„Шанса за Центар“: Наместо јасна листа за гласање може да има тетратка со голем број имиња

t

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ продолжува со собирање потписи за основање на политичка платформа Независни заедно и покрај тоа што Државаната изборна комисја (ДИК) вчера донесе правилник со кој се овозможува независните да учествуваат на локалните избори со собрани два граѓански потписи.

„Да, го намалија прагот за учество на изборите, но еве зошто ќе продолжиме да собираме потписи за основање на политичката платформа Независни заедно. Овој правилник ќе важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност ’пет до дванаесет’“,се вели во објавата на „Шанса за Центар“ на нивната фејсбук-страница.

Оттаму велат дека ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои „група избирачи“ и името и презимето на носителот на листата.

Ова, според нив, отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Како пример посочуваат Билјана Ивановска и Биљана Ивановска, што, како што велат, веќе се случувало на претходни избори.

„Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци со имиња“,додаваат од Иницијативата.

Исто така, оттаму велат дека пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет со што велат дека продолжува нерамноправноста.

Дека е можно на локалните избори да има километарски гласачки ливчиња предупредуваат и политичките аналитичари.

Тие велат дека на ливчињата ќе се најдат десетици различни кандидати за градоначалници и кандидатски листи за советници, на кои освен оние кои навистина имаат намера да успеат во изборната борба ќе бидат и оние кои само си тераат мајтап. 

Тоа, според нив, ќе доведе до забуна кај многу гласачи, кои сè потешко ќе може да го најдат кандидатот за кој сакаат да гласаат.

ДИК вчера на седница со шест гласа „за“ и еден глас „против“ го донесе новиот правилник во кој се вели дека два граѓански потписа ќе бидат потребни за независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври годинава. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Шанса за Центар“: Наместо јасна листа за…

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ продолжува со…

Вучиќ вели дека факултетите се претвориле во…

Српскиот претседател Александар Вучиќ, се обрати до…

По сечењето на шумата, Љубојно се поплави…

Силно невреме го поплави селото Љубојно каде дождот се…

Македонија му е „пример“ на Вучиќ кога…

Откако претседателот на Србија Александар Вучиќ најави…