Љубчо Георгиевски, Фатмир Етеми, Ванчо Чифлиганец – кој се е дел од „урбаната мафија“ која купува атрактивни плацеви по багателни цени

t

Бизнисмени од земјава и странство, поранешни премиери, политичари и функционери во министерството за транспорт и врски станале дел од т.н. урбана мафија.

Последниот случај со продажбата на атрактивно државно земјиште во строгиот центар на градот, спроти зградата на поранешна НИП Нова Македонија, во близина на цветниот пазар, повторно на површина ја изнесува трулоста на системот кој ја фаворизира корупцијата наспроти правната држава.

Се работи за парцела од 663 квадратни метри која компанијата „ЗСФ-КОМ“ ја купила за неверојатни 438 денари, или седум евра по квадрат за вкупна цена од 290.394 денари. На оваа парцела, која е дооформена од четири други, со имотен лист број 58982 во општина Центар е предвидено да се гради хотел.

Парцелата е дооформена на ист начин како спорната парцела кај Мајчин дом во општина Аеродром, каде исто така инвестор беше „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми.

Парцелите на коишто Етеми им „фрлил око“ и кои на крајот успеа да ги стави под негова капа имаат долг историјат. Најголемата меѓу нив, КП 280/13 во 30-те години на минатиот век била во сопственост на Југословенската државна железница, за потоа низ годините да премине во државна сопственост на Република Македонија и на крајот, да заврши во рацете на бизнисменот преку решение за приватизација издадено од Министерството за финансии, предводено од Фатмир Бесими, кадар на ДУИ.

Па така, тој во септември 2017 година купил недвижен имот (земјиште и стан) на улицата „Васил Ѓоргов“, коишто се дел од парцелите КП 280/17 и КП280/2. Ама, затоа што во истиот Имотен лист е и КП 280/13, која произлегувала од стара парцела каде што имало легализирана дивоградба, и таа се запишува со право на сопственост по основ на легализација.


Бизнисменот со поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ на 2 октомври 2020 година потпишал договор за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со сопственици на објекти за коишто има решение за легализација, за што Етеми платил по едно евро квадрат за објекти со вкупна површина од 171 квадратен метар или нешто над 10 илјади денари. Градежното земјиште е со намена А1, односно домување во станбени куќи. Ова било доволно за Министерството за финансии на крајот да даде „амин“ за приватизацијата на државното земјиште.

„Корисници на градежно земјиште се и правните лица кои користат градежно земјиште по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа, а не се евидентирани како корисници во катастарот на земјиште, односно не се запишани како корисници на земјиштето во катастарот на недвижности, при што земјиштето е евидентирано, односно запишано како сопственост на Република Македонија“, се вели во образложението од Министерството за финансии.

Со едноставни зборови, Министерството за финансии „оправдување“ за одлуката да го приватизира државниот имот во корист на Етеми нашло во тоа што бизнисменот купил легализиран објект (порано дивоградба) на стара парцела, од којашто произлегувала новата парцела со број 280/13.

Од ресорот предводен од Фатмир Бесими формулирале дека „со пренесување на правото на сопственост на објектот е пренесено и правото на користење на градежното земјиште во општествена, односно во државна сопственост, а во рамки на градежната парцела“.

Бизнисменот Етеми од Општина Центар засега не е побарал дозвола за градење на парцелите коишто се близина на НИП „Нова Македонија“ и каде во моментов има неколку трошни објекти.

Но, од локалната самоуправа откриваат дека тој бара спојување на парцелите, па наместо хотел и зграда, таму да никне деловен објект.

„Со важечкиот ДУП, на наведената локација се предвидени две градежни парцели, од кои едната е со намена хотел, а другата со намена домување – станбена зграда. До Општина Центар – Скопје поднесена е и иницијатива за промена на овој дел од деталниот урбанистички план, со која се бара спојување на двете парцели во една и промена на намената во објект за деловна намена“, велат од Општината.

Етеми признава дека планира да инвестира на овие парцели, и тоа деловна зграда на 15 ката, со градинка. Дополнително тој вели дека таму сега има две парцели, едната стекната преку дооформување на парцела, наменета за домување и онаа со хотелот преку приватизацијата од Министерството за финансии. Но, идејата за голем кружен тек кај НИП „Нова Македонија“ му ги „поматило“ плановите.

„Со сегашниот ДУП се предвидени станбена зграда и хотел. Таму има две маркици. Но, бидејќи не е соодветно да има станбена зграда покрај кружен тек и хотел, за кој давачките за комуналии, односно надоместокот за уредување на градежно земјиште е минимален, што не е во интерес и на Општината, иако таков е законот, затоа ние како сопственици на објектите и на земјиштето предлагаме двете маркици да се спојат во една за деловна зграда, за да нема станбена зграда и хотел. Со тоа ќе имаме заеднички интерес со Општината, а просторот ќе се уреди похумано“, вели Етеми за порталот „Само Прашај“.

„Дел од земјиштето е приватизирано по одредба на Владата, односно на Министерството за финансии по цена од околу 430 денари за квадрат. Другиот дел од земјиштето е купено од приватни сопственици по друга цена“, вели Етеми.

Молк од Министерството за финансии
Во време кога за граѓаните е вистински подвиг да се купи стан, кога на пазарот има празни станови ама цените остануваат високи, а градежниците прават големи профити, „Само прашај“ побара одговори од Министерството за финансии дали за нив, како чувари и креатори на државната каса е оправдано да се приватизира државно земјиште во строгиот центар на градот за само 7 евра за квадрат. Но, оттаму решија да молчат и да не одговорат на прашањата, што не оди во прилог на заложбите за транспарентно управување со парите на граѓаните и со државниот имот, а фрла и сомнеж врз целиот случај. Обид да обезбедиме одговори од Министерството за финансии направивме и преку Владата, но и тој беше неуспешен.

Кој се е вмешан во овој матен бизнис

Според информациите на Инфомакс, за овој инвестицски потфат заинтересирани се и некои поранешни високи функционери, бизнисмени и иселеници од Швајцарија.

Ова не е прв пат Етеми на ист начин да дооформува парцели, спротивно на законот, и истите да ги купува по багателни цени. Таков беше и примерот со парцелите кај Мајчин дом, случај кој беше заташкан и остана неистражен. Сличен е и примерот со парцелите во близина на Железничката станица во Скопје – сите сопственост на „ЗСФ-КОМ“.

Работите за Етеми, според информациите на Инфомакс, во Министерството за транспорт и врски ги „брка“ извесна Билјана, инаку шеф на кабинет во времето на министерувањето на Горан Сугарески. Истата, веќе била дел од кривична истрага, но кривичните пријави никогаш целосно не се процесуирани.

Ортаци на Етеми во градежниот бизнис пак, неофицијално се и екс-премиерот Љубчо Георгиевски, Ванчо Чифлиганец, но и екс-шефот на кабинет на директорот на БЈБ Љупчо Тодоровски – Радникот, како и уште едно лице иселеник од Швајцарија. Бизнисот на оваа ортачка екипа не завршува само во градежниот сектор, но според сознанија на Инфомакс, компанијата на Етеми „ЗСФ-КОМ“ се користи и како фронт за инвеситрање на пари за купување на акции во Комерцијална Банка и Скопски Пазар. Впрочем, Фатмир Етеми е и член на Управниот одбор на Комерцијална банка благодарение на акционерските гласови на Ванчо Чифлиганец кој пак е и еден од најголемите акционери во банката.

Никој не ги „чепка“

Иако во неколку наврати оваа ортачка екипа е пресретната, сомнителните бизнис активности никогаш не беа предмет на истрага на ниту една институција.

Финансиската полиција нема одговор на прашањата на Инфомакс, а од МВР велат дека немаат пријава за да превземат било каква активност.

– Почитувани, во врска со вашето прашање ве известуваме дека немаме добиено пријава за таков случај, велат од МВР за Инфомакс.

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска пак, за Инфомакс вели дека ако на МВР им треба налог, тогаш ОЈОГОКК веднаш ќе излезе во пресрет.

– Ова прашање да го поставите на МВР и Финансова полиција. Тие се надлежни за откривање на кривични дела. Обвинителството е орган на прогон. Доколку им требаат наредби за постапување, обвинителството стои на располагање, вели Русковска за Инфомакс.

Очигледна е намерата сепак, Етеми, Георгиевски, Чифлиганец и низа други „бизнисмени“ да бидат заштитени од законот, па ниту МВР ниту Финансовата полиција се уште не се дрзнуваат да отворат истргата за ваквите дејствија.

Според информациите на Инфомакс, најмалку десетина судии – за кои имаме податоци – се дел од платниот список на оваа ортачка екипа.

Етеми важеше и за еден од главните поддржувачи на 1ТВ на Бојан Јовановски, телевизија која упорно се обидуваше да го релативизира случајот со плацевите кај Мајчин дом.

А.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Разбиена меѓународна албанска мафија: Запленет имот од…

Италијанските власти за борба против мафијата информираат…

Ѓорѓиевски контpa урбаната мафиja: За Paсадник ќе…

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски,…

Maфиjaш вo бeгcтвo 20 гoдини фaтeн прeкy…

Благодарение на апликацијата Google Maps, италијанската полиција…