Фетаи се повлекува од трката за шеф на Вишото јавно обвинителство?
Вишата обвинителка Фатиме Фетаи се повлекува од трката за шеф на Вишото скопско обвинителство, дознава „Фокус“ од доброупатени извори.
Претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски посочил дека примиле меил со известување за повлекување на кандидатурата на обвинителката Фетаи, но сепак посочи дека ќе мора да се слушне со обвинителката за да ја потврди веродостојноста на информацијата, односно да се утврди со сигурност дека таа го испратила известувањето.
Веќе подолго време се шпекулира дека на чело на ова обвинителство повторно ќе застане актуелниот шеф, односно Мустафа Хајрулахи, кој се очекуваше да добие и втор мандат. Но, по откажаната седница во понеделникот се создаде впечаток дека сепак во игра влегува и обвинителката Фетаи. Како трет кандидат пак е пријавен вишиот обвинител Бурим Рустем.
Сега по повлекувањето на Фетаи, одново се расчисти патот за Хајрулахи.