Ќучук не’ пофали: Вие сте вредна членка на НАТО
Силно верувам во успехот на Македонија и знам дека единството и добрососедските односи се клучот за нашата заедничка иднина во Европа, порача лидерот на Европските либерали, европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук во честитката по повод Денот на независноста на Македонија, 8 Септември.
-Изминатите три децении Северна Македонија измина долг пат и треба да бидете горди на она што го постигна во однос на демократијата, слободата, човековите права и владеењето на правото, вели Ќучук.
Тој додава дека денеска, 31 година подоцна, ја гледа Македонија како составен дел од евроатлантското семејство, а неодамнешните обврски за поддршка на Украина само го докажуваат овој факт, особено кога се појавува дестабилизација на светскиот поредок.
-Вие сте вредна членка на НАТО и заслужено ги започнавте преговорите за пристапување во ЕУ. Тоа е огромен успех, бидете горди на вашите достигнувања и продолжете да се стремите кон нови. Среќен ден на независноста, додава Ќучук.
Илхан Ќучук со делегацијата е во дводневна посета во земјава, вечерва ќе присуствува на одбележувањето на празникот кое е предвидено да се одржи на платото кај паркот „Ибни Пајко” на кое свечено обраќање ќе има премиерот Димитар Ковачевски.