Фон дер Лајен: Замрзнатите руски средства нудат вистински пресврт за Украина и Европа

t

Не постои позначајна акција за европската одбрана од поддршката на Украина, каде што наредните денови ќе бидат од клучно значење, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање пред Европскиот парламент. Нејзиниот говор беше посветен на претстојниот Самит на ЕУ во Брисел, чија главна тема ќе биде планот за т.н. заем за репарации за финансирање на Киев.

“Од нас зависи како ќе ја обезбедиме финансиската помош за борбата на Украина. Ја разбираме итната потреба, која е акутна. Сите ја чувствуваме, сите ја гледаме. Додека мировните преговори се интензивираат, така се зголемуваат и руските напади. Но, Русија не ги насочува своите акции само кон Украина. Таа ги проширува своите операции на територијата на ЕУ и премина на целосна воена економија. Ова претставува директна опасност за националната и економската безбедност на Европа”, рече Фон дер Лајен.

Поради овие причини, таа истакна дека предложила две алтернативи за обезбедување на потребните средства за поддршка на Украина: користење на замрзнатите руски средства во ЕУ и дополнително задолжување на Унијата.

“Минатата недела се договоривме за неопределено замрзнување на руските средства. Тоа е важен потег што испраќа силна политичка порака. Тоа значи дека руските средства ќе останат замрзнати сè додека не донесеме поинаква одлука, сè додека Русија не ја прекине војната и соодветно не ја надомести Украина за сите сторени штети. Со средствата замрзнати на неопределено време, можеме да го претвориме ова во вистински пресврт за Украина и за Европа”, потенцира Фон дер Лајен, додавајќи дека истовремено се зголемуваат и трошоците на Русија за војната.

Според проценките на ЕУ, потребите на Украина за 2026 и 2027 година изнесуваат нешто над 137 милијарди евра годишно, а Европа треба да покрие две третини од таа сума.

“Не се работи само за бројки, туку и за зајакнување на капацитетот на Украина да обезбеди вистински мир. Мир кој е праведен, траен, кој ги заштитува како Украина, така и Европа”, рече претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен нагласи дека овонеделниот Самит на ЕУ претставува соочување со сегашната реалност во еден свет обележан со војни и однесување на грабливци, што стана „опасно и трансакциско“.

“Реалноста на овој свет значи дека ние, Европејците, мора да се заштитиме и да се потпреме на сопствените сили. Ние, Европејците, не смееме да дозволиме да бидеме дефинирани од гледиштата на другите за светот. Никој од нас не треба да биде шокиран од тоа што другите го кажуваат за Европа”, порача Фон дер Лајен.

Таа се осврна и на проценките од американската Стратегија за национална безбедност, според кои уделот на ЕУ во глобалниот БДП опаднал од 25% во 1990 година на сегашни 14%. Во истиот период, се забележува пад и на уделот на САД од 22% на 14%, што главно се припишува на растот на уделот на Кина од 4% на 20%.

“Тоа е симптом на актуелната светска реалност. Затоа, нашата задача на Самитот оваа недела е да покажеме дека сме фокусирани на нашите стратешки интереси и приоритети. Сакам да го повторам она што го кажав токму на ова место за време на моето обраќање за состојбата на Унијата: Ова е момент на независност за Европа”, додаде Фон дер Лајен.

Според неа, на почетокот многумина биле скептични кон употребата на терминот „независност“, но ЕУ покажала дека може да ги оствари невозможното во повеќе области, од одбрана до енергетика, и е подготвена да стори уште повеќе.

“Мораме да одиме понапред и да делуваме брзо. Без оглед дали станува збор за нашата безбедност, нашата економија, нашата демократија. Ова е особено важно кога станува збор за одбраната и безбедноста. Суштината е едноставна – Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност. Ова повеќе не е опција. Тоа е императив”, истакна претседателката на Еврокомисијата.

Фон дер Лајен додаде дека во денешниот свет независноста е толку важна затоа што е поврзана со слободата на самостојно одлучување, дејствување според сопствена волја, следење на сопствени интереси и партнерства.

“Слобода да гласаме за кого сакаме без да бидеме под притисок или изложени на манипулативни информации. Слобода да избереме различност, демократија. Но, пред сè, станува збор за слободата да живееме онака како што сакаме – на европски начин. Нашите култури и традиции се толку различни и толку суштински за нашиот начин на живеење. Ова е она што нè поврзува. И кога сме обединети, ние сме незапирливи. И јас сум длабоко горда на тоа. Нашите разлики не нè разединуваат. Ние ги славиме нашите култури. Тие нè поврзуваат како Европејци. А гордоста што ја имаме во Европа е она што нè поврзува. Затоа, додека гледаме кон иднината, ве охрабрувам да бидете уверени во она што можеме да го постигнеме во нашата потрага да бидеме силна, независна Европа”, заклучи Фон дер Лајен во своето обраќање.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Фон дер Лајен: Замрзнатите руски средства нудат…

Не постои позначајна акција за европската одбрана…

Скопје утрово втор најзагаден град во Европа

Сараево утрово се најде на самиот врв…

Обединетото Кралство размислува да испрати војници во…

„Коалицијата на подготвените“ изработи детални планови за…

Зеленски: Ако Путин одбие да соработува, САД…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина…

Додик: Европа го изгуби разумот, го обвинува…

Европа целосно го изгуби разумот, обвинувајќи го…