Објавено на:

Македонија – децениско заморче на меѓународната заедница

t

НАШАТА ДРЖАВА НАЈЕКЛАТАНТЕН СВЕТСКИ ПРИМЕР ЗА НЕКОНЗИСТЕНТНОСТА
ПРИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО

Конфликтот во Украина предизвика бурна реакција низ светот со оцена од повеќето страни дека е прекршено меѓународното право. Но се чини дека токму Македонија во овие три децении е најдобриот пример за нефункционирањето на меѓународното право и негово бројно прекршување и злоупотреба токму од страна на истата таа меѓународна заедница, која сега толку гласно се повикува на него. – Пишува Сашо Таневски за Нова Македонија.

Од самостојноста до денес, Македонија е еклатантен светски пример за тешки злоупотреби и прекршувања на меѓународното право од страна на меѓународната заедница врз наша кожа и по сите основи. И за тоа никој не понесе ниту трошка одговорност, а уште помалку се потруди да почне да го применува правото секогаш и без исклучоци, водејќи се според заеднички утврдените правни принципи, а не врз индивидуално толкување на правото онака како што им одговара на поголемите и помоќни држави.

Девалвирање на меѓународното право во континуитет

Со суровоста на нефункционирањето на правото во меѓународни рамки, Македонија се соочи уште на почетокот по прогласувањето на независноста од поранешната СФРЈ, кога тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ), сегашна Европска Унија (ЕУ), формираше Арбитражна комисија што требаше да процени кои од тогашните југословенски републики ги исполнуваат условите да бидат меѓународно признаени. На чело на оваа комисија беше поставен францускиот правен експерт Роберт Бадинтер, кој тогаш процени дека единствено Македонија и Словенија ги исполнуваат условите да бидат меѓународно признаени. Без оглед на препораката на Арбитражната комисија, ЕЕЗ ги погази правните принципи и препораките на своите меѓународни правни експерти и одолжуваше со признавањето на земјава, ставајќи ја во дополнителен ризик од дестабилизација.
Втор момент на најдрско прекршување на меѓународното право е приемот на Македонија во Обединетите нации (ОН), кога поради противењето на Грција, земјава стана членка на ОН под привремена референца, што е спротивно на самата повелба на Светската организација, односно правото на народите слободно да го одредуваат името на својата држава. Истото се случи и со државното знаме, кое беше во употреба од 1992 до 1995 година, кога повторно поради противењето на Грција беше прекршено меѓународното право на еден народ слободно да ги одредува своите национални симболи, односно името на државата, знамето, јазикот итн. И тогаш Македонија беше принудена да попушти и да го смени своето знаме.

Во 1994 година, Грција уште еднаш флагрантно го прекрши меѓународното право и без никаква основа еднострано воведе целосно трговско ембарго кон Македонија. Трговската блокада беше во сила 18 месеци, а штетата што ја претрпи Република Македонија од грчкото ембарго, според процените на економските експерти, изнесуваше околу две милијарди долари. Ниту за ова правно насилство немаше реакција од меѓународната заедница, без оглед што европската јавност застана на страна на Македонија и ја посочи Атина како насилник врз една мала држава. Грчката блокада заврши со потпишувањето на Привремената спогодба, која повторно беше меѓународноправен преседан во кој потписниците беа именувани само како прва и втора страна. Уште повеќе што оваа спогодба никогаш не беше ратификувана во грчкиот парламент, така што не требаше да имплицира ниту меѓународни правни обврски за земјите потписнички, но меѓународната заедница инсистираше на неа.

Грција продолжи да го прекршува меѓународното право дури и по потпишувањето на Привремената спогодба, па започна да го опструира приемот на земјата во НАТО, ЕУ и други меѓународни тела, без оглед што Македонија ги исполнуваше сите критериуми за започнување пристапни преговори. Тоа несомнено предизвика сериозни последици за земјава, а кулминира со грчкото вето на самитот во Букурешт за приемот на Македонија во НАТО. Тоа резултира со македонска тужба пред Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди дека земјава е неправедно блокирана од Грција. Но Грција, ЕУ и меѓународната заедница целосно ја игнорираа пресудата на судот, која требаше да биде чувар на меѓународното право. Опструкциите и притисоците врз Македонија продолжија и понатаму со несмалено темпо.

Конечно, најдобриот пример за тоа како не се почитува меѓународното право е притисокот кон земјава да го промени своето уставно име ако сака да се зачлени во НАТО и во ЕУ. Најтрагично е што ЕУ и Обединетите нации дозволија таков правен преседан, иако знаеја дека е издејствуван нелегално и под притисок, целосно погазувајќи ги сопствената повелба и сопствените принципи.
Сега ново силување на меѓународното право прави Бугарија, која без оглед на потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство еднострано го толкува и наметнува уцени кон Македонија, кои слободно можат да се оквалификуваат како етноцидни бидејќи допираат во правото на самоопределување на еден народ. Дополнително, Софија не ги спроведува ниту пресудите на Судот за човекови права, што е нејзина меѓународноправна обврска како земја-членка на Советот на Европа. На ова молчи ЕУ, молчат и ОН, иако станува збор за школски пример на прекршено меѓународно право.

Македонија како експериментално глувче

Експертите по меѓународно право со кои се консултира нашиот весник немаат никакви резерви дека токму врз Македонија најдобро може да се забележи нефункционирањето на меѓународното право, на кое сега одеднаш сите инсистираат.

– Во овие 30 години во однос на Македонија, меѓународната заедница ја прекрши Повелбата на ООН, пред сè во членот 1 (самоопределување), членот 2 (ставови за сувереност т.е. суверена и правна еднаквост, политичка независност и територијален интегритет, како и немешање во внатрешните работи) и на крајот ОН го прекршија членот 4 во став 1, кој се однесува на правото за прием откако сите општи услови за прием се исполнети – вели Игор Јанев, универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград.
Тој лоцира повеќе аспекти во кои било прекршено меѓународното право врз грбот на Македонија, почнувајќи од приемот на земјава во ООН.

– Во случајот на Македонија, таа беше примена во ООН како безимена држава, со двата дискриминаторни дополнителни услови од кои настанаа нелегални обврски. Потоа дојде до нелегалното преговарање со Грција, придружено со нелегалната референца, која правно е нелегална деноминација. На крајот, по очигледната дискриминација во членството на ООН, која не е дозволена со Виенската конвенција меѓу членките и организациите од универзален карактер (1975), имено, кршење на членот 83 од конвенцијата, дојде до политичка ситуација во која Македонија, како условена страна, беше принудена да го смени својот државно-правен идентитет, односно националното име (со кои се повредени членот 1 (самоопределување), членот 2 (самоопределување и немешање во внатрешните работи), како и одредбите поврзани со заштита на културен и национален идентитет, како основни културни колективни права – истакнува професорот Јанев.

За него најеклатантни примери за непочитување на меѓународните правни норми се Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија, притоа прецизно наведувајќи ги членовите што се прекршени.
– Со овие документи се повредени универзални демократски права и принципи, меѓу кои правото на самоопределување и самоидентификација на народот и нацијата, (Повелбата на ОН, чл. 1 и чл. 55), вклучувајќи и недискриминација, по која било основа, потоа правото на поседување и самоопределување сопствен државно-правен идентитет или правото на самоопределување на државата (Повелбата на ОН, чл. 1 и јус когенс), правото на суверена еднаквост и правна еднаквост на државата во ООН и надвор од ООН (Повелбата на ОН, чл. 2 став 1), правото на политичката независност и правото државата да не биде ставена во зависност од друга држава или меѓународна организација (Повелбата на ОН, чл. 2 став 4), како и државно право на немешање од страна во строгата внатрешна јурисдикција на државата (Повелбата на ОН, чл. 2 став 7) – објаснува Јанев.
Понатаму, тој уште прекршувањето на меѓународното право во случајот со Македонија го наоѓа и во правото на недискриминација во членството на ООН и системот на ООН (Виенската конвенција од 1975), правото на еднаква суверена култура и неприкосновеност на културните и народните идентитети (Мексико, УНЕСКО, Декларација од 1982), правото на рамноправност во културната заемна соработка (УНЕСКО, Декларација од 1966), принципот на неректроактивно уредување на минатото (јус когенс), како и правото на недискриминација при зачленување во ООН (Сов. мислење на МСП од 1948, и Рез. на ГС од 1948).

Професорот Јанев, кога станува збор за Македонија, наоѓа и дека се прекршени и правото на самостоен избор на државното име и знаме во ООН и промена на истите тие (Внатрешните правила на ООН, основни права на членките), правото на недерогирана правна личност и субјективитет виз а виз ООН, како независен меѓународноправен субјект (Конвенцијата за привилегии и имунитети на ОН), правото на недопирливост на основните симболи кај земјите-членки во: името, знамето, грбот и химната, правото на независност и еднакви права во Повелбата на ООН, каде што покрај членките на ООН се појавува и самата ООН како договорна страна во Повелбата на ООН, како и инхерентното и уригинарно вродено право на независен избор на сопствената самоидентификација на народот, како примарно право (јус когенс).

Чуварите на меѓународното право замижуваат на неговото кршење

Гарант на сите овие права е ООН и оваа организација треба да реагира дури и кога е прекршена и една точка од нејзината повелба, но во случајот со Македонија токму ООН е таа што ги погази сопствените принципи барем по 15 основи и тоа прекршување се одвива во континуитет од самостојноста на земјата, па до денешен ден.

Она што своевремено го започна Грција сега го спроведува Бугарија, со уште поголема жестина и со уште поголемо омаловажување на меѓународното право. Ако двете земји претходно потпишале меѓународно потврден Договор за пријателство и соработка, во кој бугарската страна се обврзала дека ќе ѝ помага на земјава на евроинтегративниот пат, ставањето вето на пристапните преговори е прекршување меѓународен договор. Многу позагрижувачки е што истата таа Бугарија спроведува етноцидна политика на уцени, во која бара промена на идентитетот и јазикот на еден суверен народ, што е во целосна спротивност на меѓународното право и на Повелбата на ООН.

Токму меѓународната заедница е директен виновник за она што се случува во Украина бидејќи дозволи со години да се девалвира меѓународното право и секој да го моделира онака како што нему му одговара, особено големите и моќни земји. Тоа молчење сега доведе до воени дејства во Украина, но и во многу други земји низ светот, кои потпирајќи се само врз почитувањето на меѓународното право останаа сами во својата борба, целосно уништени и осиромашени.
Македонија не е под никаква воена закана, но тридецениското силување на меѓународното право врз нејзин грб и толерирањето на таквите практики од страна на меѓународната заедница ќе доведат една мала држава и нејзиниот народ да бидат збришани од светската карта и без истрелан куршум. Тоа ќе биде само уште една потврда дека меѓународното право е мртво, а единствениот норматив по кој ќе се уредува светот ќе биде силата. Тоа никако не смее да се дозволи.

Напиша Сашо Таневски за Нова Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…

Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…

(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…

Сиљановска ќе почека да се формира новата…

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…

Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…

Аташето за култура и образовани на САД…