Хаџи Мишев: Неписмените бирократи и политичари се виновни за енергетската криза!
„Цената на електричната енергија е меѓу шест и десетпати поскапа од февруари годинава и за ова нема решение“, вели поранешниот директор на скопска „Топлификација“, Димитар Хаџи Мишев.
„Ќе давате субвенции, но тоа не може да трае вечно. Проблемот е што енергетската криза генерира економска криза, вие ќе немате куповна моќ и кога ќе се појави ваков проблем кај вашите граѓани, вие испаѓате од игра и отпуштате вработени. Потоа следуваат социјални проблеми, а тоа е главната „тепачка“ на политичарите кои без ништо да знаат, ќе треба да решаваат“, рече тој во гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Според него, за енергетската криза се виновни „неписмените политичари, бирократи и административци“, а нејзиниот зародиш не бил во актуелната војна во Украина, туку таа почнала многу порано, со инвестициите на државите во обновливите извори на енергија. Тој вели дека тие се многу чисти и многу евтини и затоа „ќе предизвикаат сериозни проблеми, бидејќи можат да ги уништат најголемите играчи на светските пазари за нафта и гас“.
„Технологијата на фотоволтаиците, кои се конкуренти на класичната енергетика, беше многу скапа, над десетпати беа повисоки цените на инвестицијата за фотоволтаиците. Уште за време на Меркел, германската држава вложи огромни средства за нив, па беше јасно дека технологијата ќе се усовршува, а нивната цена рапидно ќе падне. Од пет илјади евра по киловат инсталиран, тие цени паднаа на 500, вели Хаџи Мишев, додавајќи дека со ова оние кои ги контролираат јагленот, гасот и нафтата, се чувствуваат најпогодени.