Чешка министерка се срами поради ОН, бившиот претседател Земан предложи Палестинците да се протераат во пустини
Министерката за одбрана Јана Чернохова ги обвини Обединетите нации (ОН) дека „поддржуваат терористи“ и не го почитуваат правото на самоодбрана и побара Чешка да се повлече од светската организација поради резолуцијата за конфликтот во Израел.
„Само 14 земји, вклучително и нашата, јасно и разбирливо се изјаснија против невидениот терористички напад на терористите од Хамас. Се срамам поради ОН. Според мене, Чешка нема што да бара во организација што поддржува терористи и не го почитува основното право на самоодбрана. Ајде да излеземе“, порача синоќа Чернохова на социјалната мрежа Х (Твитер).
Чешка спаѓа меѓу земјите што речиси без никакви огради го поддржуваат Израел, дури и во последниот конфликт со Хамас, а премиерот Петр Фијала и шефот на дипломатијата Јан Липевски го посетија Ерусалим за да ѝ дадат недвосмислена поддршка на израелската влада. Тие нагласија дека Израел има право на самоодбрана, а во практичните чекори официјална Прага, сепак, го следи ставот на Европската Унија.
Како и поранешниот претседател на Чешка, Милош Земан, кој неодамна повика на депортација на Палестинците, исто како судетските Германци, кои беа етнички исчистени од тогашната Чехословачка по Втората светска војна, Чернохова е меѓу произраелските јастреби на чешката политичка сцена.
Пред две недели, чешката министерка за одбрана, обвиена во израелско знаме, излезе на контрамитинг за да го попречи легалниот протест на неколку стотици луѓе на Вацлавскиот плоштад во Прага, кои поради страдањата на палестинските цивили го критикуваа начинот на кој израелските власти реагираа на терористичките напади на Хамас на 7 октомври.
Како решение за конфликтот на Блискиот Исток, поранешниот претседател Земан по избивањето на конфликтот предложи Палестинците од областите каде што сега живеат да се депортираат во пустините на Јордан и Саудиска Арабија.
„Не ми е гајле за цивилното население во Газа, кое и онака го поддржува Хамас. Јас водам сметка за израелските војници затоа што секако не би било добро ако, по срамот што малку потсетува на Јом Кипурската војна, дојде нов срам од големи загуби во израелската армија“, рече Земан по избивањето на конфликтот.
Поранешниот чешки претседател го отфрли концептот на две држави како решение за израелско-палестинскиот конфликт.
„Секогаш потсетував на изјавата на (поранешниот премиер на Израел) Ариел Шарон дека Палестинците веќе имаат своја држава и таа се вика Јордан. Еднаш при посетата на Израел реков дека имаат можност да бидат инспирирани од судбината на судетските Германци кога станува збор за Палестинците. Освен Јордан, а пустината може да се наводнува исто како тоа го стори Израел, тука има голема област на Саудиска Арабија“, го повтори Земан своето предложено решение во интервју за прорускиот портал „Парламентњи листи“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче до Гир: Се сомневам во намерите…
Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче,…
Ерусалим пост го цитира иранскиот МНР: ИРАН…
Иран одлучи да го нападне Израел, изјави…
САД ќе испратат борбено засилување на Блискиот…
Американската војска ќе распореди дополнителни борбени авиони…
ЕУ мобилизира дополнителна помош за борба против…
По упатеното барање за помош од Македонија,…
МОСАД објави: Убиeн е шефот на военото…
Шефот на военото крило на Хамас, Мохамед…