Џамбазов гневен: Гласот и ликот злоупотребени во реклама за слабеење – „Адвокатите работат, наскоро ќе дознаеме кој профитира од туѓа мака“
Еден од најпознатите македонски шоумени и актер, Игор Џамбазов во објава на социјалните мрежи реагираше откако неговиот лик бил злоупотребен во лажни реклами за слабеење што кружат на социјалните мрежи.
„Не, не сум ослабен 20 килограми. Не, немам од тие таблети, чаеви, масти, што и да се. И не, не познавам никаква докторка Елизабета, а уште помалку со неа сум договарал било што околу користење на мојот лик, дело, а во овој случај и тело, за некаква реклама.
Ова видео, и уште многу други глупости на оваа тема веќе десет дена се појавуваат на Фејсбук. Ги пријавуваме, ги снемува, и после само неколку часа, повторно се појавуваат. Ова ви е класичен интернет криминал. И затоа адвокатите веќе работат, и наскоро ќе ги дознаеме овие бесчувствителни, криминогени суштества кои профитираат од туѓата мака“, напиша Игор Џамбазов.