Враќањето на Балканот во XX век е заслуга на “развиените западни земји”: Отворен Балкан не заживува заради политичари кои работат против сопствените држави!

t

БАЛКАНОТ Е ВРАТЕН НА ПОЧЕТОКОТ НА XX ВЕК,

КАДЕ Е СВЕТОТ?

Секоја подлабока анализа ќе покаже дека Балканот и Македонија се вратени на почетокот на XX век иако веќе длабоко навлеговме во XXI. Тогаш, заради честите војни во регионот и длабоката сиромаштија, населението масовно мигрираше често преку океанот во Америка и Канада и, се разбира – во Европа. Често одеа мажите сами, со намера да спечалат пари и да се вратат.

Денес се случува истиот феномен ама, најчесто, без намера за враќање. Под влијание на политиката и клерот, за да ги задржат етничките привилегии во земјата, Албанците градат големи куќи за да остават впечаток дека се, божем, тука, ама и тие нема да се враќаат. Од земјата бегаат главно млади самци/ици, ама и семејства, со мали деца.

Овој пат, дестинацијата е главно – Европа, иако се застапени и Австралија, Америка и Канада. Причините се слични како и некогаш – а) по распадот на Југославија имаше крвави војни; б) сиромаштијата е масовна; в) регионот е длабоко корумпиран; г) нема никаква правна заштита а тоа значи и основни човекови права; д) се’ е партизирано; ѓ) нема доволно работа а условите се лоши; е) школството е максимално деградирано а здравствената заштита слаба; ж); доминираат нови, нелегално збогатени олигарси; з) стандардот е неколку пати понизок од блиските европски земји…

Ситуацијата е повеќе од лоша, а многу бавно или воопшто не се менува. Тоа значи дека не само што нема никакви услови, туку нема ниту перспективи за нормален живот. Погледано заедно, сето тоа покажува и недостаток на безбедност. Од друга страна, развиените европски земји имаат потреба од квалификувана и способна работна сила и прават се’ да ја привлечат.

Во целина, овие негативни тенденции, и враќањето на Балканот на почетокот на XX век, е во добар дел „заслуга“ на „развиените западни“ земји, повеќето поранешни колонијални сили, коишто со векови го пљачкаа светот. Тие и сега прават се’ за да ја зачуваат својата привилегирана позиција, овој пат преку – глобализацијата. Сите светските институции само ним им служат: се водат политики коишто ги прават уште побогати а другите уште посиромашни. Пљачката на неразвиените продолжува со несмалено темпо.

Последен проект на богатите беше глобализацијата којшто значеше нова масовна – колонизација. Преку неа, речиси од целиот свет, богатите ги „прибраа“ банките, осигурителните компании, телекомите, ИТ индустријата, енергентите…. Кај нив се и воените индустрии кои работаат со највисоки профити, автомобилската и авионската индустрија,  фармацефтските компании… Зедоа се’ што е високо профитабилно, а на сиромавите им ја оставија текстилната и другите трудово интензивни индустрии и ниско профитабилни производни гранки. Најстрашен удар врз земјите од третиот свет е фактот што развиените, преку субвенции и други привилегии коишто им ги даваат на своите земјоделци, во голема мерка ги уништија аграрните капацитети на сиромашните, коишто им беа единствен адут. Факт е дека банките од еден долар вистинска пара развиваат дури до 32 долари кредити и други производи и врз сите нив пресметуваат камати! Што значи тоа, нека размисли секој. Затоа нивните банки доминираат во светот.

Веројатно единствен позитивен резултат од глобализацијата е успехот на Кина. Слободно може да се заклучи дека токму благодарејќи на условите кои беа создадени со неа, се случи кинеското економско чудо. За помалку од 30 години, земјата од XIX век премина во XXI. Што би рекол сингапурскиот гениј, Ли Кван-ју – од Третиот свет на неразвиените, во Првиот на најразвиените. Од заостаната и сиромашна земја, каде се умираше од глад, Кина стана формално втора ама, практично, најголема светска економска сила, барем според реалната куповна моќ на јуанот (според Purchasing Power Parity – PPP).

Балканот е посебна приказна. Заради вродената себичност, сакајќи и понатака тие се’ да имаат и  контролираат, развиените западни земји прават почетнички грешки. Место да ги дисперзираат своите индустрии низ нашиот регион, тоа важи пред се’ за Германија, тие стимулираат преселби во нивните земји. Можно ли е да не се свесни дека сами си ја сечат гранката на која седат? Изгледа дека не ги освести ни библиската преселба на народи од 2015 година, којашто германската канцеларка, Меркел, дури ја поздрави! А, неспорен факт е дека е тоа процес којшто само започна а ќе се шири и развива. Тоа никому не му одговара ама западните планери како да се слепи и глуви. Пред многу години, видовитата Ванѓа предвидела дека до 2050 година, или дури и нешто порано, Европа ќе биде исламизирана. Сегашните тенденции одат апсолутно во таа насока.

И место целиот свет да се сплоти околу клучните предизвици за човештвото а, освен рамномерниот економски развој, такви или дури и пострашни се климатските промени, тероризмот и причините кои го стимулираат, нерамномерниот демографски развој, нерационалното користење на водните ресурси, енергетската нестабилност… главните меѓународни фактори се концентрирани во наметнување на своите тесни интереси. Лидер во таквото однесување и најодговорни се секако САД, коишто се единствена светска супер сила. Свесни за постепеното релативизирање на нивната доминација, спремни се на се’ за да ја задржат та дури и прошират. Војната во Украина е класичен доказ за таквите нивни политики.

Со оглед дека глобализацијата се’ повеќе и користи на Кина, западните „демократии“ предводени од САД, полека ама сигурно, се откажуваат од неа и бараат нови форми за продолжување на својата привилегирана позиција. Војната во Украина секако ќе ги забрза промените на меѓународниот поредок. Намерата на САД да ја уништи моќта на Русија, ќе им се удри од глава. Бројни индикатори тврдат дека финалните резултати ќе бидат сосема поинакви од очекувањата на Вашингтон. Војната во Украина води во нови длабоки поделби во светот, посериозни од идеолошките, од времето на СССР. Треба да се очекува дека мудроста на Кинезите, Русите, Индусите, Бразилците, Јужно Африканците… заедно со огромен број на други народи, ќе насочува во правец на ново обединување на светот, врз основи слични на тие врз коишто функционираа неврзаните. Само така светот може да тргне кон долгорочен мир, стабилност, просперитет и соработка, коишто ќе генерираат прогрес за мнозинството народи. Војната во Украина дава таква шанса и ако не се искористи, кој знае дали воопшто ќе има следна.

Антируската еуфорија, којашто ја создаваат малу бројните ама богати „западни демократии“, поддржани од нивните сателити, не е реален одраз на состојбите во светот. Факт е дека, во ГС на ООН, 141 земја гласале за осуда на руската „специјална операција“ во Украина, ама 35 биле воздржани а 5 против. Меѓу нив биле и Кина и Индија и 38 други или околу две третини од светската популација. За разлика, тие што се против Русија претставуваат повеќе од 70 проценти на светскиот БДП, ама само 36 проценти од светското население. Во моментов е сигурно само дека, покрај Украина и Русија, и Европа ќе биде најголем губитник од војната во Украина и дека светот веќе нема да биде тоа што беше. Ако паметно се влечат потезите, ќе биде невозможно малцинството да продолжи да доминира со светот.

На крај, да го одбележиме и најновиот светски феномен: најбрзо  се развиваат и најлесно ги решаваат своите проблеми, државите со авторитарни режими. Кина е секако лидерот и главниот пример. Демократијата се’ повеќе се покажува и потврдува како неефикасен и неплоден систем. Се гледа дека двајца глупави, не можат и не смеат да бидат посилни од еден паметен, иако имаат два гласа. Слободно може да се очекува дека овие, засега не многубројни примери, во иднина ќе бидат следени од се’ повеќе земји. Праксата секогаш била појака од теоријата. Клучот секогаш бил во селекцијата на кадрите – ако се избираат најдобрите, успехот ќе дојде. Ако се селектираат партиски војници и други „подобни и лојални“, надеж нема да има. Социјализмот пропадна пред се’ заради лошата селекција а сега, барем во Македонија, таа е многу полоша од тоа време.

За сегашните негативни тенденции во регионот, клучна е и одговорноста на балканските држави. Добар дел од нив се’ уште се во раните периоди на минатиот век. Сетете се само што и правеше Грција на Македонија, и тоа цели 30 години? Или, какви средновековни политики сега спроведува Бугарија? Односите на Србија и Хрватска секако не се за пример. Ентитетите во БиХ не можат да се договорат за основни работи коишто се од интерес на сите. Албанија е концентрирана на реализација на големоалбанскиот проект и постигнува големи резултати. Тоа е основен мотив и за сите Албанци во регионот. Идејата за „Отворен Балкан“, пак, не може да заживее бидејќи голем дел од локалните политичари работаат во корист на штетата на своите држави… Не е спорно дека е голема улогата на странците во овие балкански трагедии, ама самите сме виновни што тие се менаџери на сите наши страдања. Новата епоха на Балканот, по многу што трагична, започна со претворањето на БиХ во федерација и разбивањето на територијалниот интегритет на Србија. Менувањето на границите по насилен пат отвори процеси чии крај се’ уште само не се наѕира.

                                                                             Ристо Никовски

Април, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ