Што јадеме ние? За три месеци увезени 14,1 милиони килограми говедско месо – АХВ уверува дека не е внесена болеста кравјо лудило
Од 1 јануари па до 6 март годинава, во Македонија се увезени вкупно 14,1 милиони килограми говедско месо од Аргентина, Австралија, Австрија, Босна и Херцеговина, Белгија, Бугарија, Германија, Данска, Италија, Јапонија, Полска и други земји. Во истиот период се увезени 68 пратки со говедско месо, со вкупна тежина од 1,6 милиони килограми
Болеста кравјо лудило не е внесена во земјава, а Агенцијата за храна и ветеринарство нема воведено забрана за увоз на говедско месо по потекло од Бразил, брифираат за „Слободен печат“ од АХВ. Според експертите од АХВ, граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи месото и преработките од месо што се увезуваат од Бразил се безбедни. На почетокот на март, Министерството за земјоделство на Бразил соопшти дека Тајланд, Иран и Јордан привремено го прекинале увозот на говедско месо од Бразил додека властите истражуваат случај на кравјо лудило кај животно од државата Пара. Тамошното министерство, исто така, потврдило дека Русија го запрела увозот од државата Пара по откривањето случај на кравјо лудило таму, се вели во соопштението испратено до Ројтерс.
Од 1 јануари 2022 година заклучно со 6 март 2023 година во Македонија се увезени вкупно 14. 154.151 килограми говедско месо од Аргентина, Австралија, Австрија, Босна и Херцеговина, Белгија, Бугарија, Германија, Данска, Италија, Јапонија, Полска и други земји. Само од Бразил во истиот период увезени се 68 пратки со говедско месо, со вкупна тежина од 1.618.243 килограми. Предупредување за појава на оваа опасна болест последен пат во земјава беше испратено во 2018 година, кога АХВ ги извести фирмите што увезуваат пилешко и говедско месо од Бразил за можноста од појава на внес на небезбедно месо.
– Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини, вклучително и на месо и производи од месо. Контроли се прават и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и преглед на идентитет и физички преглед на пратките – додаваат од АХВ.
Според податоците во Светската организација за здравствена заштита на животните (ВОАХ), Бразил спроведува редовен надзор на болеста БСЕ (бовина спонгиофрома енцефалопатија) и при тоа е детектиран атипичен случај на H-тип БСЕ, а никогаш не бил потврден класичен случај на БСЕ.
– Од 2012 година, Бразил е земја што е официјално признаена од ВОАХ (ОИЕ) како земја со незначителен ризик во однос на болеста БСЕ – објаснуваат од АХВ.
Мониторинг програмата подразбира дека и при сомнеж, од пратките месо што се увезуваат, да се земаат и мостри за анализа. За нив не се дозволува увоз во земјава, односно тие се ставаат под надзор, сè додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна.
– Во случај на позитивни резултати од лабораториските анализи, пратката се враќа во земјата на потекло или нештетно се уништува во присуство на официјален инспектор – брифираат од АХВ.
Освен во Бразил, на почетокот на февруари случај на кравјо лудило беше откриен и на фарма во Холандија. Инфекцијата била пронајдена кај мртва крава на крајот на јануари, а експертите утврдуваат дали станува збор за т.н. атипичен или класичен вид говедска инфекција (БСЕ). За потсетување, широко распространетите случаи на кравјо лудило ги погодија стадата говеда во Велика Британија и во други европски земји во 90-тите години на минатиот век. Атипичните случаи, кои повремено беа откриени во последните години, можат да предизвикаат привремени трговски ограничувања.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Никакво рационално објаснување зошто се чекаше…
Нема никакво рационално објаснение зошто после полни…
Вајц: Бев мета затоа што одбив да…
Тој се пожали дека бил цел на…
Важно известување: АХВ со нови мерки за…
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе…
Не ги изедначувајте празниците:Задушницата е за спомен…
Граѓаните честопати ги изедначуваат празниците Задушница и…
Дебитантот Деспотовски: Против Белгија мораме да бидеме…
Македонската фудбалска репрезентација в петок на 6…