Утре започнува судењето за Марјан – Доказ
Утре во Кривичниот суд ќе стартува судењето против сопственикот на „Доказ М“, Марјан Стаменковски. Пред неколку дена скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог против Стаменковски, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – Уцена, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост.
Образложението од обвинителството:
-Во периодот од 10.01.2023 година до 02.02.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Откако оштетениот одбил средба, на интернет порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело – Уцена.
Oд почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, обвинетиот на веб порталот ставил на располагање на јавноста заштитено аудиовизуелно дело, овозможувајќи негово неограничено јавно прикажување. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое согласно Договор за лиценцирање на телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината. Притоа обвинетиот сторил кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело.
Преку веб порталот во сопственост на обвинетиот биле објавувани серија текстови со кои во повеќе наврати се шири омраза и нетрпеливост кон двајца пријавители – свештеници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Во објавените текстови, обвинетиот изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив, но и раздор во верската заедница. Во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите обвинетиот ги споделувал и на својот профил на социјална мрежа каде поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања, со што сторил кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше и обезбеди докази и по поднесена кривична пријава од две новинарки, кои пријавиле дека на веб порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб порталот е да им се изврши притисок и цензура. Во текстовите обвинетиот директно промовирал омраза и врз основа етничка припадност. Со тоа обвинетиот се товари дека сторил уште едно кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Во наведениот период додека во обвинителството се водеше постапката против обвинетиот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, па затоа обвинетиот се товари и за кривично дело – Злоупотреба на лични податоци, појаснија неодамна од Обвинителството.
Но од обвинителството тогаш информираа и дека против Стаменковски е оформен уште еден предмет. Поточно, како што и претходно објави „Фокус“, во неговиот дом, при претресот, биле пронајдени 90.000 евра, па се очекува во новиот предмет да се открие од каде ги добил овие пари.
Исто така при претресот беше пронајдена и документација, за која се шпекулира дека може да разоткрие и други инволвирани.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Апелација го ослободи Марјан „Доказ“ за обвинението…
Апелациониот суд го ослободил Марјан Стаменковски од…
Ќе има ли дисциплинска постапка против обвинители…
Дисциплинската комисија при Јавното обвинителство се уште…
(Видео) Мицкоски е еден од главните нарачатели…
Најголеми непријатели на Мицкоски се луѓето кои…
Адвокатката на Стаменковски смета дека казната е…
Сметаме дека е изречена една висока казна…
Марјан Стаменковски осуден на три години затвор…
Сопственикот на порталот Доказ, Марјан Стаменковски е…