Ученик во ООУ „Киро Глигоров“ донел нож на час, мајката со писмена изјава ја презела одговорноста

t

Ученик во ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец донел нож во својот ранец за време на наставата. За настанот реагираа родители на ученици од истото одделение, а информацијата е потврдена и преку вонредниот инспекциски надзор спроведен од Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Според наодите од надзорот до кој дојде Мета, инспекторите непосредно по инцидентот кој се случил на 9 овој месец, биле во училиштето, а на состанокот присуствувале директорката Билјана Билбиловска, одделенската наставничка, специјалниот едукатор и рехабилитатор, како и училишниот психолог.

„Присутните истакнаа дека настанот се случил на почетокот од првиот час. При подготовка за час ученикот забележал остар предмет во неговиот ранец и го пријавил на одделенскиот раководител. Бидејќи бил видно вознемирен од неговото пронаоѓање, одделенскиот наставник го одзел истиот и го изнел ученикот надвор од училница за да го смири. По разговорот, откако се смирил, ученикот се вратил во училница, по што одделенскиот наставник ги информирал стручната служба и директорот. Родителите на ученикот се повикани во училиште. Психологот како одговорно лице за пријавување насилство, пополнил формулар за евиденција на насилство поради сомнеж за насилство носење остар предмет во ранец, а присутните истакнаа дека остриот предмет не бил злоупотребен од страна на ученикот, а внесување ваков премет во училиштето е спротивно на куќниот ред и кодексите“, пишува во извештајот на инспекторите.
Како што се наведува, училишното раководство разговарало со родителите.
„Мајката изјавила дека по грешка, во брзање го ставила ножот во ранецот на нејзиното дете и дека ја превзема целосната одговорност, за што дала и писмена изјава своерачно потпишана следниот ден, на 10 февруари. Стручната служба ги советувала родителите да разговараат со нивното дете и да му укажат на одговорноста од ваквите недозволени постапки. Со родителите е договорено следниот ден повторно да дојдат на разговор во просториите на училиштето заради утврдување на понатамошни мерки и активности“, пишува во извештајот од ДПИ.

Истиот ден, на родителите им било врачено и писмо од стручната училчишна служба во кое се информираат дека има потреба од проценка за ученикот од релевантна институција кое ќе им помогне во давање поддршка и понатамошната работа со ученикот.

„Родителите биле информирани дека во наредниот период ќе бидат повикувани на советување еднаш неделно и дека стручната служба ќе продолжи да работи со ученикот“, се додава во извештајот.

Родители на ученици во истото одделение тврдат дека ова не бил прв инцидент поврзан со истото дете и дека, како што наведуваат, се соочувале со сериозни проблеми во однесувањето кои вклучуваат и претходни испади врз соученици, вербални закани, вознемирување и опструкции.

Мета се обрати и во училиштето „Киро Глигоров“. Оттаму добивме писмен одговор во кој се наведува дека училиштето постапило согласно законските прописи. Според нив, важно во ситуацијата е што во конкретниот случај не било утврдено заканувачко однесување кон други ученици ниту намера за повредување со ножот.

„Ученикот беше изваден од паралелката, настанот беше пријавен кај директорот, стручната служба, родителите и надлежните институции. Направен е увид од страна на ДПИ и советници од Бирото за развој на образование, при што е констатирано дека училиштето постапило согласно законските акти и интерните правилници. Изготвен е писмен план за поддршка кој вклучува индивидуална работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација, работа со паралелката на социјални вештини и редовна комуникација со родителите. Преземени се и дополнителни превентивни мерки за безбедност, согласно утврдените процедури. Училиштето останува доследно во обезбедување безбедна, поддржувачка и инклузивна средина за сите ученици“, пишува во писмениот одговор од училиштето.
Директорката на училиштето, Билбиловска, доставила и известување за дете во ризик до МВР, односно во полициска станица Беко, а за истото ја информирала и јавната установа Меѓуопштинскиот центар за социјална работа (МЦСР), односно Службата за деца во ризик и судир со закон.
За коментар во врска со овој случај беше прашана и министерката Весна Јаневска во гостување во поткастот „Претрес“, каде што таа потврди дека е запознаена со инцидентот.
„Таму веќе постапил Инспекторатот и тие ќе нè информираат, ќе состават записник ќе кажат што понатаму. Стручните служби може да работат со детето, но функционална проценка на детето е неопходна“, рече Јаневска додавајќи дека ако е сето ова точно, тогаш ќе треба дел од часовите детето да ги помине во друга установа. „Треба да има и образовен асистент, очигледно нема. Овој случај ќе продолжиме да го решаваме“, рече Јаневска.
Мета се обрати и во општина Центар во врска со овој случај и праша што општинарите преземаат во врска со случаите на насилство во училиштата.

„Во нашите училиштата се води евиденција за сите настани што се однесуваат на однесувањето на учениците, вклучително и евентуални случаи на врсничко насилство (булинг). Секој пријавен или забележан настан се разгледува согласно интерните протоколи и законски прописи, а училиштето постапува во соработка со стручната служба, родителите и надлежните институции. Наш приоритет како општина е создавање безбедни и квалитетни услови во наставата за сите ученици како и превенција преку едукативни и воспитни активности“, велат оттаму и додаваат дека општината и различни организаици организирале континуирана едукација и усовршување на наставниците и стручните служби преку обуки и семинари.
Во општината напоменуваат дека после обуките кои се одржале на оваа тема изминативе години, наставниците и стручната служба имаат задолжение да направат дисеминација на останатиот наставен кадар.

„Во септември 2025 реализирана е и обука за меѓуврсничко насилство, конфликти и медијација преку Центарот за толеранција и доживотно учење, на кои присуствуваа директори и стручни соработници од сите основни училишта на територија на Центар“, додаваат оттаму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ученик во ООУ „Киро Глигоров“ донел нож…

Ученик во ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец…

Министерство за транспорт го распиша тендерот за…

Министерствoто за транспорт информира дека објавило Јавен…

18-годишник ги испраќал лажните дојави за бомби…

На 27.02.2026 во 09:10 часот во с.Палатица,…

Мицкоски: Младите и спортот се приоритет на…

Oд името на Владата можам да кажам…

Зајкова: Колку жени треба да умрат за…

„Денес читаме наслов: 35-годишната жена чие убиство…