Великани на светскиот спорт: Јохан Кројф – Револуционер и романтичар на светскиот фудбал
Во време кога најголемите европски и светски фудбалски клубови се банкротирани, финансиски и фудбалски, и кога на до вчера непознати фудбалери им се исплаќаат договори од стотици милиони евра или долари, редно е да се потсетиме на вистинските фудбалски вредности и најголемите фудбалери/уметници на фудбалската игра. Секако, тоа се Пеле, Кројф, Марадона, Платини, Зидан, Еузебио, Бекам… Сеќавањата за најсветлите моменти на фудбалската игра ќе ги отпочнам со фудбалскиот волшебник со бројот 14 на грбор – Јохан Кројф.
Приказната за легендарниот холандски фудбалер Јохан Кројф, ќе ја отпочнам со импресиите за еден музички концерт. Една саботна вечер, во Домот на културата ‘’Иван Мазев – Климе’’, во Кавадарци, присуствував на концерт на пијано, на дуото, Маја Божиновска и Мимоза Ќека – две извонредни млади пијанистки. Двете млади дами на репертоар ги имаа Франц Шуберт и Сергеј Рахмањинов. Концертот го завршија со ‘’Glory’’(‘’Slava’’). Тоа е една извонредна музичка пиеса во Allegro moderato. Додека уживав во темпото и ритамот на оваа музичка нумера, низ главата ми поминуваа слики од фудбалската умешност, поточно фудбалското волшебство на Јохан Кројф, кој почина на 24 март, 2016г. На голема жалост на сите вљубеници во најубавата споредна работа на светот – фудбалот, а и не само на нив, почина Хендрик Јоханес Кројф, попознат и славен само како Јохан Кројф. Од фудбалскиот свет се пресели на небескиот терен единствениот и неповторлив филозоф на фудбалската игра, и стратег и уметник на модерниот фудбал. Во тие мигови одлучив во негова слава да ја напишам оваа колумна(која денес ја репринтирам со одредени измени и надополнувања), и да му оддадам достојна почит. Почит кон фудбалскиот генијалец, на магот на напаѓачкиот фудбал, на творецот на тоталниот фудбал.
Јохан Кројф со сфаќањето и практикувањето на фудбалската игра, секогаш беше пред своето време. Феноменален фудбалер, најдобар на сите времиња во Европа, еден од најдобрите во светот. Припаѓаше на ретките фудбалски виртуози – напаѓачки градители на играта. Посебна категорија. Тоа се славните ‘’десетки’’: Пеле, Платини, Марадона, Зидан, Матеус, Гулит, Пирло. Но, Кројф беше уште по посебен. Тој на дресот го имаше бројот 14, во времето кога беа дозволени броеви од 1, на голманите, до 11, на левите крила. Единствено на него му беше дозволено на грбот да ја носи 14-та, со која планетарно се прослави како вон сериски и вон временски фудбалер на Ајакс, Барселона и фудбалската реперезентација на Холандија. Беше играч со интуитивно разбирање на ситуацијата на фудбалскиот терен за време на натпреварот. Слично на плејмеркетот во кошарката. Имаше завидна техника, неверојатна подвижност, одлично темпирани спринтови, пеколен финиш, опасни слободни удари, долги дијагонали, брзи и остри пасови точно на нозете на соиграчите, и најповеќе од се спектакуларни дриблинзи.
Фудбалот што го играше беше динамичен, со движење по целиот терен, од голманот до левото крило. Сите во напад, сите во одбрана, ова второто, само кога е неопходно. Голем, брз ритам, убиствена динамика. Така и е поставена теоријата за тотален фудбал. Од фудбалските стратези, холанѓанецот Ринус Михелс и романецот Штефан Ковач, но и сите играчи на Ајакс и националниот тим на ‘’Лалињата’’: Сурбие, Хусхолф, Бланкенбург, Крол, Нескенс, Мирен, Хан, Реп, Кајзер. Сепак, Кројф беше ‘’Кинг’’ на тој тоталитет. Фудбалски ас на теренот, ѕвезда која најмногу сјаеше. Предводник на новото време. Неговиот фудбалски перформанс беше фудбал на иднината. Фудбал на атомската ера, фудбал до последниот здив. Јохан Кројф беше последниот фудбалер со авторитет на теренот, помеѓу соиграчите и противниците, но и признат интегритет помеѓу тренерите. Знаеше да каже дека фудбалерите се поважни од големите фудбалски учители кои ги тренираат. Често влегуваше во конфликти со луѓето кои го водеа и тренираа, од кои како по правило тој излегуваше победник. Меѓу другото и затоа беше многу ценет. Се сеќавам кога во Барселона дојде големиот фудбалски стратег и маг на фудбалската игра, германецот Вајсвалер, тој бргу-бргу влезе во расправија со него. Полемиката беше за тоа каква треба да биде неговата улога и на кое место треба да игра во тимот. Германецот инсистираше тој да биде ‘’шпиц’’ во нападот, гол-играч, а ‘’летечкиот холндес’’ – Кројф само изјави :’’Јас сум играч за врска, играч кој ја гради играта. Не сум шпиц играч и нема да ја играм таа улога’’. Познато е, бидна по неговото: Вајсвалер си замина, а тој со Барселона ги постигна најголемите успеси во историјата на тимот, и како играч и подоцна како тренер.
Како му успеа сето тоа?
Па едноставно тој беше вљубен во победите, и повеќе од било кој ги посакуваше. И на теренот, и оние надвор од теренот. Роден победник. Најголем! Според мене и последен Мохиканец на ‘’Bel-epoque ‘’ во фудбалската игра, сфатена како тимска игра, во која умешноста на големите ѕвезди е во интерес на тимот. Во таа смисла Кројф често изјавуваше: ‘’Не, никој не може ништо сам. Дури ниту јас. За успех, конечен успех на екипата се бара ’акција’, не само моја, не само на играчите во нападот, туку акција на сите единаесет играчи’’. Кога на оваа фудбалска филозофија ќе ги додадеме невидената дотогаш елеганција, долгиот чекор, мекото движење, единствениот стил, идеите, визијата, умешноста и мајсторските потези на теренот, го добиваме прототипот на тоталниот фудбал што го играше Кројф со соиграчите во клубовите каде настапуваше и во националната репрезентација на Холандија. Тој внесе нов дух, нов менталитет на игра, но и нов тип и нов карактер на играчи, каков што беше тој.
Ќе биде запаметен како најголем револуционер и иноватор на модерниот фудбал, човек кој по втор пат го создаде новиот Ајакс, но и стратег кој ја создаде познатата академија за фудбал на Барселона Ла Месија, во која се создадоа и феноменалните играчи Иниеста и Чави, но и генијалецот Меси, и започна ерата на доминација на Барселона во европскиот и светскиот фудбалот. Тоа е Кројф револуционерот на светскиот фудбал. Барселона предводена од ‘’децата’’ на Кројф – Рајкард, Гвардиола и Енрике. Значи, неговото влијание на светскиот фудбал е двојно: како уникатен и извонреден фудбалер, но и како ненадминат визионер и фудбалски стратег и педагог. Има и едно друго влијание кое можеби е и најголемо. Изразено е во реченицата на Гари Линекер, кој изјави дека фудбалот го изгубил човекот кој допринесе за убавината на фудбалската игра најмногу од било кој на светот. Тоа е големо признание од голем голгетер, за уште поголем фудбалер и тренер. А не се мали и признанијата од Рајкард и Гвардиола, кои изјавуваат дека за се што научиле и постигнале во фудбалот, благодарни му се на нивниот учител Јојан Кројф. На што тој ги учеше и научи своите ученици? Целата филозофија на фудбалот е да си на правото место во вистинско време. Во спротивно, или сте преураниле, или сте закасниле. Советуваше дека фудбалот се игра со глава, дека топката е есенцијалниот дел од играта, за да победите во фудбалот морате да дадете гол повеќе од противникот, а ако не можете да победете, потрудете се да не изгубете. Од секоја негова реченица бликаше мудрост, вистинска филозофија на фудбалот.
И сега, со таква филозофија, каков фудбал играше Кројф?
Неговиот фудбал се граничеше со уметноста. Тоа што Кројф и Ајакс го играа во 1971, 1972 и 1973 година, кога беа најдобри во Европа и светот и ги освоија сите континентални и интерконтинентални титули е чиста фудбалска уметност. Фудбалот пак демонстриран од страна на фудбалската репрезентација на Холандија, на Светското првенство во Германија 1974 година беше и повеќе од фудбалска уметност. Тоа беше фудбалски балет во портокалово. Балетски движења на фудбалскиот терен. Нешто не видено до тогаш. Уникатно, оригинално. Балет во движењата и потезите со топката, симфонија во ритамот и темпото на фудбалската игра. А според елеганцијата, духот и покажаната техника и целокупна умешност и балет во копачки и фудбалска симфонија на теренот. Какви воодушевувачки само беа стартовите од место, претрчувањата на противниците, спринтовите, дриблинзите, триковите, проигрувањата и головите. Убавина. Фудбалска генијалност.
Тоа е Кројф, последниот романтичар на фудбалот. Чинам со збор не може да се искаже и опише, со филмска лента не може се да се фати и сними. Тоа може само со музика и со балетските движења да се искаже. Единаесет фудбалери, а една мисла, еден дух на цела екипа. А диригентот се знае: фудбалскиот Фонкарајан, тогаш и засекогаш, беше и ќе остане, легендарниот Јохан Кројф. И не случајно големиот ‘’Гардијан’’ констатираше: ‘’Со Јохан Кројф грациозноста на Рудолф Нуреев се појави на фудбалскиот терен. И фудбалот никогаш повеќе не беше истиот’’. Токму затоа, точна е неговата констатација дека на извесен начин тој е бесмртен.
Пишува: Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тројца лишени од слобода за разбојништво во…
На 19.06.2025 на подрачјето на Гази Баба,…
Адвокатот на Палевски предлага ослободителна пресуда
Адвокатот Јовица Страшески на денешното судско рочиште…
Гужва на граничните премини: На Богородица задржувањето…
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,…
Падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е реален,…
Падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е реален,…
(Видео) „ВМРО-ДПМНЕ подготвува криминал тежок 2 милијарди…
„СДСМ денес алармира за сериозен сомнеж за…