Ќе ни треба многу мудрост, сталоженост и упорност да се издигнеме од пепелот и да го вратиме достоинството на Македонците, да ја вратиме македонска Македонија

t

АНАЛИЗА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАНУ, ЉУПЧО КОЦАРЕВ

Насловот на денешниот текст е позајмен од Лакан (1901 – 1981), еден од најголемите мислители на дваесеттиот век (за некои „најконтроверзниот психоаналитичар по Фројд“). Оваа мисла беше мотото на студентските демонстрации од 1968 година, можеби неизречено и несвесно мото на Шарената револуција во Македонија од 2016 година, а денес и на тие што сѐ уште храбро им се спротивставуваат на политиките за уништување на македонизмот. Две теми ме поттикнаа да го напишам денешниов текст: прво, прашањето дали „членовите на македонскиот дел на Меѓувладината историска комисија немаа никогаш никаква шанса против политиката“ и, второ, резултатите од истражувањето на Европската комисија за патриотизмот кај жителите на државите во Југоисточна Европа.


Одговорите на прашањата што произлегуваат од двете теми се тесно поврзани. Ќе почнам со првата тема. Книгата „Доброволните џелати на Хитлер“ (1996 година) од Даниел Голдхаген, отворањето на Штази-архивите во Германија, книгата „Комунистичка интима“ (2008 година) од Јасна Котеска и уште многу други книги, документи и сведоштва ја потврдуваат вистинитоста на тврдењето: оние што одбиле да учествуваат во геноцидот над Евреите, оние што одбиле да соработуваат со тајните служби на комунизмот или оние што одбиле да соработуваат со носителите на владините погрешни, неуставни, недржавнички и предавнички политики на сопствениот род, никогаш не претрпеле некаква лична штета. Моралните избори биле, се и ќе бидат секогаш можни, особено за интелектуалците, меѓутоа, според зборовите на Котеска:

„Проблемот е дека интелектуалците најчесто се слуги на државата и парично се зависни од неа, тие се истурената рака на машинериите на образованието, воспитувани да ги поддржуваат професионалните и етичките кодови на апстрактната државна машинерија“.

Оттука, моралните избори биле можни и за членовите на македонскиот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Бугарија и Македонија. Тие имале морален избор, но се одлучиле за погубните и срамни политики на сегашната влада, за кои сум пишувал многупати во минатите две години, но, сепак, повторно ќе пишувам во некои од наредените броеви на „Нова Македонија“, бидејќи имам и чувствувам морална обврска да го поткренам моралот на мојот народ во ова време осудено на неморал. Пред донесувањето морални одлуки биле, се и ќе се соочуваат сите интелектуалци и граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и членовите на МАНУ. Дали членовите на МАНУ, на чело со претседателот, во секоја доба од егзистирањето на оваа круцијална институција за македонското општество, треба да бидат слуги на државата или промотори на моралните и општествените вредности? За тоа одлучува секој од нив – тоа е нивна одлука, одлука на личноста. Моите текстови се сведоштва за мојата лична одлука.

Втората тема е поврзана со едно истражување на Европската комисија. Несомнено, „патриотизмот не се мери во проценти“, но на прашањето: „Доколку избие војна, дали сте подготвени да ја браните вашата татковина?“, истражувањето на Европската комисија од оваа година покажува дека македонските граѓани се најмалку подготвени, поточно само 55,4 проценти, да се борат за својата земја. Наспроти тоа, погледнете што говорат податоците од другите држави во регионот: Грција 87,9 отсто, Словенија 87,5 отсто, Албанија 85 отсто, Турција 83 отсто, Бугарија 75,5 отсто, Хрватска 74,2, Романија 68,2, Србија со 65,9, Црна Гора со 61,1 и БиХ со 59,5 отсто.


Интересно е да се направи посеопфатна анализа на овие резултати. Меѓутоа, недвосмислено е дека резултатите за Македонија се поразителни, но очекувани, па, оттука, тие не предизвикаа големо изненадување во македонската јавност, што се должи во основа на апатијата и разочараноста на граѓаните од состојбите во Македонија и нивниот нееднаков социјален, економски, административен и етнички третман во сопствената држава. Пред донесувањето морални одлуки биле, се и ќе се соочуваат интелектуалците во однос на владините политики, но и политичарите во однос на меѓународниот притисок и стратегиските интереси на големите сили.

Во Македонија, за жал, владејачката елита потклекна пред меѓународниот притисок за менување на името на државата, што потоа предизвика лавина од национално-идентитетски оспорувања, кои доведоа и до оживување на процесите за оспорување на постоењето на македонскиот народ. Неумерената сервилност на владејачката елита кон помоќните не само што е застрашувачка, понижувачка и непоттикната во полза на националните интереси туку е и непродуктивна и деструктивна, иако достоинството, да подвлечам уште еднаш, се цени многу повеќе. Затоа, повторно подвлекувам, еднаш и засекогаш треба да се знае и да се прифати фактот дека не треба да бидеме слуги, никогаш и никому, ни однатре ни однадвор. Оти односот на помоќните кон недостојните и сервилните е, всушност, однос кон слуги, а тие се однесуваат кон слугите „како што мајмунот држи орев во аголот на својата вилица; тој најпрво го зема во уста за да го чува, но најпосле го проголтува“ (Шекспир). Ваквата сервилност, се разбира, доведе до преиспитување на смислата на патриотизмот, поточно, до преиспитување на потребата да се брани татковината, која поради сето ова е доведена на работ од бездната, па затоа резултатите за Македонија од истражувањето на Европската комисија се очекувани.


Веќе споменатата книга „Доброволните џелати на Хитлер“, но особено луцидната анализа во книгата „Комунистичка интима“, даваат показ како да се објасни тоа што денес се случува во Македонија – во име и со поддршка на ЕУ, масовно злосторство: демакедонизација, одмакедончување, разнебитување на Македонија. Масовните злосторства се можни само со премолчена соработка на сите, проследена со апатија за секаков отпор и амнезија на историската вистина. Сонот за ЕУ изнедри големи злосторства, затоа што тој сон се заснова на идејата дека ЕУ е единствената алтернатива на Македонија и, оттука, за нејзиниот опстанок.

Иван Катиќ пишува: „Малите злосторства се прават од користољубие или од навика. Големите од верба и убедување. Само големите идеалисти прават големи злосторства без каење, идеалите ги ослободуваат од гризењето на совеста“ (цитат од „Комунистичка интима“). Сонот за ЕУ во спрега со непочитувањето на редот и поредокот, дивеењето наместо владеење, организираниот криминал и корупцијата, доведоа во Македонија да се инсталира систем во кој луѓето доброволно одат како „кукли кон сопствената смрт“ (цитат од книгата „Комунистичка интима“), со други зборови, Македонците доброволно се разнебитуваат. Всушност, „целиот триумф на садистичката структура на СС-овците се базирал на таков тип измачување, што потоа жртвата да дозволи самата да биде одведена до јамата без протест, самата да се одрече од секаков квалитет на човечки отпор“ (цитат од книгата „Комунистичка интима“). Токму такво измачување се случува катадневно во Македонија: дивеењата, ароганцијата, неукоста и алчноста, од една страна, и дезинформациите, манипулациите и изобилството од небитни информации, од друга страна, на водечките елити и нивните апологети доведоа до апатија, желба за одречување од отпор и масовно разнебитување на Македонија.

Дали „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“ беше мотото на Шарената револуција во 2016 година? Одговорот, потврден или не, воопшто не е важен. Многу поважно е дека, иако малкумина знаат, Лакан, истиот ден кога почнале студентските демонстрации во 1968 година, порачал: „Како хистерични баби го барате својот господар, ќе го добиете“. Многумина од Шарената револуција беа изманипулирани, дојде новиот господар и донесе застрашувачки духовен терор во Македонија: разнебитување на Македонија. Тој господар ќе замине засекогаш, ќе остави пустош и нам ќе ни треба многу мудрост, сталоженост и упорност да се издигнеме од пепелот и да го вратиме достоинството на Македонците, да ја вратиме македонска Македонија. Меѓутоа, да не дозволиме повторно да бидеме изманипулирани од новиот господар. Тогаш, сигурно ќе исчезнеме.

Извор: Нова Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…

Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…

(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…

Сиљановска ќе почека да се формира новата…

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…

Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…

Аташето за култура и образовани на САД…