Што сакаа Бугарите во Битола? (Втор дел)
Настаните во Битола имаа неспорна цел да покажат дека Софија одлучно продолжува со своите ментални девијации, прецизирани од БАН, потврдени во Владата, финализирани во декларацијата на нивното Собрание и распространети низ светот со „објаснувачки меморандум“. Јасно ни порачаа дека или ќе прифатиме дека сме биле „Бугари“ до 1944 година и зборуваме бугарски дијалект, или нема ништо од ЕУ. Во дадената ситуација, наш императив е преземање на радикални мерки за одбрана на нашите интереси.
Како прв чекор во таа насока, веднаш мора да се затвори Клубот во Битола и да се забрани делувањето на истоименото здружение. За тоа е доволно соопштението на Клубот дека – „Како што Путин го создаде Донбас, така Тито ја создал Македонија, нашата окупирана татковина“!? За да продолжат – „… и се’ уште живите делови од југословенската сатрапија во нашата Македонија го дефинираат како фашизам неизбежното враќање на бугарскиот идентитет во Битола, Охрид, Велес, Штип… во сета наша напатена Македонија“!? Што треба повеќе да ни кажат? Ова, што го објавија ден по отворањето на Клубот, е вулгарно негирање на Уставот на земјата. Отворено ни ги негираат македонската држава и македонскиот народ! Тоа покажува и потврдува дека не е во прашање никаков „културен центар“ туку фашистички бункер полн со опасен експлозив, којшто треба да ја распарчи Македонија. Тоа можеме да го толерираме само ако сме тотално неодговорни. Дали, по ова соопштение, некој се’ уште се сомнева која е главната цел за која е формирано здружението и е отворен клубот? Се зборува дека истоимен клуб ќе отвораат и во Скопје?!
Текстот на соопштението е вистинската порака од Битола. Јотова сигурно лично го донела од кабинетот на Радев. Барем во земјава, од никого до сега не сме доживеале ваков погром на македонизмот. Ако ова не е доволно за да се растури бугарската багра во Битола, тогаш мораме да бидеме свесни дека за ништо не не’ бива и не заслужуваме држава.
Следниот потег мора да биде итно покренување на постапка за откажување на апсурдниот договор за (не)пријателство. И бегла анализа покажува дека Софија ги прекршува сите негови клучни членови. Од друга страна, нема никаква логика да се потпишува некаков нов документ, којшто сега интензивно се подготвува, кога веќе имаме врвен дипломатски договор, којшто е причина за сите наши голготи, на коишто крволочно не тераат „браќата“ од Софија. Само така може да се излезе од ќор – сокакот наречен бугаризација на Македонија и бришење на македонскиот народ. Се’ друго не води во длабок амбис, од којшто ќе нема враќање.
Паралелно, треба да се иницираат преговори за нов реципрочен договор, којшто нема да води во разнебитување на Македонците, преку „заедничка историја“ и „македонски јазик од Уставот“, туку ќе ги вклучи и правата на нашите во Бугарија. Надвор од умот е ние да внесуваме непостојни Бугари во нашиот Устав а нашите во Бугарија да ги игнорираме. Мора итно да се менува нашата крајно инфериорна моментална позиција во однос на Бугарија, којашто никогаш нема да не доведе до Унијата. Сега, ние за членство преговараме со Софија, а не со Брисел. Тоа кажува се’. Се доведовме во ситуација, не само од Софија, туку и од Вашингтон, Брисел, Берлин… нашиот третман да биде како да сме аморфна маса од народ и последна светска колонија, што значи само територија. Статус на протекторат (држава) за нас е сега нешто незамисливо.
Само со такви потези може да се отвори патот кон Унијата. Откажувањето на договорот воопшто нема да го одложи нашето зачленување бидејќи е во прашање процес којшто ќе трае најмалку 15, а многу поверојатно 20 и повеќе години, ако воопшто некогаш и се заврши. Заради познатите негаторски ставови кон Македонците, пак, ќе биде речиси невозможно да се постигне нов договор ама, барем, ќе бидеме рамноправни во преговорите. Тоа е единствен начин да се избориме за нашите универзални права да бидеме тоа што сме, и да си го вратиме достоинството. Сите од политиката, коишто го толерираат сето ова што ни се случува и особено што ги премолчуваат сите уцени коишто секојдневно доаѓаат од Бугарија, се однесуваат крајно неодговорно.
Финална анализа на настаните во Битола покажува дека нашите медиуми демонстрираа врвно единство во осудата на бугарското невидено понижување на македонскиот народ и држава. Немаше никакво разбирање за овие навреди, дури и лица, како Денко Малески, коишто најчесто се позиционираат против основните интереси на Македонија. За разлика, реакциите на претседателот и премиерот беа далеку од нивото на бугарското игнорирање на македонската држава. Пендаровски започна со – „Не спорејќи ја добрата намера на Петков…“, ако за него во настаните во Битола имало и некаква – „добра намера“, значи дека не разбрал што се случи. Му пречело присуството на нашите докажани душмани – „двајца претставници на поранешната власт“, со којашто тој максимално соработуваше, за да заклучи – „во Битола беше направен ОБИД еден докажан соработник на хитлеровиот фашистички режим да биде претставен како мост за зближување…“. И толку! Ова личи како некој да ви ја изгори куќата а вие да го опоменете – немој да си играш со оган.
Премиерот, пак, даде две изјави. Во првата, за МИА, Ванчо Михајлов го нарече „контраверзна личност“, а тој е докажан злосторник, и неаргументирано ја оправдуваше нашата согласност за настанот. Сепак, додаде дека кај нас – „со нетрпение се очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои, на пример, имаат македонско самосознание на ист ваков слободен начин ќе можат да ги практикуваат своите уверувања“. Додека Софија зборува за „Македонски Бугари“, какви што нема, се бори и поставува нелегални блокади и ултиматуми за нив, премиеров наш како да се извинува, и како да очекува Господ да се смилува („да созрее времето“!?) за некои со „македонско самосознание“!? А таму има бројно македонско малцинство! Има луѓе кои со генерации се Македонци! Настанот во Битола беше гнасно бесчестие, коешто не може да се нарече – „…на ист ваков слободен начин…“.
Од неговото второ обраќање, преку видео, нема што да се цитира освен дека не отстапува од одлуката – „разговорите со Бугарија да се водат достоинствено и во духот на европските вредности“. Зарем на премиерот не му е јасно дека со Бугарија не „разговараме“ туку преговараме за живот и смрт? Дека за нас нема ништо достоинствено во сето тоа; дека сме на дневна основа посрамени, навредени и понижени; дека секојдневно даваме бесмислени и еднострани отстапки; дека го разнебитуваме сопствениот национален идентитет? И, во сето тоа, нема ниту грам европски вредности.
И кај претседателот, и кај премиерот, нема осуда на безобразниот настан во Битола, камоли на бугарската вулгарна и агресивна политика кон нас; нема барање за реципроцитет за отворање на слични центри и клубови на Македонците во Бугарија; нема оценка дека Софија целосно го игнорира и злоупотребува договорот за (не)пријателство; го минимизираат настанот како никаков ОБИД за нешто, а беше флагрантно игнорирање на се’ македонско… А, како ќе има осуда или реакција од наша страна, кога сме дале согласност Бугарите да си играат мајтап со нас и да не прават недоветни?
Впрочем, се’ е јасно ако се додаде дека во исто време, во Мелник, се чествуваше годишнина на Јане Сандански без никој од нашите политичари да биде таму, а Софија не им дозволила да користат озвучување! Нашата Амбасада пратила порака, сигурно инструирана да не оди на настанот! Што ќе ни е тогаш Амбасада? Или, имале нешто поважно?
Непотребна врева се крена зошто Јотова кажа дека нема Македонци во Бугарија, поточно дека никој не ги спомнал. Таа е сосема во право. Освен Пендаровски, којшто во една прилика, можеби по грешка, рече дека ги има, потоа, кога ги прими нашите од Бугарија, не соопшти дека се тие Македонци! Невидено и не чуено! Никој друг од власта не се осмелил да ги спомне. Османи не би го сторил тоа и, ако треба, прво ќе си го гризне јазикот! Впрочем, тој сигурно не би се однесувал така, ако се албански интереси во прашање. Нели, одеше по министерства за да види дали има натписи на албански. Наше е, меѓутоа, да оцениме дека начинот на кој Османи ја води надворешната политика е неприфатлив и контрапродуктивен. Не треба да има дилеми дека е токму затоа и поставен на функцијата. Крајно време е да биде сменет. Но, мора да му се признае дека во секоја ситуација наоѓа соодветни одговори, иако фактите се крајно непријатни.
Неприфатливо е што Османи се појави во Битола. Макар формално, тој на бугарската посета и даде некаков работен карактер што беше крајно безумно. Така, целиот настан доби поинакво светло. Нема друго објаснување отколку дека и Османи се вклучи во бугарската провокација, како што самиот ја окарактеризира.
Иако ситуацијата во која се наоѓа Македонија е алармантна и критична и бара итна акција за излез од тунелот, тешко е да се очекува дека оваа власт ќе преземе било што за спас на македонизмот. Како „глобалисти“, нашава збирштина од политичари не се занимава со ситни национални и државни проблеми. Крајно време е како народ да се заинтересираме за нашата судбина. Мора да ни биде јасно дека позитивни промени се можни само со нови избори.
Ристо Никовски
Април, 2022