – тоа е невозможно да се каже. Заемот е влада со влада. Дали тие ги обезбедуваат парите на отворен пазар или од сопствени извори? Не знам од каде Унгарија ги обезбедила парите. Мене ме интересира нашиот договор и тоа ќе биде дел од закон што треба да помине во владина седница и во парламентот, кој нема шверцерски да биде протнат, со европски знамиња. Сме заштедиле 100 и кусур милиони евра и место да кажеме ‘алал да му е’, ние велиме ‘од каде му се парите’”.

Инаку, предлог-законот за задолжување на земјава од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка во моментов е во собраниска процедура. Владата, како негов предлагач, побара тој да се носи по скратена постапка.

Опозицискиот СДСМ вчера побара власта да го повлече од скратена и одново да го поднесе предлог-законот во редовна постапка за да се обезбеди широка јавна експертска дебата, а законот да ги помине сите филтри.

Како што и најавија, нивната пратеничка Сања Лукаревска, која е претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, вчера не свика седница на која требаше да се расправа за заемот од Унгарија.

Наместо неа, тоа го стори собранискиот спикер Африм Гаши, кој, според одредбите од новиот Деловник, треба да свика седница на некоја од комисиите, доколку претседателите на овие тела не го сторат тоа во определениот рок, и да назначи пратеник што ќе ја води седницата до нејзино завршување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Унгарија во улога на параван на Кина…

Унгарија е во улога на параван на…

Германија воведува контроли на сите копнени граници

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер…

Зеленски вети дека ќе го консолидира одговорот…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека…

„Никој не се сеќава дека снегот паднал…

Германската метеоролошка служба (ДВД) предупреди на значителни,…

(Видео) ВОЕН АВИОН СЕ УРНА ВО БУГАРИЈА,…

Воен авион марка Л-39 ЗА се урна…