ФЗОМ годинава ќе покрива операции за намалување на желудникот за екстремна дебелина

Фондот за здравство годинава ќе покрива повеќе и нови методи во државното здравство, најави директорот Сашо Клековски. Пациентите за првпат ќе можат да добијат баријатрична операција доколку се обезни, а пари се одвоени и за трансплантации на црн дроб од жив дарител и за стентирање на периферни крвни садови (интервенција што за првпат ќе биде покриена од Фондот).
Од октомври ќе се воведе и државен скрининг на крвта за западнонилска треска, бидејќи минатата година кобно заврши за неколку македонски граѓани кои починаа од оваа болест. Во буџетот за 2025 година, Трансфузиологија добива 1 милион евра за воведување на лекови за хемофилија – долгорочни „фактори“ кои помагаат да се спречи згрутчувањето на крвта. Ваквото барање пациентите со години го потенцираа.
Она кое пациентите со цистична фиброза го посакуваат а тоа е сите да добијат „Трикафта“ наскоро може да се оствари, односно дефинитивно е дека ќе се зголеми опфатот на пациенти со цистична фиброза кои ќе бидат вклучени на оваа животоспасувачка терапија.
-На Детската клиника сме во преговори возрасната граница на пациенти што добиваат „Трикафта“ да ја спуштиме од 12 на 6 години, односно се прават преговори со единствениот производител „Вертекс“ да се обезбедат попусти и така што поголем број пациенти да добијат Трикафта, изјави Клековски.
Тој посочи дека една од најзапоставените во поглед на терапија психијатриски установи како „Бардовци“, „Демир Хисар“ и „Негорци“, од годинава тераписки ќе се модернизираат.
-Најзаборавени се, со стари терапии над 3 децении, рече Клековски.
Како што се зголемуваат буџетите за јавното и за приватното здравство, Фондот најавува и зголемување на контролите.
-Автономијата не е дозволен хаос. Се воведуваат посилни дигитални контроли и на директорите им е предочено дека зголемените буџети доаѓаат со зголемени очекувања, истакна Клековски.
Во план е ГОБ „8 Септември“ да стане регионален центар за пациентите од Скопје Куманово и Велес, бидејќи нов клинички центар засега нема да се гради. Од фондот истакнуваат дека годинава во буџетот повеќе пари се одвоени за примарната и секундарната здравствена заштита, за да се намали бројот на болнички денови што пациентите ги поминуваат во терциерното здравство. Тоа е најскапо, и за здравјето и за буџетот. На приватните здравствени ординации што вршат специјалистички прегледи, за оваа цел им се алоцирани повеќе средства од ФЗОМ што треба да придонесе да се превенираат болестите наместо да се третираат. Приватните здравствени установи се даватели на огромен број здравствени услуги и нивниот буџет годинава за медицински дејности, а кој што ќе им е обезбеден од ФЗОМ е доволен да „покрие“ 161 специјалистички тим со 326 милиони денари.
Дијагностичките лаборатории кои се 33 на број добија буџет од ФЗОМ од 115 милиони денари. Клековски истакна дека ќе има ригорозна контрола на упатите, за да се осигура дека упатите се оправдани а парите потрошени наменски.
Десетте најголеми јавно-здравствени установи по доделен буџет од ФЗОМ за 2025 година се Клиниката за онкологија, Детска клиника, ГОБ „8 Септември“, Здравствен дом Скопје, Клиничка болница Тетово, болницата во Битола, ТОАРИЛУЦ, Клиничка болница Штип, болница Прилеп и клиниката за хематологија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ФЗОМ годинава ќе покрива операции за намалување…
Фондот за здравство годинава ќе покрива повеќе…
Лажни е-маил пораки во име на ФЗОМ…
Фондот за здравствено осигурување на Македонија има…
Лекувањето во странство нѐ чинело пет милиони…
Намалување на бројот на барања за лекување…
Кој кого лаже? Се јави вториот директор…
Вториот директор на Фондот за здравство, Фатон…
Бесими нема информации дека им е платен…
Системот (на ФЗО) беше нападнат, од кои…