22 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски

t

Пред дваесет и две години на 26 февруари во Ротимље близу Мостар во авионска несреќа животот го загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски денеска ќе биде одбележана во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље.

Членови на семејствата, државни и други делегации ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски во Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

На барање на македонските власти, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.

Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно – политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Во чест на Претседателот, денеска издвојуваме неколку негови мисли и ставови преку кои ја покажува својата посветеност кон државата.

„Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Моја визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“, говореше Борис Трајковски.

Размислувам за две работи на дневна основа: што е правилно да се прави и што е погрешно во мојата улога како претседател на мојот народ. Според мојата совест, се обидувам да се придржувам до правото. Мојата визија е мир. Мојата визија е просперитет.

Република Македонија се гради на демократски идеали и вредности, а не на етнички групи. Тие идеали и вредности вклучуваат економски можности, јазични и образовни можности, верски права и политички процеси.

Мојата вера е многу важен дел од мојот живот. Не чувствувам дека случајно сум станал претседател на оваа држава, туку дека сум избран затоа што никој не може да ме обвини дека ги фаворизирам Албанците муслимани или православните.

Запомнете ги сите тие референци за Македонија како оаза на мирот на Балканот. Вие навистина го цените (мирот) само кога сте го изгубиле.

Верувам во Македонија!

View this post on Instagram

A post shared by iNFOMAX mk (@infomax.mk)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ