Шаќири на состанокот со СОНК: Пролонгирање на штрајкот ќе ги одложи роковите за полагање на државна матура

t

Одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк во образованието не само што не го надминува предизвикот, туку напротив, создава повеќе дополнителни проблеми. Затоа, апелирам до вас како раководство на синдикатот да ја промените политиката на изразување незадоволство на ваков начин и да му дадете можност на социјалниот дијалог. И вие како синдикална организација и ние како институции знаеме дека тоа е најдобрата опција за надминување на секоја ситуација во која постојат несогласувања.

Ова го истакнал министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот состанок со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на кој се разговарало на повеќе теми поврзани со образовниот систем во државата.

-Непримањето на деца во училиштата и неспроведување на настава влијае на социјализацијата на учениците и создава празнини во знаењата кои понатаму потешко се пополнуваат. Тие и онака веќе изгубија голем дел од наставата, учејќи во вонредни околности и услови на пандемија повеќе од година и половина. Повисоки плати за наставниците ќе има, на тоа работиме и ќе го одржиме ветениот збор, како што тоа го направивме и во три наврати во изминатите години, зголемувајќи ги личните примања на вработените во училиштата за над 21 процент. Но, во меѓувреме заеднички приоритет мора да биде враќањето на учениците таму каде што им е местото, рекол Шаќири, се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука.

Министерот Шаќири нагласил дека секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9-ти јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните програми во вакви околности. Поради тоа, стои во соопштението, распустот на учениците мора да биде одложен соодветно на бројот на неодработени денови, а согласно измените кои ќе бидат направени на Календарот за организација на учебната 2021/2022 година.

-Ситуацијата би предизвикала и пролонгирање на сите претходно утврдени рокови за полагање на училишна матура, за уписи во средни училишта, но и во високообразовните установи во земјата и во странство. Исто така, неработењето на училиштата го оневозможува правото на околу 500 наставници да полагаат стручен испит како основа за понатамошно вработување на неопределено работно време, нагласил министерот.

МОН целосно го почитува синдикалното право на штрајк и во ниту еден момент не го попречи неговото спроведување. Но, се подвлекува во соопштението, загрижува формата и времето во кое тоа се применува. Сепак, како што посочил министерот Шаќири, подготвени сме да го продолжиме дијалогот, но без условувања и нереални барања, кои само ги отежнуваат преговорите. (МИА)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СОНК не ја прифаќа одлуката на МОН…

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура…

Тасевски: Контрола на летање ќе штрајкува на…

Синдикатот на Контрола на летање М-НАВ денеска…

Обвинителствата: Услови како да се вработуваат во…

Несериозниот пристап кон проблемот со платите на…

Контролорите на летање ќе штрајкуваат поради партиски…

Контролорите на летање ќе штрајкуваат поради партиски…

Премногу работеле? Вработените во обвинителствата на штрајк

Вработените во обвинителствата бараат повисоки плати и…