Ја убиле, го масакрирале телото, а главата ѝ ја ставиле на излог! 82 години од смртта на партизанката Невена Георгиева – Дуња!

t

На денешен ден во 1942 година, кај велешкото село Папрадиште, партизанскиот одред „Димитар Влахов“ беше нападнат од бугарската окупаторска полиција. Седумнаесетгодишната партизанка Невена Георгиева – Дуња, која се бореше во првите борбени редови на овој одред, беше смртно погодена од фашистички рафал.

Има две верзии за датумот и местото на загинувањето на Дуња. Едната е дека тоа се случило кај Папрадиште на 6 декември 1942 година, а во другата верзија, како што стои и на повеќе спомен-обележја, дека храбрата партизанка загинала на 16 декември кај селото Нежилово. Папрадиште и Нежилово се соседни села во Велешко.

Невена Николова Георгиева – Дуња родена е на 25 јули 1925 во Скопје. На 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија.

Многу мала остана без мајка си и со тоа од најраните години ги осознала сите тешкотии на животот. Таа за да заработи за живот, покрај учењето, се занимавала и со шиење. Како скоевка уште во 1941 година растурала летоци, а за да не биде фатена од окупатирската полиција ги криела меѓу шиените фустани. Но, непријателот ја регистрирал нејзината активност, па морала да замине во илегалство.

Дуња станува борец на Скопскиот партизански одред при неговото создавање на 22 август 1941 година. По расформирањето на Одредот во ноември 1941, таа заминала во Велес, а потоа во Струмица. Помагала во подготовките за излегувањето на Струмичкиот партизански одред од летото во 1942 година. Во мај 1942, во отсуство, таа била осудена на 7 години строг затвор. Во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.

Кога бил нападнат одредот кај селото Папрадишта имало жестока битка во која непријателот бил далеку поброен. Неколку партизани заедно со Дуња ја бранеле нивната позиција. Пo неколкучасовна борба, херојски загинала од фашистички рафал. Така на 17- годишна возраст згасна животот на оваа храбра Македонка, која останала светол пример за девојка македонски патриот.

Откако била тешко ранета окупаторот го масакрирал нејзиното мртво тело. И ја отсекле главата и набиена на кол ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот македонски народ. За страв пак на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.

Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“, а две основни училишта, во скопска Кисела Вода и во Нежилово, го носат нејзиното име. Нејзиното име го носеше и студентска населба во Скопје, односно бараките кои беа познати како студентска населба Медицинар.

Во скопскиот Жена-парк постои спомен-обележје посветено на храбрата македонска патриотка Дуња. Во 1969 година била поставена нејзина биста и во основното училиште што го носи нејзиното име во Кисела Вода, а во 1978 година и во Студентскиот дом во Скопје што го носи нејзиното име. Во 2014 година нејзината биста во дворот на студентскиот дом била уништена, а во 2016 била украдена и нејзината биста во основното училиште во Кисела Вода.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонската кујна на 47. место меѓу најдобрите…

Популарниот гастрономски портал за храна и патувања,…

Рекорден пад на вработените во текстилниот сектор…

Текстилниот сектор во Македонија се соочува со…

(Видео) Oдбраната на Мицевска со која обезбеди…

Голманката на македонската репрезентација Јована Мицевска беше една од…

Државата денеска се задолжува со уште 89…

За денеска се закажани две аукции на…

Меџити пред првиот меѓувладин состанок со Владата на…

Два дена пред меѓувладината средба помеѓу Македонија…