Шолц пресече: Германија ќе го намалува бројот на мигранти, нема веќе социјални надоместоци
Пред средбата со канцеларот Олаф Шолц на тема миграција во петокот вечерта, претставниците на сојузните држави договорија сеопфатни мерки кои треба да придонесат за намалување на бројот на бегалци во Германија.
„Федералната влада и сојузните покраини имаат заедничка цел, а тоа е драстично да го скратат процесот на донесување одлуки за азил на максимум три месеци за апликантите од оние земји каде што стапката на позитивно решени одлуки за азил е ниска“, пишува во документот со барањата на сојузните покраини за регулирање на миграцијата.
Досега, апликантите можеа да го продолжат престојот во Германија на неопределен период со тужба за одбиена апликација.
Од сојузната влада исто така се бара да склучи договори со дополнителни држави за враќање во нивните земји на потекло за одбиените баратели на азил.
„Да се даде приоритет на обработката на апликантите од земји со ниска стапка на признавање ќе го забрза процесот и ќе овозможи побрзи депортации“, рече премиерот на Долна Саксонија – Стефан Вајл (Социјалдемократската партија на Германија СПД).
Тој и премиерот на сојузната покраина Хесен, Борис Рајн (Христијанско-демократската унија ЦДУ) учествуваат на состанокот во кабинетот на канцеларот во петок навечер на кој се разговара за мерките за ублажување на притисокот од зголемениот број бегалци од почетокот на годината.
На средбата присуствува и претседателот на најголемата опозициска партија ЦДУ, Фридрих Мерц, како и претставници на владината коалиција, Партијата на зелените и Либерално-демократската партија (ФДП).
Сојузните покраини се договорија и за воведување на т.н готовински картички за бегалците, кои бегалците и барателите на азил би можеле да ги користат за да добијат храна и други потреби. Се верува дека така би се намалила можноста бегалците да ги префрлаат парите што државата во моментов ги префрла на нивната сметка во странство.
Исто така, се верува дека намалувањето на социјалните бенефиции ќе ја направи Германија помалку привлечна. Најголемиот дел од бегалците кои пристигнуваат на тлото на Европската унија ја избираат Германија како крајна дестинација.
„Ние се стремиме кон усогласување на социјалните стандарди во рамките на Европската унија“, рече премиерот на Хесен, Борис Рајн. Тој и Вајл заклучија дека очекуваат федералната влада да ги прифати барањата на сојузните покраини.
Некои сојузни држави, исто така, побараа брзо укинување на забраната за работа за барателите на азил со цел да се овозможи „брза интеграција на пазарот на трудот“. Изминативе денови медиумите пишуваа и за воведување работна обврска за барателите на азил кои не можат да најдат вработување.
Денешниот состанок се смета за подготовка за состанокот на министрите за внатрешни работи на сојузните покраини на 6 ноември, каде конечно треба да се прифатат мерките за борба против нерегуларната миграција.
Заднина на состанокот на претставниците на владата, опозицијата и сојузните покраини е зголемениот број баратели на азил и притисокот од успехот на десничарските популистички партии како Алтернатива за Германија (АфД) на последните покраински избори.
Во анкетите на јавното мислење, АфД, која се профилираше како најголем противник на сите форми на имиграција, се најде на второто место со поддршка од 23 отсто од гласачите. Во анкетите граѓаните го наведуваат прашањето на миграцијата како најголем проблем на германското општество.
„Решени сме заедно да ја вратиме довербата на граѓаните“, рече премиерот на Долна Саксонија Вајл пред средбата.
Канцеларот Олаф Шолц рече дека на граѓаните треба да им се покаже дека за важни прашања како што е миграцијата, власта и опозицијата работат во иста насока.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ОЛАФ предупреди за шверц на цигари во…
Црна Гора е една од земјите вклучени…
15-годишно момче загина од удар на гром…
15-годишно момче загина од удар на гром…
Германија останува најголемиот финансиер на Европската унија
Како најголем нето финансиер на Европската унија,…
Германија ги повика своите граѓани или да…
Германското Министерство за надворешни работи повторно ги…
Се урна хотел во Германија: Едно лице…
Едно лице е пронајдено мртво, а осум…