Ќе останеме ли без тазе бурек? Македонскиот пазар преполн со увезени пецива
Во последно време, освен свежиот бурек, македонскиот пазар сè повеќе се полни со разни замрзнати пити, пици, кифлички, кроасани, па дури и ѓевреци со потекло од регионот, но и од земјите на ЕУ. Нивните цени се далеку поевтини од свежата понуда, па се случува една пита замрзнат бурек да чини колку еден четврт со јогурт купен во пекарница. Иако нема прецизни податоци за количините на овие замрзнати теста од Царинската управа на Македонија потврдуваат за „Слободен печат“ за нивниот зголемен увоз.
– Во врска со прашањето за увоз на замрзнати производи од прехранбената и кондиторската индустрија, меѓу кои се и производите за кои прашувате, ве известуваме дека во Македонија вакви производи се увезуваат најмногу од Бугарија, Србија, Грција, Турција како и во помала количина од Швајцарија, Германија, Шпанија, Франција – прецизираат од Царината.
И Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агрокомората при ССК и сопственик на синџирот пекарници „Специјал“, потврдува дека на македонските граѓани „не им стасува домашниот бурек, па мора и да го увезуваме“.
– Добра ви е забелешката дека има зголемен увоз на замрзнати пекарски производи. Нашите колеги од регионот имаат производна хиперпродукција, па оттука нудат пониски цени при извоз. Ваквите производи од регионот влегуваат со „0“ царина поради слободната трговија и откако ќе платат ДДВ, ним им се исплатува да ги продаваат далеку поевтино од производите што се нудат во нашите пекарници. Тоа е можно преку големата поддршка не само во соседните земји, туку и во ЕУ, каде добиваат не само субвенции за да извезуваат, туку и помош во материјали или суровини (брашно или масло за јадење) од тамошните стокови резерви. Станува збор за огромни индустриски капацитети, кои располагаат со современи машини и, што е најважно, со соодветен кадар, што е најболната точка за нас – објаснува Ѓорѓиевски.
Експертите велат дека многу е мал интересот кај младите да работат како пекари или бурекчии, а уште помалку се заинтересирани да отворат свои пекарници. Просечната старост на вработените во пекарската индустрија секојдневно се зголемува и веќе достигна 60 години, а неретко повторно се вработуваат веќе пензионирани лебари.
Претходните анализи на Стопанската комора покажаа дека постои огромна дупка за квалификувани работници, а како што лани посочи Наташа Јаневска, експерт во СКСМ, ќе поддржат дел од нивните членки преку преквалификација и доквалификација за бараните вештини.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе останеме ли без тазе бурек? Македонскиот…
Во последно време, освен свежиот бурек, македонскиот…
Сакала да му раскине, ја нападнал со…
Вчера во 17 часот во СВР Штип…
Белорусија ја зајакнува границата со Украина
На југот на Белорусија е зајакната безбедноста…
Вулин му порача на Шојгу: Ситуацијата на…
Српскиот вицепремиер Александар Вулин денеска во Москва…
Oдземени ренџровер и шевролет спарк без регистерски…
Полицијата одзеде две возила, ренџ ровер и…