Ќулавкова: Еден говорител на јазик на заедница со 20% има повеќе права од сите говорители на македонскиот јазик
Академик Катица Ќулавкова на Фејсбук сподели фрагменти од нејзината колумна во „Нова Македонија“:
– Статусот на македонскиот јазик како службен јазик на територијата на целата држава е утврден со Уставот на Република Македонија уште во македонската република во составот на некогашна Југославија по Втората светска војна. Од овој статус на македонскиот јазик произлегува неговата улога на интегративен фактор на општеството и должност на сите институции, но и граѓани на Републиката, да го учат, познаваат и да го употребуваат македонскиот јазик во службената комуникација. Тој статус е потврден уште еднаш со Уставот на независна Република Македонија, а подоцна и со амандманите произлезени од Охридскиот рамковен договор 2001. Од 1998 година постои и Совет за употребата на македонскиот јазик при Министерството за култура на Република Македонија.
Во 2008 година е донесен Закон за употреба на јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението.
Во јануари 2019 е донесен нов Закон за јазиците (објавен во „Службен весник“ без потпис на претседателот на државата) и со него, во членот 1, алинеја 2 е утврдено дека „друг јазик што го употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“. Во продолжение на овој Закон за јазиците, во фокусот е всушност употребата на тој јазик во заградата, албанскиот јазик.
И покрај тој уставно загарантиран статус на македонскиот јазик, со Законот за јазиците, како и во практиката, употребата на македонскиот јазик во државните институции и органи, како и во општеството, постепено се ограничува и се деградира. Дури и постоењето на едно лице кое го зборува албанскиот јазик е доволно за да може и да мора службено да се употребува албанскиот јазик во сите органи на власта, законодавни, извршни и судски. Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители.
Тоа упатува на заклучокот дека со Законот за јазиците е оштетено стекнатото историско културно, јазично и национално право на Македонците по однос на македонскиот јазик како службен државен јазик (на територијата на целата држава). Тоа ја релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката.
Македонскиот јазик, со Законот за јазиците 2018 е маргинализиран, до толку повеќе што и Инспекторатот, и Агенцијата, имаат првенствено (целосно) функција да ја спроведуваат и да ја штитат употребата на албанскиот јазик на сите нивоа и во сите институции во државата, а не да се грижат за македонскиот јазик кој нема ограничувања, според Уставот за да биде употребуван во државата, индивидуално и институционално. Називот на овој Закон за јазиците 2018 е несоодветен на неговата содржина. Поради тоа, се наметнува потребата, во новонастанатите околности, да се донесат нови законски акти за употребата на македонскиот јазик, не само измени и дополнувања на постојниот од 1998, туку и нов Закон за употребата на македонскиот јазик.
Со новиот нацрт/предлог Закон за употребата на македонскиот јазик од 2022, како што е наведено и во самиот уводен текст, „ќе се прошират областите во кои задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик, ќе се даде основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик“.
На тој начин, наместо да се донесе најнапред Национална стратегија за македонскиот јазик, или национална стратегија за статусот и употребата на македонскиот јазик како државен јазик и на другите јазици во Републиката, се носи само нов Закон за употребата на македонскиот јазик.
Повеќе предложени законски решенија го ставаат македонскиот јазик во несоодветна позиција. На пример, со овој нов Закон се предвидува – за вршење инспекциски надзор над примената на Законот – да се основа Инспекторат за употребата на македонскиот јазик, во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, за разлика од Инспекторатот предвиден со Законот за употребата на јазиците кој е орган на Министерството за правда. Веќе со оваа законска мерка се гледа дека Инспекторатот и Агенцијата предвидени со Законот за јазиците се однесуваат на албанскиот јазик, а не и на македонскиот. Инспекторат во рамки на Министерството за култура ќе има подреден статус/ингеренции во однос на Инспекторатот во рамки на Министерството за правда.
Со новиот предлог-закон за македонскиот јазик, всушност, се истакнуваат основните јазични политики, а не и законски мерки кои ќе го штитат стекнатиот статус на македонскиот јазик како примарен во службената и во јавната комуникација на територијата на целата држава и за сите граѓани. Се зборува општо за „Подигање на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо; Афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот јазик во јавната комуникација; Почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во оваа насока; Афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети“.
Исто така, Со овој закон, соодветно на членот 56 од Уставот на Република Македонија, посебно е нагласена посебната заштита на јазикот како духовно (нематеријално) културно богатство (разработена во Законот за заштита на културното наследство). Тука се пројавува грижа за наследените фолклорни добра и за употребата на македонските топоними, за коишто знаеме каков штетен закон е донесен во 2004 година од македонското Собрание, кога топонимите, наместо да се транслитерираат или писмено да се пишуваат на друго писмо идентично, буква по буква, на оригиналот, де факто се преведоа (транслација) на албански јазик, што е флагрантен упад во фактичката состојба и во јазичното културно наследство на македонскиот народ, го сочинуваат јазикот и издвоено топонимите, како особено значаен сегмент од јазикот.
Основен впечаток е дека и со овој нов Закон за употребата на македонскиот јазик, се зголемуваат конфузијата и противречностите поттикнати со Законот за јазиците од 2018.
За да се избегнат конкретни колизии на двата закона во практиката, неопходно е да се направи:
• Споредбена анализа на постојните законски акти кои се однесуваат на употребата на јазиците, за да се покаже проблематичноста (институционална, финансиска, комуникациска), ако не и апсурдноста на двозаконието.
• Усогласување на законските акти со уставните, меѓусебна регулација и почитување на стекнатиот статус на македонскиот јазик;
• Испитување на опцијата да се донесе единствен Закон за македонскиот јазик како службен/државен јазик и другите јазици како службени на регионално и локално рамниште, во склад со Конвенцијата на ЕУ за регионални и малцински јазици.
• Советот за македонскиот јазик може и понатаму да се занимава со јазичните политики за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, но не е замена за Инспекторат и Агенција за македонскиот јазик и за јазикот на другите јазичните политики за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, но не е замена за Инспекторат и Агенција за македонскиот јазик и за јазикот на другите јазични заедници в Република Македонија.
– Ако се залагаме стратепки за европските вредности, тогаш да ги примениме европските методи, политики, закони и практики во јазичната сфера и во нашата Република, а не да создаваме дополнително јазична сегментација и гетоизација – напиша Ќулавкова на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Катица Јанева ни честиташе Нова Година…
Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева празниците…
Колумна на Ќулавкова: Северна Македонија е парабола…
Уставот на секоја држава е по правило…