Што ќе значи руското заземање на Покровск за војната во Украина?

t

Русија наскоро би можела да го заземе клучниот јужен логистички центар во Донецк, Покровск, со што ќе одбележи цела година материјални територијални придобивки во Украина. Сепак, руската офанзива која трае една година имаше значителни загуби на луѓе и опрема, па нејзините сили можеби нема да можат да го искористат Покровск како отскочна даска за големи придобивки на краток рок.

Покровск некогаш вриеше од луѓе, но во овој ладен, снежен декемвриски ден, се чувствува како град на духови.

Улиците на овој град од 60 000 жители се морничаво празни, со едвај жива душа или некој автомобил на поминување. Единствените звуци доаѓаат од повременото пукање и одекот од далечната артилерија.

Некогаш просперитетен индустриски центар во источниот регион на Украина, Донецк, во кој кафулињата „брмчеа“ од муабет, а улиците пулсираа со енергија, сега е најновиот украински град под закана од контрола од руските сили.

Откако контраофанзива што украинските сили ја спроведоа во Донецк за да ги истераат инвазивните руски сили, кулминираше со мал успех во октомври 2023 година, руските трупи полека почнаа да се движат на запад, го заземаа градот Авдијевка, а потоа и Вулдехар.

Сега, наводно, е на само неколку милји од границата на Покровск што би можело да значи дека е на чекор од заземање на овој град, клучен логистички центар во близина на сегашната линија на фронтот.

„Тоа би било суштински удар за Украинците и не сум сигурен дека тие може да го спречат тоа. Ако го изгубат, значи дека ќе го изгубат и прилично директниот пристап до нивните одбранбени линии, а тоа ќе го отежни продолжувањето на борбата“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Дејвид Силбеј, професор по воена историја на Универзитетот Корнел во сојузната држава Њујорк.

Покровск е стратешки значаен бидејќи служи како главен транспортен центар, се наоѓа близу првите линии на фронтот и служи како центар за снабдување за воени операции во регионот на Донбас.

И покрај порастот на западната воена помош за Украина, стапката на територијални придобивки на Русија во Донецк се зголемува секој месец од август. Тоа ја зголемува загриженоста за потенцијалниот руски пробив во Покровск.

Загубата на овој град дополнително ќе ја отвори вратата за една од главните воени цели на Русија, атоа е заземање на остатокот од регионот Донецк, еден од четирите што Москва тврди дека ги анектираше во ноември 2022 година по наводните избори.

Рускиот претседател Владимир Путин во јуни изјави дека ќе се согласи на прекин на огнот и мировни преговори само доколку Украина се повлече од четирите региони, кои ги вклучуваат и Луганск, Запорожје и Херсон, и се откаже од амбициите да се приклучи на НАТО.

Маратонска офанзива

Но, според Џорџ Барос, воен аналитичар во американскиот Институт за проучување на војна, Русија засега можеби нема ресурси да ја искористи потенцијалната тактичка победа во Покровск за оперативен напредок подлабоко во Украина.

Русија загуби повеќе од 500 тенкови и 1000 борбени возила, како и десетици илјади војници за време на едногодишниот, 45-километарски марш до предградието на Покровск.

„Она што го гледаме овде е крајот на многу, многу долгиот руски маратон каде што Русите потрошија огромни ресурси за да напредуваат на многу, објективно мала територија“, рече тој.

Ако Русите навистина го заземат Покровск, сегашната офанзива најверојатно ќе кулминира поради ограничувањата на силата и ресурсите, смета Барос.

Тој нагласува дека руските сили не можеле да го освојат стратешкиот град Часив Јар, делумно поради исцрпеност откако претходно извојуваа победа во блискиот Бахмут, во една од најсмртоносните битки во војната.

Вонредните загуби на Русија на патот кон Покровск би можеле да отворат можност за Украина, посочува Барос.

„Доколку Украинците имаат соодветни ресурси и можат да привлечат повеќе мажи на фронтот кои се добро опремени – ова всушност би било идеално време да се изврши контранапад на уморен и исцрпен противник и да се вратат Русите во рикверц“, рече Барос.

Проблемите на Украина

Сепак, проблемите со регрутирањето војници и обуката, можеби пред сè друго, им овозможија на руските сили да ја пресечат источна Украина оваа година, велат воените експерти.

Со месеци, поради страв од реакциите на народот владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски го одложуваше поднесувањето на легислативата за зајакнување на регрутирањето, дури и кога силата на војниците на фронтот се деградираше поради недостаток на ротација.

Законите, кои конечно беа усвоени во парламентот во април, ја намалија и старосната граница во однос на подобност за регрутирање од 27 на 25 години.

Двоумењето околу усвојувањето на овие нацрт-закони се совпадна со шестмесечната пауза на американската воена помош што дополнително ги ослабна украинските сили на фронтот претходно оваа година.

Русија сега веќе нема значителна предност во огнената моќ и беспилотните летала бидејќи САД брзаат со испорачување муниција, а Украина го зголемува своето производство на беспилотни летала.

Сепак, недостигот на воена сила продолжува да биде проблем бидејќи новите регрути се обидуваат да ја избегнат пешадијата во услови на многу високи стапки на жртви.

Украина брза да собере колку што може војници, вклучително и од другите гранки на вооружените сили, за да го спречи падот на Покровск. Но, тоа доаѓа на сметка на нивните одбранбени линии на други места, рече професорот од Корнел, Силбеј.

Украина нема шанса да ги обнови своите сили бидејќи тие се под континуиран напад, додава тој.

Во меѓувреме, со помош на севернокорејските трупи, Русите полека ја туркаат Украина назад во руската област Курск. Украина зазеде дел од овој регион со ненадеен напад во август.

Целта на Киев во Курск беше да ги принуди руските трупи да се повлечат од Украина и во моментот кога ќе се склучи мировен договор да направи размена на оваа руска територија со своја територија која е окупирана од Русија.

Во услови на недостиг на војници на истокот на земјата, операцијата Курск беше контроверзна, а некои експерти велат дека не успеала да повлече многу руски војници од фронтот во Донецк.

Доколку руските сили го заземат Покровск, рече Силбеј, тие најверојатно ќе застанат за да ја зацврстат својата позиција пред да продолжат на север кон градот Краматорск.

Тој вели дека Путин може да ги турка руските сили до границите на Луганск и Донецк, кои го сочинуваат регионот Донбас, а потоа да побара договор со Украина.

Русија не може да издржи подлабоко навлегување во Украина, рече тој, посочувајќи дека Москва посегнува по советските тенкови паркирани во складиштата, од кои некои се направени уште во 1950-тите, бидејќи не може да ги надомести своите загуби.

Русија „победува, но ова ја уништува како воена сила. Ова е последната војна на суперсилите што некогаш ќе ја водат, бидејќи ги трошат сите резерви што им останаа од времето кога беа Советски Сојуз“, заклучува Силбеј.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СДСМ моментално има рејтинг од 3,9%, само…

Македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан…

Се испитува смртта на 64-годишен скопјанец кој…

Се проверува причината за смрт на машко…

Сиљановска Давкова: Турскиот јазик и култура се…

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по…

Што ќе значи руското заземање на Покровск…

Русија наскоро би можела да го заземе…

Девицата да не влегува во сериозни дискусии,…

ОВЕН Би можеле да бидете почувствителни од…