„Црвените линии“ ги оддалечуваат Русија и Украина од масата за преговори
Многумина размислуваат за можноста за преговори помеѓу Русија и Украина, но никој не зборува за неа без најголема претпазливост. Како што беснее војната, повеќе од 30 месеци од почнувањето на руската специјална воена операција во Украина, ниту Киев ниту Москва не се подготвени за прекин на огнот и идејата за преговори останува далеку од реализација, пренесуваат светските медиуми, земајќи ја предвид актуелната состојба на фронтот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека прекинот на огнот со Русија не е предмет на дискусија, при што побара поголема поддршка од Западот за време на неговата турнеја низ четири европски главни града. Зеленски барал воено и финансиско засилување за време на 48-часовното патување низ Лондон, Париз, Рим и Берлин.
Зеленски разговара за „планот за победа“, не за мировни преговори
Зборувајќи со новинарите по разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, Зеленски ги негираше медиумските извештаи дека разговарал за условите за прекин на огнот со Русија.
– Тоа не е тема на нашите разговори. Тоа не е во ред. Русија многу работи со дезинформации во медиумите, така што таквите извештаи се разбирливи – кажа Зеленски, отфрлајќи каков било мировен план што вклучува отстапување територии на Русија, при што нагласи дека Москва мора прво да ги повлече сите војници од украинската територија.
Зеленски исто така рече дека тој и Макрон разговарале за таканаречениот план за победа на Киев во војната.
– Пред зимата ни треба вашата поддршка – додаде Зеленски, признавајќи ја „тешката ситуација на истокот на Украина“, како и „голем дефицит“ во однос на одредена опрема.
Макрон, пак, рече дека Зеленски го претставил „планот на Украина за следните недели“ и оти разговарале за стратегијата за „следните недели и месеци“.
Разговорите следуваа откако Макрон во средата оствари крајно невообичаена посета на воен камп во источна Франција, чија точна локација не беше откриена, за да се сретне со дел од бригадата на украински војници што Франција ја обучува.
Западот го ограничува Киев поради стравувањата од директен судир со Русија
Зеленски допатува во Париз од Лондон, каде што претходно имаше разговори со британскиот премиер Кир Стармер и со шефот на НАТО, Марк Руте. Говорејќи по неговиот состанок во Даунинг стрит, Зеленски рече дека „ги претставил деталите за победничкиот план“, додавајќи дека „има цел да создаде вистински услови за праведен крај на војната“.
Состанокот, како што посочи Стармер, „беше шанса подетално да се разговара за планот“.
Зеленски тврди дека на Украина очајнички ѝ е потребна поголема помош за да возврати откако Русија зазеде десетици мали градови и села на истокот на земјата. Тој исто така се залага за дозвола за користење оружје со долг дострел доставено од сојузниците, вклучувајќи ги и ракетите „сторм шедоу“ обезбедени од Британија, за да се напаѓаат воени цели длабоко во Русија.
Вашингтон и Лондон не ја одобруваат употребата на оружје со долг дострел од страна на Украина, поради стравувањата дека тоа би можело да ги вовлече сојузниците на НАТО во директен конфликт со Русија. Зеленски рече дека ја отворил темата и на состанокот во Лондон.
Руте изјави дека „легално, тоа е можно, затоа што законски на Украина ѝ е дозволено да го користи своето оружје ако може да погоди цели во Русија доколку тие цели претставуваат закана за Украина“. Но тој сепак додаде дека „дали сојузниците поединечно ќе дадат одобрување, тоа секогаш зависи индивидуално од нив“.
Руте и Британија предупредија Украина да не се фокусира премногу на ракетите со долг дострел.
– Никогаш, ниту една војна не е добиена со едно одредено оружје – рече портпаролот на Стармер.
Наместо тоа, нивните разговори биле за „опсегот на поддршка“ за Украина. Планираната средба на украинските сојузници во Германија во саботата беше одложена откако американскиот претседател Џо Бајден ја откажа посетата за да се фокусира на заканата од ураганот Милтон во САД.
Поранешен висок функционер на ЦИА: Москва не прифаќа меѓународен поредок во кој САД ги диктираат правилата
Москва нема да прифати никаков план на САД и Велика Британија, тврди поранешниот шеф на аналитика на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), задолжен за Русија, Џорџ Биби, изнесувајќи ги неговите прогнози за понатамошниот тек војната во Украина.
– Русите нема да дозволат враќање на жителите или инвестиции, оставајќи ја Украина во состојбата во која е денес – истакнува Биби.
Тој смета оти Москва не прифаќа нов светски поредок без Русија, без разлика што прави НАТО.
– Русија и голем дел од светот не прифаќаат меѓународен поредок заснован на правила во кој САД ги диктираат правилата и одлучуваат селективно кога да ги применат. Путин е рационален и сака нормални дипломатски односи со НАТО, иако има руска „длабока држава“ што презира сѐ на Западот. Без Русија, нема глобален поредок. Русија сака фер и еднаков третман. Русија сака да преговара со НАТО – нагласи Биби.
Поранешниот функционер на ЦИА смета дека Западот мора да ја повика Русија и да почне мировни преговори за ставање крај на војната во Украина, бидејќи, во спротивно, Европа се доведува во ризик од нови конфликти.
– НАТО е составен дел од војната во Украина. Преговорите не можат да се водат без САД. Западот мора да ја повика Русија и да започне преговори. Ако војната во Украина не се реши, Европа е под голем ризик од нови војни и конфликти – објаснува Биби.
Тој посочува и дека Русија не може да биде победена без да биде принудена да користи нуклеарно оружје.
– Никој не може да ја победи Русија освен ако не ја принуди на крајот да користи нуклеарно оружје. Русија може да биде погодена, измачувана, исцрпена, но досега не претрпе многу, додека на Запад владите паѓаат или се тресат, цените експлодираат и доаѓа уште една тешка зима – заклучува Биби. Р.С.
Војната во Украина не ја водат државите, туку глобалната елита што го контролира светот. Ги контролира и Европа и Америка преку контрола на финансиите, банките, глобалната економија, пред сѐ и преку меѓународните наднационални организации како што се Европската Унија, НАТО, АУКУС… Процесите на уништување на традиционалните држави се одвиваат во државите, но и во Европа. Во следната фаза нема да останат ниту европските земји ниту Америка какви што ги знаевме. Ќе се воспостави наднационална либерална диктатура. Ќе почне да управува со војната и мирот преку НАТО и АУКУС и други воени сојузи. Специјалните полициски единици ќе го контролираат човечкото стадо во Америка и во Европа. Ова е блиската иднина што ни ја ветува глобализацијата, тврди Можегов. Р.С.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Црвените линии“ ги оддалечуваат Русија и Украина…
Многумина размислуваат за можноста за преговори помеѓу…
СВЕДОШТВОТО НА МАЈКАТА НА ВАЊА ВО СУДНИЦАТА:…
Не ги познавам обвинетите, не сум скарана…
Борел повикува на поголема помош за Украина…
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика…
Израелскиoт министер: ОН се пропадната организација и…
Обединетите Нации објавија дека израелски тенкови ја…
(Видео) Дачиќ му ja пееше на Ердоган…
На интернет стана вирално видео од Ивица…