Шуга има и во домови за стари лица!

t

Шугата, заразно паразитско заболување кое предизвикува интензивен осип и чешање, повторно станува актуелна тема во Македонија. Во последниот период, во основното училиште во селото Романовце беше потврден случај на шуга кај ученик, а тројца други се суспектни. 

Пред овој случај, во телефонски разговор со директор на една од скопските клиники, за Фактор беше потврдена информацијата дека двајца постари пациенти, префрлени од домови за стари лица на таа клиника, исто така биле дијагностицирани со ова заболување. 

Овие случаи отвораат прашања за ширењето на шугата во различни средини – од образовните институции до грижата за старите лица – и ја наметнуваат потребата од итни превентивни мерки и подигнување на свеста за ова занемарено, но заразно заболување.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во текот на 2024 година во Македонија се регистрирани 493 заболени лица, што претставува зголемување од 46,3 отсто во однос на 2023 година, кога биле евидентирани 337 случаи. Трендот на пораст сугерира дека шугата останува присутен јавно-здравствен проблем, особено во заедници каде што условите за превенција се ограничени.

„Шугата главно се појавува во социјално загрозени групи, како и во институции со повисок ризик за пренос, како што се училишта, домови за стари лица и други колективни средини. Ние како Институт за јавно здравје сме посветени на превенција, рано откривање и едукација за оваа болест“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Во 2024 година, најголем број случаи се регистрирани во Скопје (182), Куманово (108) и Гостивар (101), додека во јануари 2025 година, 28 нови случаи биле пријавени низ државата, од кои 16 во Скопје. Иако овие случаи не се поврзани меѓусебно и не се смета дека болеста се шири во епидемиска форма, алармантен е континуираниот пораст на бројот на заболени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден потврден случај на шуга во основно…

Еден потврден случај на шуга, а тројца…