Ја чувале во фиока oд 2013 година: УЈП дозволила да му застари казната на газдата на „Пулс“, зашто не издавал фискални сметки

t

Управата за јавни приходи му дозволила на Дејан Јованов Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“ да избегне плаќање на прекршочна глоба на начин што повеќе од 6 години му ја чувале во фиока и дозволиле да застари. Прекршокот бил констатиран во неговата фирма „Класик ДМ ДОО“ Кочани на 25 октомври 2013 година. Јованов освен дискотеката „Пулс“ управувал и со кафуле во центарот на градот, кое што беше мета на гневот на кочанчани кои во знак на протест ги искршија неговите прозорци и инвентар, откако во пожарот трагично загинаа 62 претежно млади лица.

Токму во оваа фирма „Класик ДМ ДОО“, според документите кои ги обезбеди „Слободен печат“, инспекторите на Управата за јавни приходи во октомври 2013 година констатирале дека не се издаваат фискални сметки и не е воведена и не се користи фискална каса. Наместо да го реализираат прекршочниот налог, службениците на Управата за јавни приходи дозволиле прекршокот да застари и сопственикот на фирмата да не плати казна за констатираниот прекршок односно тоа што дневниот промет не поминал преку фискална каса.

Додека граѓаните се соочуваат со хируршката и математичка прецизност на службениците на Управата за јавни приходи (познато е дека и за неколку денари неплатен данок граѓаните добиваат опомени) судбината на кафулето на Јованов со УЈП била доста поинаква. Тие од засега мистериозни причини, дури 6 години од 2013 до 2019 година не ја завршиле прекршочната постапка. Со ова казната практично застарела а Дејан Јованов – Деко успеал тоа да го докаже пред Управниот суд и да плати само 1200 денари судски такси. Во периодот од 2013 до 2019 година Управата за јавни приходи ја водеа кадри и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, а Комисијата за прекршоци во Управата за јавни приходи составена меѓу другото и од правници не успеала да ја спроведе ниту прекршочната санкција која всушност претставува парична глоба од неколку стотини евра зависно од големината на фирмата.

Комисијата за прекршоци во УЈП поднела барање за поведување на прекршочна постапка на 12.11.2013 година па по спроведената прекршочна постапка, во повторна постапка донела решение од 25.07.2019 година. Тужителите (Дејан Јованов и фирмата н.з.) незадоволни од така донесеното решение изјавиле жалба до Државната комисија која на 12.09.2019 година жалбата ја одбила како неоснована. Судот утврди дека во конкретниот случај настапила апсолутна застареност за понатамошно водење на прекршочната постапка. Ова од причина што тужениот орган (УЈП) утврдил дека прекршокот е сторен на 14.01.2013 година, па застареноста за поведување и понатамошно водење на прекршочна постапка настапила на 14.01.2017 година, констатираше Управниот суд.

„Слободен печат“ се обрати во Управата за јавни приходи со прашања како Комисија за прекршоци во која има правници, не успеала да ја наплати оваа сума за прекршокот што го сторила фирмата на Дејан Јованов и зошто прекршочната постапка не ја спровеле во законскиот рок, туку решението го донеле дури 2 години по застарувањето на прекршокот.

Поради сензитивноста на случајот, а во интерес на истрагата за даночниот обврзник кој е поврзан со трагичниот настан, со цел на каков било начин да се спречи влијание на истрагата која е во тек Управата за јавни приходи ќе се воздржи од соопштување на информации. Во интерес на истрагата и согласно одредбите за даночна тајна (член 9 од Законот за даночна постапка), Управата за јавни приходи во овој момент не би можела да соопшти детали и информации поврзани со овој случај и за даночен обврзник/ци кои се предмет или би биле предмет на интерес во овој случај. Управата за јавни приходи е во постојана соработка со надлежните органи со цел обезбедување на потребните докази и информации за потребите на истражните и кривичните постапки. Ја користиме оваа прилика да испратиме апел да не се шпекулира и да не се изнесуваат информации кои може да влијаат на истрагата, вклучително и информации кои произлегуваат од законските надлежности на УЈП. Во овие моменти на чувствителност, повикуваме на разбирање и одговорност од страна на јавноста и медиумите, за да се овозможи непречено, продолжување на истрагата, одговорија од УЈП на нашите прашања.

Инаку, сега ликвидираната фирма на Дејан Јованов Деко, „Класик ДМ“ ДОО Кочани беше причина поранешен командир и двајца инспектори од полициската станица Кочани да заработат кривични пријави. Тие според кривичната пријава, иако знаеле дека конкретната фирма ДПТУ „Класик ДМ“ ДОО Кочани е неактивна, а дискотеката ја управува друга фирма, ѝ поднеле прекршочна пријава за прекршување на јавниот ред и мир на првата неактивна фирма!

МВР вели дека првопријавениот К. Б., во време на извршување на кривичното дело на работно место помлад инспектор-водич на безбедносен реон во полициската станица Кочани на 07.10.2023 и второпријавениот Г. Л., во време на извршување на кривичното дело на работно место инспектор за прифат-сменоводител во полициската станица Кочани на 25.11.2023, по спроведена акциска контрола во кабаре „Пулс“ Кочани за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, изготвиле записник за сторен прекршок и прекршочен платен налог на неактивно правно лице ДПТУ „Класик ДМ“ ДОО Кочани и на одговорно лице Д. Ј., иако знаеле дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М. С., со што овозможиле имотна корист за правното лице ДПТУУ „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов.

„Третопријавениот А.Т., во време на извршување на кривичното дело на работно место командир на Полициската станица Кочани, во два наврати на 01.02.2024 и на 07.02.2024 одобрил и потпишал барање за поведување прекршочна постапка за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против неактивен правен субјект ДПТУ ‘Класик ДМ’ ДООЕЛ Кочани и одговорно лице Д. Ј. и ги доставил до Основен суд Кочани – Одделение за прекршоци, претходно констатирани од првопријавениот на 07.10.2023 и од второпријавениот на 25.11.2023, иако знаел дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ‘ММММ Кафе’ ДООЕЛ Кочани – подружница кабаре ‘Пулс’ со одговорно лице М. С.“, вели МВР.

Во пожарот во нерегистрираното кабаре „Пулс“ кое што од 2012 до 16 март 2025 функционираше во Кочани со низа пропусти и непостапувања на надлежните контролни органи, загинаа 62 претежно млади лица, а повредени беа речиси 200.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Луке Галески стана член на Надзорниот одбор…

Луке Галески, дел од Извршниот комитет на…

Израел ја погоди иранската државна телевизија за…

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац во…

Жена со бугарско потекло загина во Израел

Постара Израелка со бугарски корени загина во…

Пицула за БГНЕС: „Српскиот свет“ е опасен,…

„Српскиот свет“ е опасен. Местото на Западен…

Сè уште не почнала евакуацијата на македонските…

Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел…