Џејмс Дин: Човекот што го промени светот – Сонувај дека ќе живееш вечно, живеј небаре утре ќе умреш

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(12.)

Џејмс Дин: Човекот што го промени светот

Сонувај дека ќе живееш вечно, живеј небаре утре ќе умреш.

Џејмс Дин

Во септември годинава навршија 67 години од трагичната и прерана смрт на Џејмс Дин, иконана стилот и актер со најбрз подем во историјата на Холивуд. Тој е мој идол од младоста(во мојата студентска соба на ѕид беа закачени пет постери: Мерлин Монро, Ален Делон, Брус Ли, Че Гевара и Џејмс Дин, купени во 1975г. од Солун) и ред е како легендарна икона на стилот да го претставам на јавноста, а особено на младата популација.

Во педесеттите години од 20отвек, жителите на САД беа опиени од стопанскиот напредок на државата по Втората светска војна и уживаа во општествениот живот залулан во успех и просперитет. Со текот на времето, материјалните добра се зголемуваа до невидени размери, а духовните вредности исчезнуваа во материјалното изобилство, така што на крај беа истиснати од нагонот за хедонизам. Тогаш се појави симболот на новата генерација – “бунтовник”, бунтовник кој стрчеше во богатото и снобовско општество. Тој бунтовник се викаше Џејмс Дин.

И на почетокот, веднаш прашањето: кој е Џејмс Дин?

Џејмс Дин е олицетворение на тинејџесрскиот бунт. Актер кој машкиот стил го издигна на највисоко можно ниво. Има кул изглед, лежерен е и со моќен впечаток. Омилен лик и на женскиот свет и на машката популација. Лик со шарм што заведува и освојува. Тој е посебен тип, бунтовник и осаменик, со невидена лежерност и ноншалантност. Младо момче со харизма и магнетна привлечност . Се на се, згоден младич, со замислен поглед, сериозно лице, залижана коса, во полураскопчана црвена јакна и со неизбежна цигара во рацете… култна фотографија на Џејмс Дин од плакатот за филмот “Бунтовник без причина”. Оваа фотографија е искористена за печатење на маици и јакни и е прва визуелна асоцијација во нашето колективно паметење за неговиот лик. Таа слика се наоѓа и на тинејџерските постери симболизирајќи ги побуната и отпорот на младите кон авторитетот на старите генерации олицетворени во државниот бирократски естаблишмент. Дин беше и сè уште е отелотворение на духот на 50-тите години од  минатиот век содржан во девизата: „Живеј брзо, умри млад, биди убав леш’’.

Тој е првиот познат и признат вистински бунтовник без причина. Деновите ги живееше како да му се броени, последни. Живееше брзо и загина млад, премлад. Имаше едвај 24 години. Беше јунак, херој на времето во кое ултимативно живееше. Емотивен и чувствителен антихерој со екстремно бунтовничко тинејџерско однесување. Мистериозен, нескротлив, помалку див. Со убавината што ја поседуваше, привлекуваше и освојуваше, а со однесувањето, на граница на ексцес, се обидуваше да ги одбива луѓето околу него. Знаеше да се искара за ништо и да се истепа без причина. Најверојатно тоа му беше одбранбен механизам од луѓето на кои не им веруваше. Своеглав и тврдоглав. Дури и загина по свое. Сепак, Дин трајно е запаметен како убавец со совршени црти на лицето кој со молскавична брзина стана икона на холивудскиот филм и  на поп-културата на 20 век.

Во што е големината и значењето на Џејмс Дин?

Тоа младо, повлечено момче со тажен поглед, како што веќе напишав, во бела кошула, фармерки и црвена јакна, најпрвин стана идол на целата негова генерација, а подоцна и на многу други генерации по неговата. Денес од оваа дистанција од седумдесетина години, можеме со право да констатираме дека ако Марлон Брандо го промени моделот по кој се глумеше, тогаш Џејмс Дин целосно го смени начинот на живеење.

Ајде уште еднаш да видиме како тој живееше. Буквално како бунтовник без причина, а како таков идол за многу млади во САД и светот, икона на стилот, икона чијшто живот згасна кога имаше само 24 години. Сите знаеме дека тоа е период кога животот на многумина зема сè повеќе замав. За жал, неговиот тогаш згасна. Почина, но стана јунак, херој на времето во кое живееше ултимативно. Инаку, важеше за емотивно, чувствително момче што се карактеризираше со тинејџерско однесување. Не типично какво што имаа многуте тинејџери од тоа време, туку крајно нескротливо и трајно непомирливо со тогашните правила на општеството кое сè повеќе ги задушуваше младите, кои преку своите авантури си ја земаа слободата, која повозрасните им ја ограничуваа или одземаа. Прангите, стегите и клишеата за тоа како да се живее – мирно, послушно, дисциплинирано – содржани во правилата на возрасните, но и наметнати на младите од нив, најпрвин направија младите да не бидат сфатени од родителите и од општеството во целост. Од тоа се изроди непослушноста, поради која најчесто младите беа прекорувани, осудувани, отфрлени. На тој начин тие се претворија во маргинализирани суштества на општествената периферија.

Оваа состојба најдобро се отсликува во мислата на Џејмс Дин во која тој вели дека актерот е најосаменото суштество на светот. Тој е сам со себе и со својата фантазија. Дин зборува за актер, а во суштина мисли на младото човечко суштество коешто е осамено. Дека е така се потврдува од неговото интервју за Њујорк тајмс, во кое меѓу другото ќе каже дека актерството е најлогична метода на изразување на чувствителниот човек. Оваа негова филозофија за актерот како човек и личност, се надополнува и заокружува со мислата дека треба да се сонува дека вечно ќе се живее, а да се живее како утре дека ќе се умре.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ