Шаќири револтиран од одлуката на СОНК: Родителите да ги носат децата на училиште, директорите да си спроведат настава согласно закон!

t

Откако членството на СОНК на денешната попладневна седница со големо мнозинство одлучи да не го прифати она што вчера неговото раководство го договори со владините претставници, реагираше министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Тој ги повика директорите на училиштата да ги отворат вратите на училиштата и да организираат настава согласно законите, а на родителите им порача да ги пратат децата на училиште.

Фејсбук статусот на министерот, го пренесуваме во продолжение:

„Во интерес на учениците и непречен воспитно-образовен процес, како и во интерес на наставниците и унапредување на нивниот општествено материјален статус, во текот на вчерашниот ден постигнавме согласност со СОНК , која од претставници на социјалните партнери, а во присуство на највисокото раководство на Европската конфедерација за синдикати за образование, беше соопштена пред целата јавност:  12 отсто повисоки плати во образованието од јули, заедничко утврдување на методологија за раст на платите која би се применила од 2023 година и исплата на регрес за годишен одмор исто така од следната година.

Но, зборот на СОНК не издржа ниту едно деноноќие. Одлуката на синдикалното раководство денес е променета и тоа на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта.

Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане. Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува.

Ги повикуваме директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од утре да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Имаат надлежности и одговараат за непостапување по истите.

Исто така, ги повикуваме и родителите/старателите на учениците од утре да продолжат да ги пуштаат/ носат своите деца на училиште. Тие се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат  многу да помогнат во нормализирањето на состојбите.

Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања. Сите имаме одговорност“, вели министерот Шаќири.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СОНК не ја прифаќа одлуката на МОН…

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура…

Наставниците се жалат на мобинг од учениците…

Мобингот кон наставниците од страна на учениците…

СОНК: Најдете решение за кризата, онлајн настава…

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура…

Добра вест: Наставниците ќе земат цела плата…

Прифатени се сите препораки на посредникот кој…

Ковачевски го поздрави договорот меѓу СОНК и…

Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави договорот за…