Великани на светската историја: Најголемиот и највеличенствениот – Мухамед Али
На 03 јуни годинава навршуваат 6 години од заминувањето од овој свет на најгоемиот спортист, борец за човекови права и хуманист – Мухамед Али. Денес се потсетуваме на него, на неговите борби и на неговите спортски и животни победи.
Името му е Касиус Клеј, алијас Мухамед Али. Боксерскиот прекар му е “Најголемиот“. Во спортската легенда влезе како прв боксер тешкаш на кого му појде од рака три пати да ја освојува светската титула во бокс во тешка категорија. На тој начин успеа да ја собори легендарната изрека на познатиот Нет Флејшер, оснивач и уредник на списанието “Ринг“, кој велеше: “Тие никогаш не се враќаат“, мислејќи на светските шампиони во бокс кога ќе ја изгубат титулата. Но, ете, “брбливкото“ од Луисвил успеа да го демантира Флејшер и тоа не еднаш туку два пати.
Касиус Клеј роден е во Луисвил, САД, на 17 јануари 1942 година. Имал среќа многу рано, на 12 годишна возраст, да влезе прв пат во боксерска сала и да удира по боксерските вреќи. Го засакал боксот и упорно тренирал секојдневно, сакајќи да ги совлада сите тајни на племенитата вештина. Во 1960 година, како 18 годишник оди на Олимписките игри во Рим, каде во олимпиското село на сите им делел фотографии на кои пишувало: ‘’Касиус Клеј. Најголемиот’’. Тогаш никој сериозно не го сфаќал, но кога се пласирал во финалето на боксерскиот турнир и го победил полскиот боксер Збигњев Платичковски, тогаш најдобар светски боксер, и освоил златен медал, сите почнале да се прашуваат, кое е тоа црномуресто момче, од каде изникна и како успеа да ги победи сите негови ривали. Тогаш светот го запозна Касиус Клеј, на кого олимпиското злато ширум му ги отвори вратите на професионалниот бокс.
етири години ги победуваше своите противници, најчесто нокаутирајќи ги, и така му се укажа можност да го предизвика актуелниот светски шампион Сони Листон. Листон, наречен ‘’Мечката’’, беше силен удирач кој со еден удар ги кршеше ребрата на своите противници. Сепак, Клеј не дозволи да биде еден од нив, и воопшто не му се плашеше на светскиот шампион. Како голем брборко му порачуваше: “Не можеш да го удриш оној што не можеш да го видиш“, алудирајќи на брзината на своите нозе. Клеј беше одважен, самоуверен и доволно храбар боксер кој го победи големиот и моќен Листон и стана светски шампион на неполни 22 години. Од тогаш е и митската слика, на која Листон е ничкосан на подот од рингот, а Мухамед Али над него е со високо кренати раце слави и покажува дека е најдобар. Останатото е историја. По освојувањето на светската титула, најпрвин џентламентски му даде реванш на Листон, и го победи повторно, а потоа имаше историски мечеви со Флојд Патерсон и Џорџ Чувало, кои исто така ги победуваше.
Мухамед Али не беше само обичен шампион, туку и шампион на шампионите-своевиден феномен на спортот на “црната“ и “белата“ Америка, а подоцна и во целиот свет. Со начинот на борба во рингот, но и со дејствувањето надвор од просторот на “магичниот четириаголник“ засекогаш навлезе во срцата на љубителите на најплеменитиот спорт-боксот, но и на неуморните борци за правда и човекови права. Таму каде што многумина потклекнуваа, паѓаа со духот, тој, големиот Мухамед Али, остануваше прв на браникот на животните уверувања, подготвен во рингот и надвор од него да ги оствари животните соништа. Ги оствари, изодувајќи го најтешкиот пат, и преку трње, стигна до соѕвездието на спортските легенди.
Да се потсетиме: многу одамна, големото востание против политичкиот и бирократскиот естаблишмент го поведе Мухамед Али, така што се спротивстави против војната во Виетнам, ја започна битката за мир во светот и битката за човекови права и еднаквост на црнците со останатите. Бирократите од Вашингтон му ја одзедоа титулата на апсолутен шампион во светот во тешка категорија, а потоа го пратија во затвор. Сето тоа беше залудно. Не успеаја да го скршат големиот борец, не само во рингот, туку и во животот воопшто. Со своето одлучно “Не!“ на војната и со својата енергична борба за правата на онеправданите, тој, Мухамед Али, светскиот шампион во бокс во тешка категорија, израсна во најголем спортист на 20от век, најголем спортист откако е светот и векот и во еден од најголемите борци за човекови права.
Сите знаеме, боксерот што ги ничкосуваше своите противници со зборови исто како и со тупаници успеа да ја нокаутира и владеачката елита на САД и да стане икона на една нова Америка, Америка оличение на неговите соборци Мартин Лутер Кинг и Малком Икс. Да не заборавиме дека Мухамед Али е прогласен за најголем спортист на сите времиња. Во негова чест напишани се многу книги и снимени се филмови, списанието “Ринг“ го прогласи за најголем боксер на сите времиња (1998 год.), а Би-Би-Си во 1999 година организираше најголемо гласање за спортист на 20от век, во кое учествуваа боксери, боксерски експерти, новинари и вљубеници во боксерската вештина, и тој, Мухамед (“Оној кој е вреден за респект“) Али (“Еден од четирите калифи“) е прогласен за најголем спортист на столетието.
Како Али го постигна сето тоа?
Тој ја користеше техниката на креативно размислување со одење кон спротивното со што добива предност. Така, сите велеле дека тешките луѓе не можат да танцуваат, но тој го докажа спротивното. Кога боксуваше во рингот и ги победуваше своите противници, тој буквално танцуваше. Исто така, сите тврделе дека кога боксуваш треба да ги држиш рацете дигнати во гард. Али го правеше спротивното. Кога тој боксуваше неговите раце најчесто беа спуштени но тоа не му пречеше трипати да ја освојува титулата апсолутен светски првак во супер тешка категорија. Сите тврделе дека големите луѓе не можат да бидат брзи, но Мухамед Али го докажа спротивното. Тој беше најбрзиот боксер на светот. Таа негова способност да оди спротивно на традиционалното размислување му овозможи да го издигне боксот на сосема нови креативни нивоа.
Неспорно е дека беше и остана “надбоксер“, “лесна коњица“ во нозете и “тешка артилерија“ со тупаниците и ударите. Шармантен играч во ритамот на рефлексите каков што светот не беше видел од времето на извонредниот Реј Шугер Робинсон. Тој најдобро осозна и почувствува што значи повторно да се освои славата и светскиот примат, но и што значи повторно да се брани стекнатото. Како што митската птица Феникс повторно се враќа од својата пепел, така и Мохамед Али после 43 месеци отсуствување од боксерската сцена, од пепелта на параграфите и воените закони повторно се врати во арената, посигурен во себе од било кога. Своето триумфално враќање го изведе многу макотрпно и затоа за него беше подрагоцено од било што.
Се сеќаваме на ‘’Мечот на столетието’’ помеѓу него и Џо Фрејзер во 1971 година, кога тој буквално го отече противникот од удари но на крајот загуби. Три години подоцна во реваншот го прегази Фрејзер и неговите тренери го фрлија пешкирот во рингот во знак на признавање на поразот (за оваа борба Али ќе изјави ‘’Ова е полошо и од смртта..’’). А потоа следуваше непобедениот дотогаш Џорџ Формен. Сите паметиме како дотогаш непобедливиот боксерски џин и убавец Формен, го прати во царството на соништата и така повторно се искачи на шампионскиот пиедестал. Се разбира, има најразлични победи, но оваа, наречена ‘’Грмотевица во џунглата’’, за Мухамед беше најголема и најдрагоцена. Неговото величествено враќање во тропската ноќ во Киншаса, беше врв на една макотрпно изградена пирамида на необичен спортски и животен пат на најавтентичниот крал на рингот.
На прв поглед се вљуби во боксот и со тек на времето го прифати како пасија и професија. Многу спортски новинари, боксерски аналитичари и експерти, психијатри и психолози се обидуваа да ја објаснат вистинската личност на Мухамед Али, “брбливкото“, фалбаџијата и многу често конфузниот во своите изјави. Се сеќаваме, сега веќе на историската сцена кога Клеј пред борбата со Сони Листон, во присуство на својот противник, судиите и новинарите после мерењето ја даде следната изјава: “Запаметете, јас сум крал на рингот! И најјак сум на светот! Можам да победам кого сакам. По рингот летам како пеперутка, а кружам околу противникот и го касам како оса. Недопирлив сум….“.
Според боксерскиот стил беше феномен кој умееше противниците да ги наведе на грешки, да ги надмудри и да направи да се чувствуваат смешни. Накратко имаше разработено нешто што може да се нарече психологија на борба со дух и тело. Тоа беше неговиот живот. Подеднакво храбар и во рингот и надвор од него. Две полиња за битка, а една борба. Борба за слобода, правда и еднаквост за целиот свет. Но и голем хуманитарец, кој цел живот ги помагаше болните, загрозените и сиромашните. Заслужено ги доби највисоките награди ‘’Претседателски медал на слободата’’ и ‘’Духот на Америка’’. Затоа е единствен и неповторлив. Стави на коцка се што имаше и се што му значеше нешто: титулата светски шампион, животните принципи, уверувања и ставови, статусот и славата. На крајот излезе како херој, јунак, човек со морални и етички принципи, личност на која можат само да и се восхитуваат.
Како успеа во сето тоа?
Беше повеќе од храбар, немерливо упорен и одважен и самоуверен да победи секого и да биде шампион. Од 1984 година па до 3 јуни 2016г. храбро се бореше и со подмолната Паркинсова болест, и на истата и одолеваше цели 32 години. Најгордо се чувствувал кога на прашањето на својата ќерка ‘’Од каде ти е храброста да се бориш против Владата на САД?’’, одговорил дека научил кој е како црнец и осознал дека е рамноправно човечко суштество и оти никој не може да му го одземе тоа. Тоа му било најважно од се! На тој начин, всушност покажа и докажа дека е најупорен борец и ненадминат и неповторлив шампион. Најголем од сите.
Пишува: Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денес ќе се…
Денес на дневен ред на Постојаната анкетна…
Koчоска: Цените не се многу високи, горивата…
Горивата се берзански производ на кој не…
Руски генерал: Третата светска војна веќе започна,…
Откако израелската армија нападна ирански цели во…
Toшковски го пофали обвинителството: Обвинението пристигнало во…
Претседателот на кочанскиот суд, Спиро Борисов, во…
(Видео) Пеката од ВМРО-ДПМНЕ како студент имал…
Во најавената епизода на „На кавга со…