ПО АМЕРИКАНСКАТА “ИНВАЗИЈА“ НА УКРАИНА МОРА ДА СЕ ПРЕИСПИТА И УЛОГАТА НА НАТО
(Текстот е објавен во 2014 година, по насилната промена на власта во Киев)
По “епизодата“ со Украина, НАТО не може да ја гарантира безбедноста на Европа бидејќи ја турка во судир со Русија. Во Киев беше извршен класичен државен удар, отворено помогнат од Запад. Сендвичите на Нуланд (САД) и Вестервеле (МНР на Германија) само го симболизираа сето што, очигледно, претходно било подготвено под жито. Според некои – дури пет милијарди долари биле вложени во овој проект. Целта е јасна – на власт да дојдат антируски сили, наклонети кон Запад. Случајно, или не, меѓу реализаторите, водечки беа фашистите од Десен сектор. Формално, ЕУ беше поводот за кризата во Украина, со уцената – или со нас, или со Русија. Логично прашање постави шефот на опозицијата во Германија, Грегор Гизи – а, зошто или, или а не и ЕУ, и Русија? Познато е дека Украина е длабоко поделена земја и дека е потребна максимална внимателност во вакви прилики. Меѓутоа, воопшто не е спорно дека носител на целиот проект е – Вашингтон. Тој доминира со “Западот“ а симболот на неговата моќ е – НАТО, кој се користи и како главна алатка во необјавената војна против Русија.
Улогата на НАТО, која ја играше по исчезнувањето на СССР и Вашавскиот пакт, некаде беше потребна и корисна, во други прилики чист – тероризам. Такви беа: Косово и бомбардирањето на Белград, Македонија во 2001-та, насилното рушење на Гадафи во Либија и на Садам Хусеин во Ирак, дестабилизацијата на Сирија… Кисинџер оцени дека – “интервенцијата во Либија беше – катастрофа“!
Со дестабилизирањето во Украина, НАТО за прв пат директно ги загрозува мирот и безбедноста на Европа. Војните кои ги водеше на Косово (1999) и во Македонија (2001), беа од локален или регионален карактер. Сега, имаме нов квалитет: во прашање е директна конфронтација на САД и Русија, на тлото од Европа. При тоа, од крајно неразбирливи причини, Европа игра епизодна, ама крајно негативна улога, со несогледиви последици по сопствената иднина.
Веднаш да бидеме јасни и прецизни: нема стабилна и безбедна Европа – без Русија! Нејзиното обединување не може да биде од Португалија до Норвешка и од Финска до Грција, одејќи по, или блиску до, границите на Русија. Обединета Европа мора да биде од Урал од Атлантикот. Така било тоа и замислено, пред многу години. Обидити за изолација и втурнување на Москва во судир со Киев, му одговараат само на Вашингтон. Краткорочно, заради заживување на негативните економски токови и стимулирање на воено-индустриските комплекси. Долгорочно, за спречување на Русија да се врати како втора супер сила. САД се свесни дека главните предизвици и доаѓаат од Русија и Кина ама им е јасно дека Пекинг се’ уште нема воени и политички капацитети како Москва која, покрај оружјето, располага и со избилство од стратегиски природни богатства. И, токму затоа, главен приоритет е да не се дозволи таа да се врати со полн капацитет на светската сцена, како што тоа се случуваше последниве неколку години, и да се преокупира со своите соседи (Грузија, Украина…).
Од друга страна, уште долго (веројатно – никогаш!) ЕУ нема да изгради своја единствена надворешна и безбедносна политика и затоа ќе талка зад Вашингтон и ќе биде негов слуга. Тоа е голем хендикеп за Унијата а поразот е веќе тука: Украина. Засега, во американската конфронтација со Русија, ЕУ е на погрешната страна. Тоа е целосно спротивно на фундаменталните интереси на голем број нејзини членки, пред се’ за Германија, Франција, Велика Британија, Италија… Меѓутоа, отстапница тешко се наоѓа. Се фатија во орото… Санкциите против Русија се обична глупост. А, што, ако Москва ги затвори вентилите за гас зимоска?
Познато е дека НАТО е продолжена рака на – САД. Убаво и точно, алијансата некој ја опишал како – “Снежана и 27 џуџуња“. Сегашното пропагандно сатанизирање на Русија, како агресор, додека брутално се освојува Украина, е целосен пресврт во досегашната политика на САД, а со тоа и на НАТО, на европскиот континент. Европа веќе никогаш нема да биде тоа што до скоро беше и долго ќе биде заложник бидејќи на нејзина територија се конфронтирани двата светски џина. Имаме нова безбедносна и гео-стратегиска ситуација која присилува на преиспитување на сите ставови и политики кон алијансата. И кај нас, и пошироко. Москва, под палката на Путин, веќе не смее да се потценува. Ризиците се огромни.
Неспорно е дека во НАТО, покрај САД, има и други земји кои се антируски настроени (Полска, Балтикот…), што е резултат на историската меморија на овие народи. Тоа мора да се почитува како реалност меѓутоа мора да се аргументира дека, по распадот на СССР, поновата руска надворешна политика во основата – не е агресивна. Својата улога и влијание, Москва сега ги несочува во извозот на енергенти и градење на нафтоводи и гасоводи, што е од поширок интерес. Во настаните околу Грузија, и сега во Украина, Русија немаше избор. Мораше така да реагира.
Дека Русија има право да ги брани своите граници и да не дозволува инсталирање на НАТО блиску до нив, најдобро зборува искуството од 1962-рата. Тогаш, на Куба, беа инсталирани советски ракети и кога тоа се откри – за малку не дојде до нуклерана војна! За Вашингтон беше не-при-фат-ли-во руско воено присуство на американските граници! За среќа, Хрушчов и Кенеди се договорија истите да се повлечат со американски гаранции за безбедноста на Куба. Токму тоа што тогаш му го оспоруваа на СССР, САД сега го сакаат на другата страна!
Во дадените услови и Македонија мора сериозно да ги преиспита своите амбиции за членство во НАТО. Анализи мора да се направат во рамките на новата европска гео-политика бидејќи кризата во и околу Украина долго ќе трае. Студената војна започна и носи големи неизвесности за сите а нагласено – за помалите. Со влегувањето во алијансата, Македонија ќе мора да зазема страна во судирот, што може да биде во диспаритет со долгорочните интереси на земјата. На крајот, лесно можеме да бидеме колатерална штета на големите. Логично, и Москва го промени ставот: до скоро, немаше забелешки на нашето членство. Сега, смета дека тоа би било грешка та дури и провокација за нив. Воените секири меѓу Вашингтон и Москва се ископани и ѕвечат и нема веќе место за тактизирање. Тоа може да го забрза приемот на Македонија во НАТО, за да се пресретнат намерите на Русија. Меѓутоа, мора да ни биде јасно дека како дел од алијансата ние ќе бидеме приморани да превземаме мерки против Москва кои, во најголем дел, нема да бидат ниту легални, ниту принципиелни а најмалку од наш интерес. Москва ќе мора да тактизира со големите играчи а Македонија може веднаш да биде избришана од мапата.
Мора да ни биде јасно дека Запад, предводен од САД, не не прифаќа како народ а, имплицитно, ниту како држава. Ако го снема македонскиот народ, а него сакаат по секоја цена да го прекрстат и разнебитат, тогаш оваа држава не е потребна. Нели, по 2001-та, во Уставот ни уфрлија (сами го сторивме тоа, ама под жесток диктат од надвор) дека овде живеат делови од соседните народи! И, чим ќе снема Македонци, ширум се отвора патот за распад на државата и враќање на “деловите“ во сопственото јато. Пораките кои ги имаме од Вашингтон и Брисел се јасни – за нас нема перспективи се’ додека не се прекрстиме!
Ова во никој случај не е апел да се свртиме кон Исток место кон Запад. Таква опција – нема. Во прашање е прагматично прилагодување на нашата надворешна политика – според фундаменталните интереси на државата и народот. Ние не треба воопшто да ги прекинуваме нашите врски и амбиции за ЕУ туку само да поставиме некаков мораториум на нашето членство во алијансата. Паралелно, треба сосема јасно да им кажеме на Вашингтон и Брисел дека: а) досегашната нивна политика кон Македонија беше нелегална, непринципиелна и базирана на двојни стандарди. Скоро 25 години, таа беше крајно деструктивна за земјата, и и нанесе немерливи материјални и политички штети; б) блокадата, уцената и ултиматумот – прво (промена на) името, потоа членство, е неприфатлива понижувачка и нелегитимна политика, базирана врз нецивилизациски цели, и в) разнебитувањето на македонскиот народ, кое е неизбежно со прекрстување на државата, трајно ќе го дестабилизира регионот. Така, одлучно, мора да им се стави на знаење на НАТО и ЕУ дека нивните срамни политики ги надминаа сите граници на толеранција и дека Македонија повеќе не е спремна да го трпи тоа. Реафирмирајќи го интересот за ЕУ треба да се инсистира на нивна коректност кон земјата.
Македонија може и 100 години да опстои и успешно да се развива и без НАТО, и без ЕУ. Во Европа има повеќе држави кои не се во едната или другата, или во двете, и ништо не им фали (Швајцарија, Норвешка, Шведска…). Таква политика треба да следиме, се’ додека Вашингтон и Брисел не ги преспитаат своите, досега, недолични политики кон Македонија. При евентуална промена на нивните уцени и блокади, и ние ќе треба да преиспитаме кај сме, и за што сме.
Албанскиот фактор во земјава, кој е сепак малцински, и покрај повремените улоги на Тројански коњ, ќе мора да ги прифати овие неспорни факти и аргументи. Ако не успееме тоа да го постигнеме, и не заслужуваме сопствена држава. Поточно – веќе сме ја загубиле.
Ристо Никовски
Скопје, ноември 2014