Цуцуловски за “балансерот”: Инстант луѓе, општество и држава која станува недржава и целосен хаос
Професорот Љубомир Цуцуловски на Фејсбук објави негови поранешни ставови за таканаречениот “балансер” и позитивната дискриминација, зошто е тоа апсурдно и како преку нив се создаде “инстант” општество и “инстант” луѓе.
– СЀ Е ИНСТАНТ. Во последно време зачестено се употребува зборот/терминот „балансер.“ Тој би требало да биде замена за изразот „правична застапеност“, кој беше замена за т.н. позитивна дискриминација, нешто што во Република Македонија беше форсирано кон крајот од ’90-те години на минатиот век и во почетокот на новиот милениум, особено после т.н. Рамковен договор, кој дефинитивно ги решил етничките проблеми во Државата. Барем така се тврди. За позитивната дискриминација, односно за „правичната застапеност“ – што значи и за балансерот – пишував и предупредував пред дваесетина година. Односно, тогаш кога во Државата се воведуваше позитивната дискриминација, синтагма која самата по себе е крајно апсурдна, односно нелогична. Немајќи што ново да кажам/напишам на овој план, на планот на т.н. позитивна дискриминација, преобјавувам само дел од она на кое тогаш предупедував.
***
„Рамковниот договор инсистира на недискриминација, но форсира, на пример, позитивна дискриминација! Еден вид позитивна дискриминација е вработување во јавната администрација според етнички клуч. Тоа, од своја страна, ја налага ургентата потреба од создавање соодветен кадар во некоја етничка заедница. Значи, и до создавање на и н с т а н т високообразовни кадри.“ (Дел од интервјуто „Фалсификувани дипломи – апетити на инстант луѓето“, објавено во неделникот „ЗУМ“ од 5 јули 2002 година. Интервјуто го водеше новинарот Виктор Шиков.)
„Така, се роди бесмислената теза за позитивна дискриминација. Тезата е бесмислена од повеќе причини. Прво, ако нешто е дискриминација, тогаш не може да биде позитивно; ако е позтивно, тогаш не може да биде дискриминација. Второ, во праксата т.н. позитивна дискриминација се преобразува во вистинска дискриминација на останатите, односно на ‘дискриминаторите.’ Оттука, тврдењата дека некој не е примен на Универзитетот само затоа што е Албанец е ординарна лага. Вистината е обратна: многумина не беа примени само затоа што не беа Албанци, сеедно што според покажаните резултати на приемните испити беа далеку над примените Албанци.“ (Дел од мојот текст „Вистината како замена на тези“, објавен во „Фокус“ од 12 декември 2003, стр. 14-15.)
***
Конечниот резултат е: Инстант луѓе = инстант оштество, инстант општество = инстант држава. Инстант државата се преобразува во недржава, односно во целосен хаос, напиша Цуцуловски на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Историјата се повторува – еднаш како трагедија,…
НАРЕДНИОТ ЧЕКОР Е...? Зачудувачка е историјата на…