Честит Илинден Македонци: СЕКОГАШ ИМА ИЛИНДЕНИ, САМО ДА ИМА МАЖИ!

t

Господ кога бирал за секој народ датум што ќе биде неразделно поврзан со неговото постоење, од почетокот па се досега, за нас, Македонците го избрал Илинден.

2 август постојано се провлекува низ македонската историја, првиот пат во далечната 338 година пред нашата ера, битката кај Херонеја, кога македонскиот крал Филип Втори ги поразил здружените хеленски државички.

Потоа со славното Илинденско востание, она што со Договорот за добрососедство со Бугарија, францускиот предлог и Протоколот потпишан од Османи ни се откорнува и од рацете и од душата и станува Преображенско, бугарско востание, а сите револуционери без исклучок се избугаруваат.

Илинденското востание е синоним на македонската борба, на непокорот, еден од темелите на современата македонска држава. Македонците, Албанците и сите останати кои живееле на територијата на тогашната, обединета, етничка Македонија наместо застарен модел на монархија избраа Република, првата република на Балканот.

И додека денеска сите соседи околу нас ни укажуваат дека не сме доволно демократски настроени, ние молчиме и не ги враќаме наназад во историјата, во времето кога нивните држави не ни сонувале за демократија Македонците направија Република, лулка на демократијата на Балканот.

И таа Република беше скапо платена, со крв на најголемите македонски синови и ќерки. Низа востанија, од Карпошовото, Негушкото, Кресненско односно Македонско востание, Разловечко, преку жртвата на Ѓемиџиите дојдовме до славната Крушевска Република.

10 дена можеби не се многу, можеби било избрзано, ама кога почна Илинденското востание ја стресе не само Османлиската империја, туку и цела Европа. Битките кај Мечкин Камен, кај Слива, битката на Ножот и сите останати се историја на која го гордост се сеќаваат сите родољуби Македонци.

И Македонците не беа ниту себични ниту со предрасуди, напротив ги имаа најевропските погледи присутни во тоа време. Со крушевскиот манифест востаниците го повикуваат муслиманското население:

” Елате, браќа мусљумани, при нас да тргниме протиф вашите и наши душмани! Елате под бајракот на „Афтономна Македонија”! Македонија е заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија, и да пресушиме реките от крвој и солзи! Елате при нас браќа, да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живејат мирно, да си работат спокојно и да напредуат!…”.

Илинденското востание го задушија, Илинден никогаш!

Кога некои од нашите “демократски” соседи побрзаа да го помогнат нацизмот и фашизмот во Европа, Македонскиот народ по цена на животот застана против фашистите и против бугарскиот фашистички окупатор.

Партизаните јасно се декларираа како Македонци, како наследници на Илинден, па и делегатите на првото заседание на АСНОМ се повикуваат на континуитетот на Македонската држава, од Самуил, Гоце Делчев, Илинденското востание до моментот на заседанието:

“..Другарки и другари народни претставители, Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН -, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединена Македонија. Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчение). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија! Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илиденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија – Крушовската република го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство.”, рече Панко Брашнаров на отварањето на заседанието.

АСНОМ, како и Илинденското востание е столб на модерната македонска држава.

И дојде време кога Македонците, кои без размислување застанаа против фашизмот, денеска да треба да се извинуваат за плочите на кои пишува бугарски фашистички окупатор, окупаторот кој избрши безброј ѕверства, не само за Македонците, туку и за Албанците и за сите кои беа против нивната гнасна рака.

Ама Илинден пак не згасна, иако четвртиот уште ни е горчлив. 27 април е отворена рана која ќе боли се додека правдата не излезе на виделина, а браќата затворени и осудени дека се терористи не излезат надвор со гордо крената глава.

Ама Илинден не згаснува, Илинден живее. Доста е една искра да не допре за оганот да пламне. Македонецот ропство не трпи!

Честит Илинден Македонци, запамтете ги зборовите од гробот на незнајниот Илинденец:

– Јас паднав и не жали ме,
ниту го барај моето име во тревата.
Јас паднав за Родината,
зашто Родината света
поскапа е од мајка
на мајките таа е мајка –
Жална Македонија!

Телото и’ го распарчија
алчни, побеснети пцишта,
со кундаци и ками
името и’ го ништат.
Јас паднав, но не жали ме
ниту го барај моето име во тревата.
Јас паднав за Родината,
зашто Родината света
помила е од мајка,
на сите сираци мајка,
на сите вдовици мајка –
Жална Македонија!

Ти само расти и помни:
кој ти го уби дедо ти,
кој ти го закла татко ти,
кој ја обесчести мајка ти,
кој ти ја запали куќата,
кој ти го украде сонот,
кој ти го грабна залакот –
а кога ќе ја откопаш
мојата стара берданка,
не жали дека паднав –
јас паднав за Родината,
туку префрли ја на рамо
и фати ја планината!

НАД ОВОЈ ГРОБ НЕ ТАЖИ
СЕКОГАШ ИМА ИЛИНДЕНИ–САМО ДА ИМА МАЖИ!!!

Пишува: Александра Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Втори август е славен датум за нашата…

Република Бугарија останува решена да работи на…

Сиљановска од Пелинце го честита Илинден со…

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати…

(Видео) „Вмровска“ шота за прослава на Илинден…

Со албански фолклор Собранието го одбележува најголемиот…

(Видео) Државата гори, Мицкоски сам слави Илинден,…

Премиерот Мицкоски и владината делегација меѓу кои…

Груевски: Славењето на хероите ќе создаде нови…

Честитка по повод Илинден објави поранешниот премиер…