Член на „Десна“ имал комуникација со Палевски на денот на убиството на Вања – Сведок незаконски снимал разговор во полициска станица

t

Со изведување на доказите на одбраната денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Одбраната на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска, со читање ги изведе предложените докази, меѓу кои и имотни листови, решенија за данок и слично.

Во судот денеска беше сослушан и сведокот Зоран Петковски, предложен каок сведок на одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски. Во продолжение целото сведочење на сведокот:

Марјан Витановски – директно испрашување на сведокот

М – Ве предложивме за сведок за остварен контакт со обвинетиот Палевски. Може ли да ни појасните дали имавте контакт со обвинетиот Палевски во критичниот период?

З – Да, имав комуникација, на критичниот датум, 27 ноември 2023 година. Ова го знам и го тврдам затоа што на тој ден е роденден на мојата сопруга. Комуникацијата со Палевски беше во раните утрински часови во време помеѓу 8.20 и 9.00 часот на таен канал за електронска комуникација преку Телеграм апликација, креиран од Љупчо Палевски.

М – Кажете ја содржината на комуникацијата

З – Јас сум член на Комисијата за безбедност во Десна, разговаравме на тема ирански дронови Шахид, набавка од Србија, трансфер преку Србија од Иран.

М – Дали во таа комуникација имавте конкретни напатствија од Палевски?

З – Да добив задача да прибавам информации во врска со тоа и да го известам заедно со членовите на Комисијата за безбедност

М – Имавте ли сознанија и дали Палевски ви кажа каде е во моментот кога комунициравте?

З – Не

М – Вие како член на Десна, дали бевте приведувани на некакво сослушување во врска со функционирање на партијата или во врска со Вашата комуникација?

З – Поврзано со кривично-правните настани, не.

М – А како претставник на политичка партија Десна, дали сте биле повикан во полиција и за што?

З – Бевме повикани од страна на СВР Скопје во полициска станица Пролет на 05.02.2024 година во раните утрински часови.

М – Дали можете да ни дадете опис за тоа што се случувало во полициската станица кога сте повикани на службениот разговор и каква беше вашата комуникација?

З – Во телефонски разговор помеѓу началникот Дејан Димевски и Тони Алексовски, в.д претседател на Десна, бевме повикани да се јавиме на ден 05.02.2024 година, а во врска со затворањето на просториите во кои се наоѓаше седиштето на ПП Десна на Кузман Јосифовски Питу бр.6 Скопје.

М – Во која насока се движеше разговорот?

З – Искуствено, поучен од животниот и работен век во безбедносните структури во АРМ и МВР, пред да влезам во полициска станица, иако знам дека не смеам, вклучив уред, диктафон, на кој го снимив целиот разговор. Разговорот течеше крајно коректно и пријателски, истиот се одвиваше во работната просторија канцеларија на началникот Драган Зарински на кој присуствуваше покрај него и началникот Дејан Димевски и уште еден инспектор за кој не знам податоци затоа што не се легитимираше. Откако се запознавме, разговорот траеше околу час и 15 минути и откако виде дека се работи за поранешни припадници на безбедносни сили, Тони инаку е професор на Воена академија, сега пензионер, јас бев на полициската академија во центарот за обука. Разговорот премина во пријателскат атмосфера на кои ни беа изнесувани моменти и информации поврзани со кривично-правните настани од 22 и 27 ноември во Велес и Скопје. Некаде после 50. минута од разговорот, чинам дека е 54 минута од снимениот разговор, ми се обрати инспекторот Драган Зарински лично мене. Јас седев во неговата канцеларија до самиот влез, до мене од мојата лева страна седеше началникот Дејан Димески, пред мене седеше Тони Алексовски, а во крајниот агол до прозорецот седеше инспекторот кој не го опознавам.

Зарински ме праша дали го познавам Боре, на што му одговорив, да, го знам. Веднаш потоа ми покажа со десна рака десно од неговата работна маса дупка во ѕидот и ми кажа „ете тоа е од Боре“. Рече ова не смеам да ти го кажувам меѓутоа користевме стари методи за добивање на признание, не ми е чудно затоа што и самиот потекнувам од таква структура, меѓутоа сметам дека е видно, ако признанието на Боре е изнудено со сила и со тепање, судот треба да го земе предвид тоа.

М – Дали имало разговори и во врска со обвинетиот Кешишев?

З – Да. Инспекторот Зарински продолжи дека додека го тепал Боре во просторијата, Влатко Кешишев стоел пред вратата и слушал и продолжи со зборовите „кога влезе Влатко ми кажа, Боре и Вељо, тие ми го донесоа во гепекот од кадешто го презедов, мисли на Панче Жежовски од Велес“.

М – Дали уште нешто друго ви има кажано во тој разговор?

З – Објаснуваа во врска со кривично-правните настани во Велес и во Скопје, разговаравме за Сејф сити, разговаравме на темата затоа што јас сум учествувал во изработка на проектот со Израелците.

Вкрстено испрашување – прашања од Обвинителство:

О – Рековте дека на таен канал сте имале електронска комуникација со Палевски на 27.11.2023 година во 8.30 часот. Точно ли е дека немавте комуникација со обвинетиот Палевски на 22.11.2023 година на истиот таен канал?

З – Не, само на 27.11.2023 имавме комуникација

О – По што сте сигурен дека на 22.11.2023 сте немале комуникација?

З – Се сеќавам на разговорите и ги чувам пораките

О – Тој таен канал, имавте комуникација со другите обвинети Кешишев, Манев и Боре Видевски?

З – Не

О – Кога водевте разговори со Палевски дали присуствуваа други лица?

З – Да, мојата сопруга со која пиевме кафе

О – Вашата сопруга работи?

З – Да, работи

О – Од која ѝ почнува работното време?

З – Попладне беше, работи во СОУ Перо Наков во Куманово

О – Кое е вашето последно работно место?

З – Офицер за криминалистичко разузнавање и СВР Куманово, веќе трета година сум пензионер

О – Точно е дека сте дисциплински казнуван додека бевте вработени во МВР?

З – Не сакам да разговарам во врска со работите поврзани со службата

О – Може да се заклучи дека сте имале постапки додека сте работеле во МВР?

З – Не знам од каде донесовте таков заклучок

О – Во однос на дупката што ја спомнавте од Боре Видевски во полициската станица, точно е дека не можете да ги опишете димензиите на дупката?

З – Можам да ви кажам со сигурност и местоположба на самата дупка на ѕидот на 15 сантиметри од крајниот десен агол на работното биро на инспекторот Зарински со пречник помеѓи 10-12 сантиметри видна вдлабнатина во ѕидот која е од гипс.

О – Точно е дека до таа дупка немаше никакви траги од крв?

З – Околу дупката немапе никакви други видливи траги.

О – Рековте дека знаете дека не сте имале комуникација на 22.11.2023 година, бидејќи ги чувате пораките. Значи ли тоа дека ја чувате и комуникацијата од 27.11.2023 година?

З – Не ја чувам од причини што каналот е креиран од Љупчо Палевски и истиот после 30 минути се брише.

Прашања од судот:

С – Значи ли дека Палевски има добри ИТ познавања?

З – Не можам јас да ценам, знам дека знае да работи со уреди за електронска комуникација.

С – Како поранешен вработен во МВР, вашата проценка е дали знае добро да работи со средства и уреди за електронска комуникација?

З – Јас сум специјалист за хидроакустика во поранешна ЈНА, електротехничар и сметам дека она што го видов кај него, дека добро владее со ИТ секторот, а тоа значи дека добро ги владее овие средства за електронска комуникација.

Процесот ќе продолжи на петти март, со изведување на докази на одбраната.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Продолжува судењето за убиството на Вања и…

Во скопскиот Кривичен суд денеска продолжува судењето…

Туфегџиќ: Таткото нема поврзаност со убиството на…

Александар Ѓорчевски нема никаква поврзаност со убиството…

Палевски на распит во обвинителството

Љупчо Палевски-Палчо во моментов е на распит…

Петровска: Внатрешната контрола во МВР нарачана од…

„Овој случај не беше одолговлекуван, ниту се…

Продолжен притворот за осомничените за убиството на…

Продолжен притвор од 30 дена добија петмината…