(Фото-галерија) Балканот се буди! Масовни протести во целиот регион од почетокот на годинава до сега!

t

Првите неколку месеци од оваа година на Балканот беа одбележани со масовни протести. Иако деновиве повеќе не се одржуваат протести во некои земји, студентскиот бунт во Србија сè уште опстојува, покажувајќи ја својата сила и долговечност во споредба со другите земји од нашиот регион. Сепак, протести имаше од Атина до Будимпешта и од Истанбул до Белград и Подгорица.

Трагедиите генерално беа најчестиот поттик за протести на Балканот. Уривање на настрешница во Нови Сад, пожар во дискотека во Кочани, Македонија, масовно убиство во Цетиње и железничка несреќа во Грција, за која граѓаните излегоа со порака барајќи одговорност. Но, протестите избувнаа и поради заканите за демократските слободи и човекови права, како и поради репресијата од авторитарните режими.

Но, меѓу бројните протести на Балканот, има уште една работа што ги поврзува, а тоа е корупцијата, поточно, незадоволството на граѓаните од распространетата корупција, која почна да зема и човечки жртви.

Некои протести, како оние во Турција и Грција, беа обележани со насилство и државна репресија, додека студентските протести во Србија беа ненасилни, освен кога беа цел на напади, како што се возење со автомобили во толпата или тепање студенти со безбол палки.

Србија
Протестите во Србија полека се приближуваат до шестиот месец. Поради нивниот масовен обем и должина, тие претставуваат најсилен отпор кон владејачкиот режим во Србија во овој момент, а студентското движење во Србија во моментов го претставува најголемото такво движење на европскиот континент.


Студентската борба во Србија, покрај тоа што е константна од ноември минатата година до денес, покажува и најголем масовен размер во нашиот регион, земајќи го предвид бројот на учесници во однос на големината на државата, односно бројот на жители.

Протестите во Србија почнаа веднаш по уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, меѓу кои и деца. Ова предизвика реакција кај граѓаните кои излегоа на улица да го изразат своето незадоволство од овој настан, но и поради тоа што се работи за станица која свечено била отворена двапати, како и поради сомневањата за сериозна корупција, со оглед на цената на овој проект.

Протестите добиваат нова димензија и сила откако студентите ширум Србија ги блокираа универзитетите и факултетите. Студентските блокади почнаа по нападот на студентите на Факултетот за драмски уметности во Белград за време на комеморацијата за жртвите пред институцијата.

Набрзо на учениците им се придружија и просветните работници и средношколците. Наставата беше прекината во средните и основните училишта, на места прекинот беше целосен, а на други се спроведуваше законскиот минимум. А покрај образованието, кое ја носи најголемата жртва во оваа борба, каде што просветните работници останаа на штрајк и без плати поради одмаздата на режимот кон нив, се кренаа и други професии – културни работници, адвокати, земјоделци…

Беа организирани и два генерални штрајка, а протестите кај Славија во декември минатата година во Белград и најголемиот протест во поновата српска историја на 15 март ја покажаа силата на студентските протести и колку актуелниот режим предизвикува отпор кај граѓаните, но и колку ослабе.

На 15 март на големиот студентски протест „15 за 15“ во Белград присуствуваа меѓу 275.000 и 325.000 луѓе, покажуваат податоците на Архивот на јавните собири. Оваа бројка е особено импресивна ако се има предвид дека владата, поточно режимот, го попречуваше собирот на секој можен начин, прво со брутална кампања на заплашување, потоа со денови преку режимските медиуми најавувајќи дека ќе има масовни насилства, но и со прекинување на поаѓањата за Белград од другите градови тој ден и со прекин на јавниот превоз во самиот Белград. Сепак, ниту овие обиди на властите не спречија стотици илјади луѓе.

Македонија

Невидената трагедија во Македонија, кога на 16 март во дискотека во Кочани беа убиени 62 млади луѓе, предизвика протести.

За време на еден од протестите учесниците демолираа угостителски објект во сопственост на лице кое раководеше со дискотека во Кочани, а која немаше дозвола за работа, ниту противпожарен излез.

Протести се одржаа низ повеќе градови во Македонија. Собирите беа повикани од неформалната група „Кој е следнен?“.

Главната порака од српските протести „Корупцијата убива“, овојпат се слушна и во Македонија. Како што многумина видоа корупција во случајот со уривањето на настрешницата во Нови Сад, граѓаните го видоа проблемот со корупцијата и во случајот со оваа дискотека.

Црна Гора
Црногорските студенти излегоа на улиците за да побараат одговорност од лидерите на безбедносниот сектор во земјата за трагедијата во Цетиње во која загинаа 13 лица, кога А. М. ги уби овие лица, меѓу кои и две деца, на 1 јануари во Цетиње.

Тие беа собрани околу неформалната група „Камо сјутра“. Тие за време на протестите ги блокираа улиците и патиштата барајќи правда.
На протестите во Србија луѓето извикуваа „Рацете ви се крвави“ и мавтаа со црвени отпечатоци, симболи на српските протести, а овие симболи се најдоа на протестите во Црна Гора.

Инаку, ова масовно убиство во Цетиње беше второто масовно злосторство во тој град за помалку од три години, кога во август 2022 година Вук Бориловиќ уби 11 сограѓани, меѓу кои и две деца.

Унгарија
Во последните недели протести се одржуваат и во Унгарија. Причината за се беше забраната за Прајд, или усвојувањето на анти-ЛГБТ+ прописите. Овие протести покажуваат и дека автократскиот режим на унгарскиот премиер Виктор Орбан полека влегува во завршна фаза.

Голем број Унгарци излегоа на улиците откако парламентот на земјата одлучи да ја забрани Парадата на гордоста. Инаку, во унгарскиот парламент доминира националистичката партија Фидес на Орбан.

Фото: Ројтерс

Според пишувањата на медиумите, неодамнешните истражувања на јавното мислење покажуваат дека лидерот на опозицијата има предност пред Орбан, а некои ја оценија пресметката на Орбан како сузбивање на демократските слободи пред изборите следната година.

Демонстрантите ги блокираа и мостовите во Будимпешта за време на протестот.

Турција

Апсењето на лидерот на опозицијата и градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, главниот противник на актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган на претстојните претседателски избори, предизвика масовни протести во Турција во март.

Овој бран антивладини протести е најголем во последните десет години. Тие излегоа на улиците во Истанбул, Анкара, Измир и многу други турски градови, барајќи ослободување на Имамоглу.

Имамоглу беше приведен поради обвинение за корупција, што тој ги негираше, а Републиканската народна партија, чиј кандидат е Имамоглу, постојано нагласува дека ова апсење е политички мотивирано. Од друга страна, турската влада инсистира судството да работи независно и без политичко мешање.

Овие протести, исто така, видоа вирални слики на кои се гледа како полицијата брка лице преправено во Пикачу.

Турските власти одговорија со репресија, при што полицијата употреби солзавец и бибер спреј за да ја растера толпата. Полицијата уапси илјадници луѓе за учество во, како што оценија, „нелегални демонстрации“.

Инаку, Архивата на јавни собири го анализираше протестот против апсењето на градоначалникот на Истанбул, на кој присуствуваа речиси 150.000 граѓани на 90.000 m².

Грција

Огромни протести беа организирани и во Грција на крајот на февруари, најголеми од 1980-тите. Причината за масовното грчко излегување на улиците беше најтешката железничка несреќа во историјата на земјата, што се случи на 28 февруари 2023 година во близина на Темпио, во централна Грција.

Тогаш беа убиени 57 лица, главно млади луѓе кои се враќаа во Солун за да одат на универзитет. Две години подоцна, стотици илјади луѓе излегоа на улиците на градовите и побараа одговорност за трагедијата.

Генералниот штрајк траеше 24 часа, а воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај беа во прекин. Поради штрајкот беа затворени и бизнисите, додека театрите ги откажаа претставите.

Центарот на грчката престолнина беше преполн со луѓе, а за време на протестот дојде до судири со полицијата, кога дел од демонстрантите фрлаа молотови коктели, а полицијата одговори со солзавец.

Протести се одржаа во 346 грчки градови. Сепак, протестите престанаа.

Неодамна, Грците излегоа на улиците, предводени од синдикатите, за да протестираат поради ниските плати.

Романија

Романија со месеци ја тресе политичка криза, а во овој период беа организирани неколку протести. Се започна кога Уставниот суд на земјата ги поништи изборите два дена пред вториот круг поради обвинувањата за руско мешање.

Тие протестираа против поништувањето на претседателските избори. Кога Централната изборна комисија ја отфрли кандидатурата на Калин Ѓорѓеску, десничарски политичар и победник во поништениот прв круг од претседателските избори, тоа предизвика судири меѓу неговите приврзаници и полицијата на улиците на Букурешт.

Протести беа организирани и од организации кои го поддржуваат документот насловен „Манифест за Европа“. Во документот се наведува дека на Романија и треба посилна врска со ЕУ и дека е против каков било сојуз или партнерство со Русија.

Оние кои се собраа на проевропските протести извикуваа „Романија – Европа“ и ги носеа знамињата на Романија, Украина и на Европската унија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мајски снег го прекри Балканот

Иако длабоко влеговме во пролетта, српскиот планинскиот…

(Фото-галерија) Балканот се буди! Масовни протести во…

Првите неколку месеци од оваа година на…

Во сообраќајка во Србија загинаа татко и…

Во сообраќајна несреќа што се случи ноќта…

(Видео) Големи протести во Истанбул!

Во Истанбул вечерва се одржува нов протест…

Хрватскиот министер за одбрана: НАТО нема да…

По повод безбедносната ситуација во регионот, хрватскиот…