Австрискиот амбасадор си нарача пресуда во македонски суд
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, преку допис до медиумите, упатува жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Во случајот, за кој неодамна пишуваше „Фокус“, австриската компанија не може да си наплати долгот од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. Станува збор за компанија која се занимава со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи, која има побарувања во висина од 4,5 милиони евра од „ДЕНА“.
И покрај тоа што арбитражата е призната во Македонија, на македонските судови им беа потребни неколку месеци за да ја потврдат, а тој период „ДЕНА“ го искористила да префрли голем дел од својот имот на друга компанија, „Глобал трејд ДММ ДООЕЛ“. Во дописот, автсрискиот амбасадор наведува дека „Глобал трејд“ е фирма во сопственост на Емилија Заева Костова. Таа е сопруга на сопственикот на „ДЕНА продукт“, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, наведува амбасадорот.
Според дописот од австриската амбасада, сопружниците-сопственици на „ДЕНА продукт“ и „Глобал Трејд“ успеале да избегнат две присилни извршувања врз нивниот имот, преку манипулирање на податоците во Катастарот. Тие дури закажале и јавна аукција на две оранжерии, која треба да се одржи на 10-ти јули во Кавадарци, а доколку биде спроведена, холандската компанија повеќе нема да може да ги наплати своите побарувања.
Во јавниот допис насловен „Повик за владеење на правото“, амбасадорот смета дека потфрлиле и судиите и обвинителите, иако австриските инвеститори пријавувале дека не се почитува арбитражата и наплатата на долгот, како ни судските одлуки за замрзнување на имотот.
Последно на 7-ми јуни, Основниот граѓански суд во Скопје одобрил времена мерка со која го замрзнал недвижниот имот на компанијата до извршување на арбитражната одлука, односно додека не се наплати долгот од 4,5 милиони евра.
Но, валандовската компанија во сопственост на Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева Костова, братучетка на Заев, ја обжалиле и оваа времена мерка. Извршувањето на меѓународната арбитражна одлука станала вистински предизвик за Австријците, бидејќи валандовската компанија, како што пишуваат од амбасадата, од почеток со поддршка на сродни компании, засилени со нотари и агенти, презеле низа активности за да го избегнат плаќањето на долгот.
„Најголемиот дел од својот имот го префрлиле на „Глобал трејд ДММ“, Валандово, поврзана со компанија во сопственост на Емилија Заева-Костова, сопруга на Атанас Костов и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев. Тие овозможиле две извршувања против нивните стакленици и имот во Валандово, при што постојат јасни докази дека официјалниот јавен катастар е изманипулиран како поддршка на овие акции и поттикнаа јавно наддавање на сопствена стаклена градина на 10 јули 2023 година во Богданци и покрај тековните граѓански дејствија и кривични истраги“, велат од амбасадата.
Со последното закажано јавно наддавање и продавањето на оранжериите, австриската компанија ќе нема од каде да го наплати долгот. Затоа, австрискиот амбасадор Вуцас побарал од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги отстрани сите пристрасни судии и обвинители кои постапувале во овој случај. Воедно, побарал и од Коморите на нотарите и извршителите да се одземат лиценците на нотарите и извршителите кои постапувале во овој случај.
„Австриската амбасада будно ќе ги следи понатамошните развои во овој случај, вклучително и сите нерешени правни барања до судовите и до јавното обвинителство. Ние ги изразуваме нашите големи надежи и очекувања дека правосудниот систем во Македонија ќе дејствува самостојно и правично и ќе дозволи владеењето на правото да преовладува во разумна временска рамка“, се вели во дописот.
Останува нејасно зошто австрискиот амбасадор како претставник на држава излегува надвор од своите ингеренции и се меша во внатрешните работи на Македонија, поточно во судската власт, а воедно и лобира за приватна фирма од неговата држава.
Спорот меѓу две приватни компании би требало да биде решен во рамките на Законот, наместо амбасадори да се мешаат во македонското судство.
Од МНР се уште нема реакција за еклатантното мешање на странски амбасадор во судството.
Инфомакс од сопствени извори дознава дека амбасадорот присуствува на сите рочишта поврзани со случајот и на тој начин врши притисок врз судиите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Мурати: Ветингот…
Ветингот треба да почне од политичарите, не…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…