Вучиќ распиша вонредни избори: Србија оди на парламентарни, локални и претседателски избори
Србија е официјално во предизборна кампања откако претседателот Александар Вучиќ го потпиша указот за распуштање на собранието и распиша вонредни парламентарни избори за 3 април, додека распишување на претседателските избори се очекува на почетокот на март.
Претседателот на српското собрание Ивица Дачиќ претходно за истиот ден ги распиша локалните избори за собранието на градот Белград и уште 12 локални самоуправи. До конституирањето на новиот состав парламентот е во технички мандат, во рамки на кој Дачиќ, согласно законскиот рок за истекот на петгодишниот мандат на актуелниот шеф на државата, за 3 април ќе ги распише и претседателските избори.
Вучиќ беше избран за претседател на изборите на 2 април 2017 на кои освои 55,06 отсто гласови, победувајќи го независниот кандидат и тогашен народен правобранител Саша Јанковиќ (16,35 отсто).
Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) се на власт од 2012 година, кога на претседателските избори победи тогашниот лидер на партијата Томислав Николиќ, а Вучиќ едно време беше вицепремиер, а потоа и претседател на владата.
Претходните парламентарни избори беа одржани во јуни 2020, во екот на пандемијата на ковид-19, со бојкот на опозицијата кој овозможи уверлива победа на коалицијата предводена од СНС и нивно апсолутно мнозинство во парламентот.
Веднаш по тие избори Вучиќ објави дека мандатот на владата и парламентот ќе бидат година и пол, што се реализираше со денешното распишување на изборите. За разлика од 2020, кога ги бојкотираше изборите поради неповолните услови, опозицијата во директни преговори со власта во кои посредуваа европарламентарци постигна нешто подобри изборни услови и ќе излезе на избори.
Предизборната атмосфера укажува на тоа дека владејачката коалиција на српскиот претседател за првпат од доаѓањето на власт во 2012 би можела да има проблеми во одбраната на сегашното уверливо мнозинство во парламентот.
Атмосферата во земјата ја карактеризираат поделеното општество, контролата на јавните медиуми во кои доминираат државните функционери и владејачката коалиција, значителната инфлација и бројните поскапувања во околности на глобалната енергетска криза.
Актуелната власт очекува избори истакнувајќи ги аргументите за економскиот напредок, помошта на државата на економијата и граѓаните во времето на пандемијата од околу 8,5 милијарди евра, изградба на инфраструктурата – автопати и пруги, и отворањето бројни фабрики со странски инвестиции.
Опозицијата, пак, влегува во кампањата на бранот силна поддршка за време на неодамнешните еколошки антивладини протести. Уверена е дека власта изгубиле значителен број гласачи поради бројните афери, нетранспарентните државни проекти, контролираните медиуми и кампањата во која партиски се приватизираат државните интереси.
Истражувањата на јавното мислење од крајот на минатата година и во јануари и понатаму покажуваат висок рејтинг на Вучиќ и неговата партија, но во опозицискиот корпус се сè погласни оптимизмот и увереноста дека во април може да заврши десетгодишната доминација на Вучиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вучиќ: Курти се обидува да предизвика војна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ обвини дека…
Протести ширум Србија: Граѓаните не сакаат ископ…
Во градовите ширум Србија вечерва се одржуваат…
В.д. директорот на Поштата на Србија: Продолжен…
В.д. директорот на Поштата на Србија, Зоран…
Србија ќе го награди Ноле со државна…
Новак Ѓоковиќ го освои златото на Олимписките…
Нов протест на Србите во Косово утре
Жителите на српските средини во Косово утре…