(Фото) Професор ги фати живи како прават милиони на грбот на македонските граѓани и стопанственици! Еве како опадна домашното производство на струја со доаѓањето на Христијан Мицкоски на власт

t

Дали за граѓаните има значење декларираното стопроцентно задоволување на потрошувачката на електрична енергија со домашно производство?

1. Вкупното домашно производство и производството на ЕСМ наспроти бруто потрошувачката (бруто конзумот) на електрична енергија

Дијаграмот на првата слика го прикажува домашното производство во однос на бруто конзумот (сината линија), како и производството од државниот ЕСМ во однос на бруто конзумот (црната линија), по месеци од изминатата 2024 година. Домашното производство го чинат државниот ЕСМ и разни приватни производители.

Годишниот просек на домашното производство (виолетовата линија) изнесува 89,3% од бруто конзумот (извор: memo.mk), односно биле произведени 5.945 GWh при бруто конзум од 6.655 GWh, што на прв поглед изгледа солидно. Меѓутоа, производството на државниот ЕСМ во просек покривало само 48% од бруто конзумот, додека ако се одземе извозот што ЕСМ го прави обично во текот на ноќните часови (што изнесува десетина проценти од производството), покриеноста на бруто конзумот изнесува одвај околу 43% (зелената линија на дијаграмот). Инаку, нето конзумот, односно она што вистински е потрошено по одземањето на 14,6% загуби, во 2024 година изнесувал 5.682 GWh.

За самите граѓани најважно е производството на ЕСМ, бидејќи само државниот ЕСМ продава електрична енергија по гарантирана средна цена од само 63 евра/MWh, додека на останатите приватни производители, како и за електричната енергија од увоз се плаќа по берзански цени. Да биде работата уште полоша, ние имаме и извесен број повластени приватни производители, најчесто со мини хидроцентрали, од кои на некои ќе мораме гарантирано да им ја откупуваме и плаќаме енергијата дури до 2035 година и тоа по повластени (feed-in) тарифи до 180 евра/MWh! Затоа споменатите 43% енергија од ЕСМ се безнадежно малку и на штета на граѓаниte, но и помалите претпријатија. За големите компании е уште полошо, бидејќи тие целосно се снабдуваат на отворениот пазар по берзански цени.

Анализирајќи го дијаграмот на првата слика забележуваме уште нешто важно. Иако во текот на летните месеци домашното производство изнесувало до 110% од бруто конзумот, што значи дека имало струја и за извоз, произвдството на ЕСМ нагло опаднало уште во јуни и не се кренало сé до крајот на годината.

Злобниците би кажале дека овој пад календарски се поклопува со стапувањето на должност на новата власт и кадровските чистки во ЕСМ и РЕК Битола. Можеби има и друго објаснување, а тоа е дека во текот на летните месеци повеќе се купувала струја од приватните производители и од увоз, бидејќи производствената цена од РЕК Битола била повисока од нивната. Особено катастрофален месец бил септември 2024 година кога учеството на ЕСМ во бруто конзумот изнесувало одвај 37,6%, односно уште пореално 33,8% ако се одземе извезената енергија.

Падот на учеството на ЕСМ во задоволувањето на бруто конзумот е очигледен и со голо око, но линеарната регресија (испрекинатата сина линија на првиот дијаграм) го потврдува ова и математички. ЕСМ, џинот на стаклени нозе, се тетерави и полека умира, додека приватните производители доживуваат процут.

Властите, наместо да го спасуваат, наместо да започнат со сопствено производство на јаглен, продолжиле да им плаќаат на приватни компании за ископување од државниот рудник, но и да увезуваат јаглен од Грција. Наместо да ги рационализираат трошоците и да им ги покријат долговите, кренале раце од ЕСМ, и го задолжиле кај комерцијалните банки, првиот пат за 83 милиони евра, а потоа уште за 25 милиони евра. Со ова темпо на задолжување ЕСМ може целосно да го разјаде капиталот, односно обврските кон доверителите да се изедначат со средствата за само 5 години, после што ќе следи стечај и ликвидација. Можеби е тоа и целта, да куртулат од загубарот, да го раскрчмат на приватници, а домашното производство целосно да стане приватно. Освен приватните производители, би профитирале и трговците со струја, а знаеме кој сé е заинтересиран и замешан во овој екстремно профитабилен бизнис.

2. Домашното производство може да не значи и ништо

Независно од фактот, со кој властите сакаат да нé дефокусираат и замајуваат, дека домашното производство во текот на неколку месеци од годината го задоволувал, па дури и го надминал бруто конзумот, Македонија увезувала огромни количества на електрична енергија. Основната причина за тоа е што вишоците на производството се случуваат во периоди од денот со мала потрошувачка, додека во други периоди, најчесто во вечерните часови, кога производството на електрична енергија од фотонапонските електрични централи (ФЕЦ) опаѓа на нула, ние немаме друг избор освен да увеземе електрична енергија.

Кратко кажано, бадијала ни се домашните произведени количества, кога мораме да увезуваме, а тоа ни се случува затоа што немаме хибридни системи за складирање на енергијата, односно реверзибилни хидроцентрали во комбинација со 5% до 10% батериски системи.

До пред извесно време податоците за увозот редовно ги објавуваше МЕМО, Националниот оператор на пазар на електрична енергија, но откако започнавме подетално да ги анализираме бројките, започнаа да прикажуваат одвај една табела и тоа само за еден месец. Сепак, од последниот достапен извештај, за декември 2024 гаодина, дознаваме дека дури 41% од бруто конзумот бил задоволен со увоз на електрична енергија (пита-дијаграмот на втората слика)! Ако го додадеме откупот од приватните производители, произлегува дека ЕСМ, после одземањето на извозот, задоволил одвај околу 38% од бруто конзумот во тој месец, што е катастрофално малку.

3. Како се одразува на цената за граѓаните увозот и откупот на електрична енергија од приватните производители по берзански и повластени цени?

На третата слика е прикажана табела со цените на електричната енергија по тарифни блокови по која што ЕВН им продава на граѓаните и малите бизниси. Тоа е „чистата цена“ на енергијата, пред мрежарина и ДДВ. Освен во денари/kWh (во втората колона), цените во блоковите се изразени и во евра/MWh, во третата колона. Во четвртата колона е прикажана фиксната цена на ЕСМ од 63 евра/MWh. Забележуваме дека граѓаните плаќаат многу повисока цена од гарантираната цена на ЕСМ, иако загубите изнесуваат само околу 14,6%.’

Земајќи го во предвид просечното учество на ЕСМ во бруто конзумот од 43,2% (иако наводно за граѓаните преку 90% од струјата била обезбедена од ЕСМ), како и загубите од 14,6%, ќе се обидеме (во петтата колона) да пресметаме по колкава цена ЕВН мора да докупува електрична енергија од приватните производители и од увоз. Во првиот, вториот и третиот блок од високата тарифа (ВТ1, ВТ2, ВТ3) оваа цена е слична со цената по која што ЕВН им ја продава енергијата на граѓаните. Во ниската тарифа (НТ) пресметаната цена е прилично пониска, додека во четвртиот блок (ВТ4) таа е енормно повисока. Ова значи дека тарифниот модел е така направен, што големите потрошувачи им плаќаат за електричната енергија на малите потрошувачи (ВТ1), како и за ниската тарифа (НТ).

Оваа прераспределба на цените ни ја нарушува пресметката, но сепак ни кажува еден важен факт, а тоа е дека поради недоволното производство на ЕСМ мораме да плаќаме многу повисока цена, пред сé заради увозот и откупот од домашните приватни производители по пазарни цени. Ако пак за граѓаните навистина преку 90% од енергијата се обезбедува од ЕСМ, тогаш се поставува прашањето зошто толку ја креваат цената во погорните блокови од високата тарифа?

Зошто со превисоката тарифа во четвртиот блок (297 евра/MWh) жестоко се казнуваат поголемите потрошувачи, кога дури и струјата купена на берза ретко чини толку скапо? Тука нешто сериозно не е во ред.

Така стигнуваме до поразителниот заклучок, дека еден ден, после потенцијалната пропаст на ЕСМ граѓаните ќе мораат да плаќаат пазарни цени на електричната енергија, па макар и 100% од бруто конзумот да биде задоволен од домашно производство. Затоа може да се каже дека домашното производство на граѓаните не им значи ништо, ако доаѓа од приватни производители и по пазарни и повластени цени. понатаму, државата мора да произведува подомаќински, во интерес на своите граѓани.

4. Како се доведовме во ваква ситуација како држава?

Во оваа незавидна ситуација не дојдовме преку ноќ. Ние константно, повеќе од 20 години имаме кусок на домашно производство, особено од ЕСМ, којшто упорно се покрива од увоз, наместо да се прошируваат производствените капацитети. Особено катастрофална беше сезоната 2021/22 кога поради светската криза потрошивме околу 350 милиони евра за увоз на електрична енергија.

Во таква ситуација се доведовме затоа што нашите политичари ги игнорирале ставовите на стручните лица, кои наложувале итна изградба на домашни капацитети за производство, а сега и за складирање на електрична енергија. Наместо тоа, се инвестирало во бескорисниот проект „Скопје 2014“ или минатата година во штетниот проект за 4 неповрзани парчиња автопат, за што на Бехтел и Енка ќе треба да им платиме 1,3 милијарди евра и уште којзнае колку за експропријација на земјиштето.

На повидок е уште едно огромно задолжување од дури 5,5 до 6 милијарди евра (!) за разни локални патишта и слични несуштински проекти. За толку многу пари би изградиле четири „Вардарски долини“ или една нуклеарна централа од 1000 MW, коишто освен што ни се неопходно потребни, би биле брзоповратни инвестиции, за разлика од предложените, неиновативни, неитни и непрофитабилни проекти. Патем, ако вистински сакаат да влијаат на растот на БДП, најдобар придонес можат да направат ако обезбедат евтина електрична енергија од државно производство. Тоа на компаниите ќе им значи многу повеќе отколку поправките на постоечките патишта.

На нашите факултети се изучува планирање на потребите и производството на електрична енергија, определување на бројот, видот и инсталираната моќност на електричните централи. Во ЕСМ работаат повеќе од 10 доктори на науки кои ја познаваат оваа проблематика и даваат свои предлози и решенија. Но, сето тоа знаење е бадијала, кога политичарите со своите брзи, непромислени и штетни одлуки, наместо во важни енергетски проекти одлучуваат да инвестираат во погрешни и непрофитабилни проекти, најчесто без никаков доказ на профитабилноста. Затоа ни се случува стапката на раст на задолженоста (просечно 7% годишно во изминатите 34 години) да биде повеќе од двојно повисока од стапката на раст на БДП (просечно под 2% во истиот период).

Се додека се носат произволни и стручно невтемелени одлуки ќе ни биде исто, па и полошо. Ова е последен час за вклучување на мозокот и носење на правилни одлуки.

Пишува Проф. д-р Дејан Трајковски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

До крајот на месецов ќе се знаат…

Процесот на избор на кандидати за градоначалници…

НАМЕСТО КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ М-НАВ ЗА СЕКОЈ…

По добиена согласност од Министерството за финансии,…

Макрон ја отфрла идејата на Трамп за…

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека…

Левица по третпат бара Надзорна расправа за…

Утре, Постојаната анкетна комисија за заштита на…

Гувернерот Славевски се пожали дека многу го…

Гувернерот Трајко Славевски во неговата објава на…